Македонија
Богоев од Вашингтон: Силна поддршка од САД во последните чекори кон полноправно членство во НАТО

Напредокот на Република Северна Македонија и последните чекори што земјата ги презема за полноправно членство во НАТО, како и нашиот пат кон Европската Унија, беа главните теми на разговор, на членот на Извршниот одбор на СДСМ и градоначалник на општина Карпош, Стефан Богоев, со потпретседателката на Националниот демократски институт (НДИ), Шери Брајан, и со други претставници од оваа невладина организација.
Средбата се реализира во рамките на посетата на Богоев на СAД, во Вашингтон, и неговото учество на Националниот молитвен појадок. На оваа средба Богоев информира и за последните случувања во нашата држава, функционирањето на техничката Влада задолжена за спроведување на предвремените парламентарни избори, како и за процесите што се одвиваат во Собранието.
Денеска, светот ја препознава нашата држава како позитивен пример, од каде што доаѓаат и позитивни вести. Од заробена држава, прераснавме во земја што решава децениски спорови по мирен пат, а демократијата и вклученоста на јавноста во одлучувањето секојдневно се унапредуваат. Ова се вредности на земја што се движи по патот на европските интеграции и членството во НАТО.
Исто така, стана збор и за зголеменото учество на младите во политиката, како и за унапредување на работата на општинските совети, кои се претставнички органи на граѓаните. Потпретседателката Брајан ја посочи можноста за поконкретна соработка со општините од нашата земја.
Оваа невладина организација исто така соработува и со политичките партии во земјата, а реализираат и голем број активности за улогата на младите и на жената во нашето општество. Значен е придонесот на НДИ и во работата на законодавниот дом. Па, така, тие соработуваат со сите пратенички групи во Собранието и им помагаат во креирање законски решенија, кои навистина ги одразуваат потребите на граѓаните.
Имајќи предвид дека НДИ е голем поддржувач на нашата земја и тоа директно го покажува преку работа со нашите институции, граѓански организации и други општествени чинители, Богоев се заблагодари за нивниот придонес и ангажман.
Факт е дека Северна Македонија и САД се во цврсто стратешко партнерство, а поддршката што ја добиваат граѓаните од оваа светска сила е видлива во повеќе области од општественото живеење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Во администрација се вработува само со списоци, сите останати граѓани се понижени и дискриминирани

Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ не само што не ја рационализираше администрацијата, туку ја претвори во продолжена рака на партиските штабови. Вработувањата се политички награди, не резултат на квалитет и труд. Ова го истакна Венко Филипче на трибината „Македонија понижена – Една година Влада“.
– Ветуваа ред и рационализација во администрацијата. Ветуваа мерит-систем. Што добивме? Нови министерства, илјадници нови партиски вработувања, листи за вработување по штабови кои се споделуваат на социјалните мрежи, рече Филипче.
Тој нагласи дека партизацијата на институциите е официјализирана, а партиската книшка е главна квалификација за работа во државата.
– Нивните функционери отворено кажуваат дека вработувањата во болниците и секаде на друго место се само по партиска заслуга. Тоа го кажуваат гордо, без срам – како да е нормално, посочи Филипче.
Според него, администрацијата денес не е сервис на граѓаните, туку огледало на системот на ВМРО-ДПМНЕ.
– ВМРО-ДПМНЕ ја претвори администрацијата во огледало на нивниот систем: хаос под контрола, сервилност наместо компетентност, заклучи Филипче.
Македонија
Единаесет македонски државјани чекаат евакуација со лет од Тел Авив, небото над Израел денес е затворено

По денешното повторно затворање на воздушниот простор на Израел и аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, сите летови кон и од Израел беа откажани. Од МНР информираат дека се очекува обновување на летовите во текот на денот, во зависност од безбедносната состојба.
Согласно информациите добиени од македонската амбасада во Тел Авив, во моментов вкупно 11 македонски државјани чекаат евакуација со лет од Тел Авив.
„Евакуацијата би можела да се реализира во наредните денови, во зависност од развојот на безбедносната ситуација. Како алтернатива, постои можност за евакуација по море – со брод од Ашдод до Лимасол (Кипар), за што Амбасадата е во редовна комуникација со македонските државјани и надлежните израелски власти“, велат од МНР.
Покрај евакуацијата на првата група граѓани реализирана со владин авион на 17 јуни, заклучно со 22 јуни, вкупниот број на заинтересирани македонски државјани за евакуација од Израел изнесува 27. Меѓутоа, не сите се подготвени тоа да го направат веднаш.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека преку Амбасадата во Тел Авив, останува во постојана комуникација и целосно на располагање на македонските државјани, сè до нивната безбедна евакуација.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Кога ќе прозбори Филипче, се шири мирисот на стариот режим на Заев

Секоја чест на актерската изведба на Венко Филипче – само што народот не аплаудира, туку превртува очи, реагира ВМРО-ДПМНЕ по денешното обраќње на лидерот на СДСМ на партиската трибина насловена „Македонија понижена – Една година Влада“.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека кога ќе се појави Филипче се шири мирисот на стариот режим на Заев, а сите веднаш се потсетуваат на изгорените животи во модуларните болници, на кинеските вакцини платени, а неснабдени, како и на милионските тендери поделени во 4 очи со неговите пријатели од политиката.
„Човекот кој ја водеше најсрамната здравствена политика во историјата, денес држи предавања за достоинство. Навистина одличен материјал за стенд-ап комедија. Седум години ја влечевте Македонија по кал. Ги осиромашивте граѓаните, ги исплашивте инвеститорите, ги партизировавте институциите до последниот портир и ја претворивте државата во бокс-ринг за вашиот внатрешен картел.
А сега, кога конечно некој почна да расчистува, се јавува токму Венко да каже дека „немало перспектива“. Перспективата, господине Филипче, исчезна кога вие се качивте во бизнис-класата и почнавте да ги носите пријателите на скапи патувања, додека пациентите ги носеа во нестерилизирани сали со фотоволтаици што никако не стигнаа.
Сега ви пречи што новата влада наместо бизнис во Дубаи, избра работа дома. Што наместо пропаганда, избра проекти. И што наместо тендери за свои, воведе одговорност за сите. Да, се живее тешко – ама за првпат по долго време, не поради кражби, туку поради отплата на вашите долгови. Македонија не е понижена, Македонија се издигнува – а вас ве остава зад себе. И не – нема да ве чека. Затоа седнете си, одморете од лагите. Овојпат – без тендер. И јавете му се на Заев, може има некој концерт, за вас е“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.