Надворешна политика
Инвестицискиот пакет на ЕК – главна тема на Самитот на EPP
Инвестицискиот пакет на Европската комисија вреден 315 милијарди евра бил главна тема на Самитот на Европската народна партија (EPP), кој се одржа во четвртокот во Брисел, а на кој присуствуваше и македонскиот премиер Никола Груевски.
На самитот присуствуаа и германската канцеларка Ангела Меркел, премиерите на Грција, Шпанија, Ирска, Андонис Самарас, Мариано Рахој и Енда Кени, како и лидерскиот двоец на ЕУ, Жан-Клод Јункер и Доналд Туск.
Груевски посочил дека Инвестицискиот пакет и позицијата на европските демохристијани било главна тема на дискусија и оти во тој правец, Европската народна партија не се залага само за давање пари, туку и за инвестирање на средствата, за одржлив буџет и паралелни структурни реформи.
„Тука, Европската народна партија ја разбира разликата со европските социјалисти и демократи. Се говореше за некакви детали околу тоа, проекции и пресметки. Втора главна тема беше состојбата во Украина и она што се случува на теренот, односно проблемите на Украина на финансиски план, при што е изразена поддршката од страна на Европската унија, вклучително и финансиската поддршка за која дел од присутните оценија дека не е доволна и оти е можеби помалку од половината од она што е потребно“, вели премиерот Груевски.
Македонскиот премиер имал и кратка средба со еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори, Јоханес Хан.
„Првпат се сретнав и со новиот еврокомесар за преговори за проширување Јоханес Хан, со кого поразговаравме кусо, при што договоривме понатаму да оствариме и работна средба повразана со Република Македонија. Се сретнав и со голем број премиери, заменици-премиери и лидери на опозициски партии, со луѓе што се дел од Европската комисија, со претседателот на ЕПП, Жозеф Дол и можам да кажам дека беше корисно оти разменивме информации и со сите нив разговаравме за Македонија“, додава Груевски.
За време на посетата на Брисел, предвидено е Груевски во петок да оствари и средба со новиот претседател на Европскиот совет, Доналд Туск./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.