Економија
Заев: Развој на индустриската зона Визбегово и флексибилни царински мерки се дел од заедничките решенија

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со стопанственици членки на Стопанската комора на Северозападна Македонија, а пред работниот состанок изјави дека ќе дискутираат за сето тоа што е важно за домашните субјекти, претставени преку Комората на Северозападна Македонија.
„Тоа што ќе ни го укажат коморите од нивното секојдневие, ќе биде вградено во изборната програма, која верувам ќе се преточи во владина програма, за да можеме да работиме поефикасно и поуспешно во имплементацијата на создавањето подобри економски услови во нашата земја, за нашите компании“, истакна претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во изјавата за медиуми непосредно пред работниот состанок со стопанственици членки на Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Во рамки состанокот, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ги потврди заложбите за поддршка и соработка во функција на интензивирање на економскиот раст на земјата како важна цел за раст на приватниот сектор и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
„Целта е да се создадат услови кои значат поголема мотивација на компаниите да инвестираат, да создаваат профит, а со тоа да расте бруто-домашниот производ (БДП), трговијата и извозот, да се отвораат повеќе квалитетни и добро платени работни места“, подвлече претседателот Заев осврнувајќи се на темите од интерес за надминување на одредени состојби со кои се соочува бизнис-заедницата како правната сигурност, ефикасната јавна администрација, подобрувањето на пристапноста и создавањето современ скијачки центар во Попова Шапка, како следни предизвици за кои треба да се создадат долгорочно одржливи решенија.
Во таа насока претседателот Заев ја истакна важноста на потпишување на договорот со кој започна изградбата на автопатот Скопје – Блаце, особено економската важност за индустриската зона Визбегово, со што ќе се подобрат условите за компаниите кои функционираат таму.
„Патот Скопје – Блаце нè води до Република Косово, којашто е важен стратешки партнер каде што имаме суфицит во делот на трговијата , односно повеќе извезуваме отколку што увезуваме. Со Косово имаме компатибилно стопанство и ова се доволни причини за изградба на патот согласно процесот на урбанизација на индустриската зона Визбегово. Сме во подготовка на потпишување на договорот за one stop shop на граничниот премин на Ќафасан. Сум информиран од премиерот Спасовски дека службите ги привршија работите, и сето тоа ги застапува интересите на бизнисмените кои членуваат во комората. Редовно ги следиме потребите и барањата на стопанството и реагираме преку соодветни мерки и решенија. Една од нив секако се флексибилните царински мерки“, заокружи претседателот Заев и увери дека ќе продолжат преговорите за изнаоѓање на заеднички решенија кои ќе бидат во интерес на економијата, државата, стопанствениците и работниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.
Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.