Македонија
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог за распуштање на Собранието
Денес, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог на одлуката за распуштање на Собранието. Оваа одлука ја предлагаме бидејќи и покрај исполнетоста на сите услови за одржување предвремени избори за пратеници, деновиве гледаме како лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се обидува да избега од нив со поставување услови за носење закони кои само од нему познати причини претставувале услов за оддржување на изборите, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
„За неполни три години СДСМ направи штети со несогледливи последици што се однесува на државните и националните интереси, но и штети што секојдневното живеење на граѓаните го прават речиси невозможно.
Како никогаш досега Македонија не била поподелена ниту по политички, ниту по партиски, ниту по национален основ, ниту по граѓански основ, и тоа мора да запре.
Република Македонија е доведена до степен на потчинетост поради недостоинствени прифатени предлози, разочарувања, никакви реформи во економијата, катастрофи во здравството, нема никакви реформи во образованието, континуирано осиромашување на граѓаните, инавазија на иселување, деморализирање и потеценување на граѓаните, без разлика на нивната етничка и партиска национална припадност, загрозување на животната средина, непочитување на Уставот.
Од страна на „Транспаренси интернешнл“ сме прогласени за најкорумпирана земја во Европа. Според угледното списание „Економист“, Република Македонија е оценета како хибриден режим што е на чекор до авторитарен режим, што претставува исклучително поразителна оценка за владеењето на правото и правната држава.
Над 500.000 граѓани живеат на работ на сиромаштијата, а секој трет во државата има проблем да обезбеди основна егзистенција.
Ветувањата на СДСМ за задржување на младите во државата паднаа во вода. Македонија се наоѓа на третото место во светот по стапката на невработеност на младите луѓе од 15 до 24 години. Време е граѓаните на Република Македонија да одлучат во кој правец сакаат да се движи Македонија.
Македонија мора да тргне по патот на реформите, не е доцна, но дефинитивно е јасно дека тоа нема да се случи додека нашата земја е под неспособното водство на Зоран Заев и СДСМ. Бегањето од избори на Зоран Заев е бегство од соочување со одговорноста. Со ова се докажува дека е подготвен целата држава да ја стави во заложништво, само за да се обиде да се спаси себеси.
Македонија не смее повеќе да биде заложник на партиските интереси, суетите на одредени министри и стравот на Заев од соочување со одговорност. Токму затоа бараме распуштање на Собранието на Република Македонија и предвремени парламентарни избори, на кои граѓаните ќе си ја вратат државата назад и ќе одлучат да ги водат чесни и сериозни луѓе и луѓе што, пред сè, ја сакаат оваа земја. Политичари што, пред сè, ќе имаат легитимитет од страна на граѓаните и во наредните години ќе ја водат Република Македонија напред“, рече Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

