Македонија
Вархеи ја претстави новата методологија: Се надевам дека во Загреб ќе се отворат преговорите со Северна Македонија
Европската комисија ја усвои новата методологија за проширување, која се однесува на Западен Балкан. На прес-конференција, комесарот за проширување, Оливер Вархеи, рече дека основната цел на ЕУ останува иста, односно проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан.
„Проширувањето на Европската Унија во Западен Балкан е врвен приоритет на Комисијата. Работиме на три патеки: прво, денес предлагаме конкретни чекори за тоа како да се подобри процесот на пристапување. Додека ние го зајакнуваме и го подобруваме процесот, целта останува пристапување и полноправно членство во ЕУ. Второ, и паралелно, Комисијата цврсто стои на своите препораки за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија и набргу ќе обезбеди ажурирање за напредокот постигнат од овие две земји. Трето, во рамките на подготовките на самитот ЕУ – Западен Балкан во Загреб во мај Комисијата ќе излезе со план за економски и развој на инвестициите за регионот“, изјави Верхели.
Тој нагласи дека овие преговори ќе бидат посеопфатни, но ќе се овозможи да се движат побрзо ако земјите испорачуваат побргу. Тој се надева дека на самитот во Загреб ќе се отворат преговорите со Северна Македонија и Албанија, дека сите земји членки ќе дадат зелено светло.
„По коминикето, ќе дојде ревидирана анализа на кандидатурата на Северна Македонија и Албанија. Се надевам дека ќе го забрзаме процесот за да добиеме отворање на преговорите со тие две земји на самитот во Загреб. Планот е дека би сакале да имаме експерти од земјите членки заедно со нашите експерти, кои би оделе на терен и би го гледале напредокот на земјите. Мислам дека ни недостига оваа доверба, мора да се создаде и спремни сме да се заложиме за тоа. Суспензијата на фондовите е нешто што ќе продолжиме да го користиме, спремни сме за тоа ако затреба. Ќе бидеме пропорционални за неиспорачувањето и уназадувањето“, истакна Вархеи.
Процесот на пристапување треба да се заснова на доверба, меѓусебна самодоверба и јасни заложби на Европската Унија и Западен Балкан, додаде Вархеи. Кредибилитетот, како што рече тој, треба да се зајакне преку уште посилен фокус на основните реформи почнувајќи од владеењето на правото, функционирањето на демократските институции и јавната администрација, како и економијата на земјите кандидатки.
Дополнително, како дел од санкциите за земјите што би покажале назадување во одредени области, односно не испорачуваат резултати, се предвидува укинување на дел од фондовите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во тек е исплата на образовниот додаток за втор мерен период за учебната година 2025/2026 година
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека во тек е исплата на образовниот додаток за втор мерен период за учебната 2025/2026 година.
Исплатата на додатокот за образование се врши во четири мерни периоди, и тоа:
-за првиот мерен период во текот на месец декември во тековната календарска година,
-за вториот мерен период во текот на месец февруари во наредната календарска година,
-за третиот мерен период во текот на месец мај во тековната календарска година и
-за четвртиот мерен период исплатата се врши во текот на месец јули во тековната календарска година.
Македонија
Тошковски – Брунер: Европската интеграција, борбата против организираниот криминал и зајакнатото гранично управување во фокусот на средбата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна средба со комесарот за внатрешни работи и миграција на Европската унија, Магнус Брунер, на која беше потврдена силната посветеност на Република Северна Македонија кон евроинтегративниот процес и понатамошното усогласување со европските стандарди во областите правда, слобода и безбедност.
На средбата министерот Тошковски изрази благодарност за континуираната експертска и финансиска поддршка од Европската унија, нагласувајќи дека Министерството за внатрешни работи останува кредибилен партнер кој активно придонесува за безбедноста на Унијата преку спроведување на проектите, реформите, усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ и имплементација на мерките од Реформската агенда.
На средбата беше констатирано дека партнерството со институциите на Европската унија има клучна улога во унапредувањето на националната и европската безбедност, при што беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката во наредниот период.
Македонија
Општина Илинден: Засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита
Општина Илинден продолжува со засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита на својата територија, со цел зголемување на проточноста и намалување на ризикот од поплави, информираат од општината.
Во изминатиот период беше реализирано чистење на коритото на Сува Река, на потегот од вливот на „Бучинско езеро“ до излезот од населеното место Бучинци, во должина од 850 метри. Дополнително, извршено е чистење на сисавецот на главниот канал „Млака“, на потегот од пречистителната станица во населеното место Илинден до вливот во главниот канал, во должина од 800 метри.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски изврши увид на каналот „Шамак“, во н.м Кадино каде во моментов се спроведува чистење во вкупна должина од 1.200 метри. Како што истакна градоначалникот Георгиевски, по обилните врнежи овој канал беше утврден како критична точка, а неговото расчистување е од особено значење за безбедноста на жителите од овој дел на општината.
Имајќи предвид дека каналската мрежа на Општина Илинден е под нивото на реката Вардар, одводнувањето се реализира со пумпни уреди преку кои се испумпуваат до 2.800 литри вода во секунда, што дополнително ја потенцира потребата од редовно и навремено одржување на системот. Благодарение на континуираното чистење и одржување на каналите и речните корита, изминатиот период со обилни врнежи беше надминат без потешкотии и несакани последици.
Согласно Годишната програма на Општината, Годишната програма на Водостопанство и Акциониот план за чистење на каналската мрежа, во текот на 2026 година предвидено е чистење на вкупно 24.250 метри канали и речни корита на територијата на сите населени места во Општина Илинден.
„Општина Илинден и годинава ја презема обврската за покривање на водниот надомест за редовно одржување, чистење и нивелирање на отворените канали, со што јасно ја демонстрира својата континуирана заложба за подобрување на инфраструктурата и обезбедување побезбедна, почиста и поквалитетна животна средина за сите граѓан“, се истакнува во соопштението.

