Култура
Македонскиот студент Виктор Ивановски ја освои престижната награда за анимиран филм во Лос Анџелес – ANNIE
Виктор Ивановски, студент по анимација на Sheridan College, Канада, е дел од екипата што работеше на анимираниот филм The Fox and The Pigeon, кој годинава ја освои престижната награда за најдобар студентски анимиран филм – ANNIE, на 47. издание на манифестацијата Annie awards во Лос Анџелес.
Македонскиот студент Виктор, заедно со уште десет студенти (Michelle Chua, Aileen Dewhurst, Sharon Gabriella, Sang Lee, Tyler Pacana, Kevin Sung, Morgan Thompson, Chelsea van Tol, Matt Waton and Steven Wang) од Sheridan College работеа на реализација на филмот, при што Виктор е корежисер, а воедно е композитор и интерпретатор на музиката за филмот.
Анимираниот филм The Fox and The Pigeon беше во трката за најдобар студентски филм во конкуренција од импозантен број анимирани филмови од целиот свет. The Fox and The Pigeon доби позитивни стручни критики од светските експерти за анимација, а за неговата вредност зборува и фактот што покрај тоа што беше прикажан и наградуван на повеќе интернационални фестивали, филмот доби и специјална награда на реномираниот Интернационален фестивал за анимација во Отава, Канада.
Виктор Ивановски е студент на четврта година на Sheridan College во Канада, кој важи за еден од најпрестижните факултети во светот на полето на анимација. Тој е и првиот Македонец што освоил ваква престижна награда за анимација. Како дипломец оваа година работи на својот завршен дипломски филм ANNIE AWARD – најпрестижна награда за анимација.
ANNIE е најпрестижната награда за анимација, која се доделува еднаш годишно од 1972 година. Ја доделува ASIFA-Hollywood, подружница на Меѓународнaта асоцијација на анимирани филмови во Лос Анџелес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот проект „Балада за лонецот и капакот“ доби 9.000 евра за развој на сценарио
Филмот „Балада за лонецот и капакот“ во режија на Вардан Тозија, а во продукција на Ивана Шекуткоска и Минимал Колектив Продукција, е меѓу избраните проекти што ќе добијат финансиска поддршка во рамки на 2025 Funding Round на SEE Cinema Network.
Официјалната најава беше објавена во рамки на 66. Меѓународен филмски фестивал во Солун (TIFF66), каде што SEE Cinema Network ги претстави добитниците на овогодинешниот развоен фонд, соопшти Агенцијата за филм.
Секој од поддржаните проекти ќе добие 9.000 евра наменети за развој на сценарио и подготовка на продукција.
Култура
Нова меѓународна награда за „Златната пеперутка“ со Биби и Боби
Проектот за долгометражен анимиран филм „Златната Пеперутка“, со омилените детски херои Биби и Боби, освои ново меѓународно признание – наградата „Млади Хоризонти“ (Young Horizons Award) на престижниот CEE Animation Forum, што се одржа од 4 до 6 ноември во Плзењ, Чешка.
На форумот беа претставени 29 проекти од 15 земји, пред повеќе од 200 претставници од европската анимациска индустрија: продуценти, режисери, телевизиски уредници и дистрибутери.
Ова е втора награда за „Златната Пеперутка“, по MIA Development Award која проектот ја доби во октомври годинава на MIA Market во Рим – еден од водечките европски филмски пазари.
„Франција ги има Астерикс и Обеликс и Мињоните, Англија ги има Валас и Громит, Русија ги има Маша и Медо, Хрватска го има Балтазар, а Белгија го има Тин-Тин. Нашата цел е децата од светот да слушнат за Македонија преку Биби и Боби“ – изјави режисерот Гоце Цветановски.
„Златната Пеперутка“ е еколошка авантура за целото семејство. Во филмот, Биби и Боби патуваат во амазонската џунгла во потрага по легендарната златна пеперутка, симбол на рамнотежа меѓу човекот и природата. Нивната мисија ги води кон митскиот град Ел Дорадо, каде ќе мора да ги здружат своите сили за да ги победат темните сили што демнат во џунглата.
Македонски продуценти на проектот се Македонска Крепост, Светот на Биби и Тун Моушн Студиос, а филмот ќе се реализира во копродукција со Аргентина, Шпанија, Колумбија и Бразил.
Култура
Балетското дело во два чина „Госпоѓа Бовари“ на 18 ноември на сцената на Националната опера и балет
На 18 ноември со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетот „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер. Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.

Диригент на изведбата е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Климент Тодороски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.

Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз и Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.

