Македонија
Чулев: Медиумите сериозен партнер на МВР во сузбивање на говорот на омраза
Медиумите се важен промотор, фактор во препознавање и сузбивање на говорот на омраза и тие имаат одговорност во подигнување на јавната свест и едукација. Tие се сериозен партнер на Министерството за внатрешни работи, истакна министерот Наќе Чулев на заедничката прес-конференција со амбасадорот на ОБСЕ, на тема „Спречување на говорот на омраза во медиумите во предизборниот период“.
„Полицијата отсекогаш во доменот на своите надлежности демонстрирала подготвеност, честопати и во соработка со нашите пријатели од Мисијата на ОБСЕ, за градење и интензивирање на партнерството со сите професионални медиумски асоцијации, а токму во поглед на овозможувањето што поквалитетни услови за нивна работа. Тоа ќе го правиме и во периодот пред нас, дотолку повеќе што нè очекува изборен период во кој треба да ги создадеме условите за мирно, фер и демократско реализирање на изборниот процес, односно слободно изразување на волјата на граѓаните. Процес во кој и ние како Министерство за внатрешни работи, а и медиумите, имаме свои јасни задачи“, нагласи Чулев.
Меѓу другото, тој рече дека е неопходно да се подигне нивото на меѓусебната комуникација, нивото на институционалната транспарентност како механизам на своевидна превенција од секакви паушални, непоткрепени и потенцијално штетни појави со капацитет да бидат трансформирани во говор на омраза.
„Говорот на омраза во медиумите, пред сè, примарно, е задача или обврска на самите медиуми, на нивните уредувачки правила и професионални стандарди. Полицијата не може ниту, пак, сака некому да му биде уредник и редактор. Она што полицијата го може и зад што одлучно ќе застане е стриктната примена на законските одредби во поглед на говорот на омраза, кој како девијантна појава е веќе нормиран во нашето законодавство. Впрочем, ќе напоменам дека Министерството за внатрешни работи во текот на 2019 година до Јавното обвинителство поднесе 45 кривични пријави против 51 сторител, а кои се однесуваат на дела поврзани со говорот на омраза.
Оттаму, во контекст на претходно изнесеното, сметам дека е од суштинска важност сите општествени фактори во континуитет да работат на креирање амбиент што ќе му овозможува на медиумскиот сектор да ја извршува својата примарна и професионална задача. А во тој смисол, се разбира, и Министерството за внатрешни работи како институција, која во одредена мера, пред сè, од аспект на спроведување на законите, има допирна точка со темата на оваа денешна прес-конференција посветена на спречување на говорот на омраза во медиумите во предизборниот период.
Политичките тензии не смеат да предизвикуваат или да водат кон говор на омраза и во таа смисла одговорноста ја имаме сите. Важно е токму во овој период да се воздржиме од каква било поларизација, која произлегува од политички, верски, етнички и други несогласувања. Во оваа насока праќам посебен апел до политичарите да бидат особено одговорни во овој значен период за нашата држава, а одговорноста, пред сè, ја подразбирам во насока на внимателност и претпазливост при давањето изјави во јавноста, но и при секојдневната комуникација со граѓаните. Истовремено, ги повикувам да бидат потолерантни кон критиките што доаѓаат од јавноста од проста причина што тие се избрани од граѓаните и граѓаните се тие што ја оценуваат и критикуваат нивната работа. Со други зборови, токму политичарите треба да бидат пример за комуникација во која ќе покажат високо ниво на меѓусебно почитување и почитување кон граѓаните.
Во тој поглед, на крајот од ова мое обраќање сакам овде јавно и недвосмислено уште еднаш да ги потенцирам подготвеноста и отвореноста на полицијата, на сите наши надлежни служби, не само во текот на веќе почнатите наши полициски подготовки за изборите туку и надвор од нив, да партиципираме заедно со сите други фактори, вклучително и со самите медиуми и невладиниот сектор во градењето услови што ќе ги елиминираат сите закани, сите можни опасности или проблеми во одржувањето демократски и спокојни парламентарни избори. Истовремено, и да апелирам за продолжување и продлабочување на соработката со сите други фактори во општеството, особено кога е во прашање говорот на омраза, чии негативни потенцијали, пред сè, во продуцирањето насилно поведение и рушење на кохезијата во општеството може да бидат реална закана и предизвик за сите нас“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
18-годишникот кој усмрти жена во Капиштец избега од државата, МВР распиша потерница
Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по 18-годишникот кој прегази жена во Скопје и избега од местото на настанот. Според најновите информации, тој избегал и од државата.
„Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Саитов Саит (18) од Скопје од татко Берти и мајка Ганимете од Скопје. Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Според истрагата, на 9 јануари, Саитов со „фолксваген пасат“ се движел по улицата „Народен фронт“ без да поседува важечка возачка дозвола. Тој се движел со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, по што со возилото удрил во пешакот 79-годишната Љуба Јаковлеска. По несреќата, тој избегал.
фото/МВР
Македонија
Ѓорѓиева: Со измените на Кривичниот закон се враќа правдата во државата
Весна Ѓорѓиева, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати денес на 80-та седница во Собранието на која се расправаше и Предлог на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, при што истакна дека измените се однесуваат на суштинското прашање, а тоа е да ја вратат правдата и функционалноста на системот преку појасни одредби. Според неа, без функционален и праведен систем не може да постои ниту стабилна држава, ниту сигурност за граѓаните.
,,Нашите граѓани ќе ја гледаат сигурноста кога ќе биде сигурен правниот систем во државата“, рече Ѓорѓиева.
Таа се осврна на членот 353 од предлог законот, со кој како што посочи, се враќа суштината на кривичното дело злоупотреба на службена положба.
,,Се враќа суштината на злоупотреба на службена положба, пречекорување на овластувањата или неизвршување на службена положба. Со овој закон се распушта претходниот закон во 2023 година кој беше донесен од СДС и ДУИ, каде што беше разводенет, односно каде што казните беа намалени, дејствијата беа потешко докажливи, а роковите за застареност беа скратени“, истакна Ѓорѓиева.
Според неа, законот не е наосочен против оние кои работат чесно, туку против корупцијата и злоупотребата на службената положба.
,,Држава без кривичен закон е како држава без рбтет. А држава без рбет секој може да ја скрши. Почитувани граѓани, овој закон е порака до секој што мисли дека државата е приватен бизнис, овој закон е порака дека времето на неказнивост завршува и да, можеби на некому тоа не му одговора, но на народот тоа му одговара, и тоа го бара од нас“, вели Ѓорѓиева.
Македонија
Ангелова: Измените на Кривичниот законик се клучни за посилна заштита на жените од насилство и зголемување на сообраќајната безбедност
На денешната собраниска седница се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова која истакна дека измените во Кривичниот законик претставуваат суштински чекор за враќање на довербата на граѓаните за правна држава каде криминалот и корупцијата нема да бидат толерирани, туку ќе бидат соодветно санкционирани.
„Овој предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик претставува неопходен и одговорен чекор кон враќање на правната сигурност, владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите. Со него државата јасно ја испраќа пораката дека корупцијата, злоупотребата на службената положба, организираниот криминал и насилството нема да бидат толерирани, ниту релативизирани преку законски празнини и непропорционално благи санкции“, рече Ангелова.
Пратеничката посочи дека ќе се постигне подобра заштита на приватноста на граѓаните, безбедност во сообраќајот, посилна заштита на жените од семејно насилство како и јасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки.
„Со предложеното решение ќе се постигне враќање на превентивната и репресивната функција на казненото право особено кај делата злоупотреба на службена положба, организиран криминал и корупција. Јасна и ефикасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки, подобра заштита на приватноста и достоинството на граѓаните, посилна заштита на жената од насилство,семејно насилство со гонење по службена должност во согласност со Истанбулската конвенција, подигнување на безбедноста во сообраќајот преку поостри санкции. Се зголемува и јавната безбедност на патиштата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангеловска се осврна на клучните поенти за жените истакнувајќи дека со овој предлог-закон жената е заштитена од дигитално насилство, од семејно насилство, а со тоа постигнување на реална заштита и сигурност на жената во државата.
„Посилна институционална заштита од насилство врз жените и семејно насилство со гонење по службена должност државата ја трга одговорноста од жртвата и јасно застанува на страната на жената. Заштита на приватноста и телесниот интегритет на жените, инкриминирање на злоупотребата на интимни снимки директно ги штити жените од уцени дигитално насилство и јавно понижување. Европски стандарди, европска заштита за жените законот директно ги имплементира европските и меѓународните обврски и ја позиционира како партнер во борбата за еднакви можности и човекови права“, рече Ангелова.

