Македонија
(Видео) Каракамишева: Законот се користи за да се удомат кадрите на СЈО

„Законот е лоша имитација на оној од 2007 година, да беше реформски, ќе имавме сосема нов закон, а не лоша компилација од претходниот за кој имаше забелешки од Венециската комисија и тие да бидат вметнати во овој закон“, рече професорката по уставно право, Тања Каракамишева, на дебатата за законот за Јавното обвинителство. Според неа, со овој закон не е намерата да се донесе реформа во правосудниот систем, туку да се удомат кадрите на СЈО.
„Ова е имитација на реформски акт. Полтронско вметнување одредби од забелешките од 2007 година. Ќе ви дадам еден пример – ако некоја девојка во 2007 година побарала мислење од моден креатор за облека, дали по 13 години, кога таа е веќе оформена жена, би ја носела таа креација? Сметам дека предлагачот го користи овој закон да ги удоми кадрите на СЈО“, рече Каракамишева.
Таа додава дека законот е противуставен и дека во ваква верзија не треба воопшто да се носи, туку да се изработи нов. Вели дека сè уште стои на ставот дека и Законот за СЈО не требало да биде донесен.
„Цврсто стоев на ставот дека Законот за СЈО ќе го поткопа правниот систем во државата. Се покажа дека сум била во право“, додаде Каракамишева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Шукова: Скопје без хартија, дигитален град за сите

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска пред медиумите говореше за отворено и технолошки напредно Скопје преку иницијативата „Скопје без хартија дигитален град за сите“, што е дел од нејзината предизборна програма.
„Мојата визија за Скопје е град што функционира транспарентно, ефикасно и современо град што им служи на граѓаните,“ истакна Шукова.
Таа објасни дека концептот „Скопје без хартија“ претставува дигитална револуција во функционирањето на градската администрација, со цел секој процес да биде брз, достапен и видлив за сите.
Според Шукова, дигитализацијата на јавните услуги е темел на новиот модел на управување.
„Преку алатката „Отворен буџет“, граѓаните ќе имаат постојан увид во трошењето и распределбата на јавните средства. Електронските јавни набавки обезбедуваат транспарентност и одговорност во секоја постапка“, рече Шукова.
Еден од клучните проекти во нејзината програма е Paperless City 2029, кој предвидува воспоставување на единствена дигитална платформа што ќе ги поврзува сите градски услуги, со овозможен пристап до документи и плаќања, до информации за граѓаните и бизнисите на едно место.
Во рамките на проектот е развиена и мобилна апликација преку која граѓаните и туристите ќе добиваат информации за јавен превоз, настани и услуги во реално време, што, како што истакна Шукова, ќе придонесе за поголема поврзаност и функционалност на градот.
Македонија
(Видео) Филипче до Мицкоски: Или сфати дека си избран да ја водиш државата или да си одиш

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавите на премиерот Мицкоски, порача дека премиерот треба да престане со спинови и да почне да се соочува со реалните проблеми во државата.
„Премиерот треба да престане да спинува. Има сериозни економски проблеми и прашања на кои треба да одговори. Кога човек нема што да каже, кога нема со што да се пофали – ниту проект, ниту добра прогноза за земјата – тогаш забегува кон вакви некакви лаги,“ изјави Филипче.
Тој додаде дека владата се соочува со сериозна економска стагнација и дека тоа го потврдуваат и меѓународните институции.
„Нема раст, има пад на просечната плата, скок на цените на основните производи, затворање компании и луѓе кои секојдневно остануваат без работа. Наместо да се занимава со овие проблеми, премиерот измислува афери и скандали,“ рече Филипче.
Лидерот на СДСМ оцени дека државата оди кон економски колапс и дека е време владата да преземе одговорност.
„Време е оваа влада да сфати дека или треба да ја води државата како што треба – или да си оди. Граѓаните не заслужуваат незаинтересирана власт без резултати и без работа,“ порача Филипче.
Македонија
Фактот што среде изборна кампања се случува ваков атентат, е сериозна закана за демократијата и безбедноста во државата: Адеми за вооружениот напад

Длабоко сме загрижени и потресени од вооружениот напад врз нашиот кандидат и носител на советничката листа во Општина Липково, д-р Зеќирија Шахини, кој беше застрелан од маскирано лице и ранет.
За среќа, неговиот живот е надвор од опасност, но самиот факт што во сред изборна кампања се случува ваков атентат претставува сериозен аларм за демократијата, јавниот ред и безбедноста во државата, истакна денеска потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.
Ова, како што оцени, не е обичен инцидент, туку тежок, намерен и морбиден чин кој има за цел да создаде несигурност, страв и тензии.
„Остро го осудуваме овој варварски и криминален акт и бараме итна, сериозна и транспарентна реакција од надлежните институции – особено од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство.
Прикривањето на вистината, одвлекувањето на вниманието или релативизирањето на настанот се неприфатливи и опасни.
Додека МВР информира дека „две лица во движење пукале со огнено оружје кон едно возило“, првичните факти, сведоштва и снимките од безбедносните камери јасно укажуваат на директен напад од вооружено и маскирано лице кое делувало со јасна намера да му го загрози животот на нашиот кандидат“.
Ова, додава Адеми, не е обичен случај, туку настан со силни индикации за атентат, и порачува дека мора да се третира како таков.
„Нашите барања се јасни и легитимни: Да се преземе итна акција, без одложувања и без политички калкулации; Да се идентификува и уапси сторителот, како и сите лица вмешани во организирањето на овој напад; Јавноста да биде навремено и транспарентно информирана, бидејќи безбедноста на граѓаните е државно, а не партиско прашање.
Овој случај не смее и не може да остане без епилог, а истиот мора да се заснова на факти.
Секое молчење или институционално одолговлекување би претставувало сериозна неодговорност и директен ризик за безбедноста во државата.
Доколку е можно политички кандидат да биде нападнат со огнено оружје во сред изборна кампања, во сред град, тогаш ниту еден граѓанин не може да се чувствува безбеден“.
Предупредува дека толерирањето на насилството ќе има сериозни последици по јавната безбедност, изборниот процес и угледот на државните институции.
Упатува повик до Владата, МВР и Јавното обвинителство веднаш и сериозно да постапат како гаранти на редот и законот.
„Ќе останеме решителни на патот на законитоста, зрелоста и политичкото достоинство“.