Македонија
Лекарите утврдија дека Јовановски може да го следи судењето
Судот констатираше дека Бојан Јовановски нема здравствени проблеми поради кои тој не може да го следи судењето, односно истото да се одложи. Судијката го опомена Бојан Јовановски и неговиот адвокат Сашо Дуковски да не ја нарушуваат работата на судот и дека ќе ги отстрани доколку продолжат, а Јовановски возврати „Ако сакате, обесете ме”.
„Пристигна известување во врска со вчерашниот извршен преглед на обвинетиот во коешто нè известуваат дека врз основа на извештајот од дежурниот лекар нема елементи кои сугерираат дека обвинетиот не може да го следи судското рочиште. Пристигнати се и резултати каде што е наведено дека ‘Наодот одговора за хроничен гастрит, малигни или атипични гастритипични промени не се најдени’“, рече судијката Васка Николовска-Масевска.
Судијката ги опомена одбраната на Бојан Јовановски и обвинетиот да не ја нарушуваат работата на судот.
„Ова е веќе изживување од мене. Ова е манипулација”, викна Јовановски без дозвола од судијката Васка Николовска-Масевска, која, пак, кажа „Судот заклучува дека има услови за одржување на денешната расправа”.
Јовановски обвини дека доколку судот не каже кои доктори се потпишале на вчерашниот наод од Клиниката за гастро, тоа значи манипулација со јавноста, а судијката Васка Николовска-Масевска возврати: „Ова се сериозни обвинувања, ќе ве отстранам од судот ако продолжите со нарушување на редот”, на што Јовановски рече „Ако сакате, обесете ме”.
Судењето продолжи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Василевска и Мираковска со евроизвестителот Вајц: разменети мислења за актуелните случувања во државата
Пред почетокот на 24. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет РСМ – ЕУ, кој денес и утре се одржува во седиштето на Европскиот парламент во Стразбур, копретседавачката Иванка Василевска и заменик-копретседавачката Соња Мираковска, остварија средба со известителот за Република Северна Македонија во Европскиот парламент, Австриецот Томас Вајц, кој по функција учествува во работата на ова заедничко парламентарно тело.
На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во државата, напредокот на реформската агенда, Извештајот на Европската комисија, како и за очекувањата од престојниот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет.
Василевска изрази благодарност за сите вложени напори од страна на Европскиот парламент и посебно од известителот Вајц за придвижувањето на процесот на приближување кон Европската Унија и потенцираше дека сите релеванти политички фактори во земјата се целосно посветени на оваа цел.
Известителот Томас Вајц ја искористи оваа пригода да ја изрази силната и недвосмислена поддршка од страна на Европскиот парламент за евроинтеграцијата на Република Северна Македонија заснована на постигнати резултати и заедничка соработка.
Македонија
Фетаи на Националниот форум на граѓански организации: Мисијата на Владата е градење на отворени и ефективни институции
Во рамки на Националниот форум – Саем на граѓански организации, Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, учествуваше и се обрати пред претставниците на граѓанското општество. Тој ја истакна важноста од континуиран дијалог меѓу Владата и граѓанскиот сектор, потенцирајќи дека граѓанското општество претставува еден од клучните механизми за зајакнување на демократијата и транспарентноста.
Фетаи посочи дека Владата останува посветена на изградбата на поотворени институции и на редовна соработка со граѓанските организации, повикувајќи ги истите да продолжат да бараат отчетност и да ги адресираат предизвиците што ги засегаат граѓаните.
Тој нагласи дека мисијата на Владата е градење на отворени и ефективни институции и ги охрабри граѓанските организации да го продолжат нивниот критички ангажман.
Заменик претседателот на Владата додаде дека неговата канцеларија ќе остане отворена за директна и континуирана соработка со сите организации од граѓанското општество.
Македонија
(Видео) Костадинова Стојчевска: Македонскиот јазик не се чува со кратење на буџетот за инспекторатот
Пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска, во образложението на амандманот за зголемување на буџетот за инспекторатот за употреба на македонскиот јазик, пред собраниската комисија за финансирање и буџет, истакна дека со предложениот буџет се оневозможува функционирање на инспекторатот.
Во буџетот за 2026 година средствата во однос на буџетот од 2025 година се намалени на 620.000 денари, што практично го намалува функционирањето на инспекторатот, рече Костадиновска Стојчевска и побара буџетот за оваа институција да се врати на износот од 2.033.000 денари, колку што изнесуваше во буџетот за 2025 година.
-Со намалениот износ не е можно да се обезбеди вработување на потребниот број инспектори и административен кадар, извршување на редовни активности на терен, опремување и тековно функционирање на институцијата, нагласи Костадиновска Стојчевска, додавајќи дека инспекторатот за употреба на македонскиот јазик е нова институција, основана врз основа на законот за употреба на македонскиот јазик, чија цел е да го следи спроведувањето на законските обврски во инситутциите, образованието, културата и јавниот простор.
Костадиновска Стојчевска побара поддршка од сите пратеници за овој амандман.
„Барам поддршка за оваа институција да може конечно, откако е формирана во 2024, да профункционира, затоа што откако е воспоставена, нејзиниот буџет само се крати, а со тоа не се покажува вистинска грижа за зачувување, унапредување на македонскиот јазик“, нагласи пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска, во обраќање пред собраниската комисија за финансирање и буџет.

