Црна хроника
Шестмина обвинети за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје
По сеопфатна истражна постапка, надлежен обвинител од Основното јавно обинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска до Основниот кривичен суд – Скопје поднесе обвинителен акт против шест лица. На обвинетите им се става на товар дека сториле кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
„Во текот на месец октомври 2018 година првообвинетиот како организатор, со уште тројца обвинети, создал организирана криминална група која до февруари 2019 година неовластено изработувала, држела, продавала и посредувала во трговија со огнено оружје и муниција во поголемо количество. Првообвинетиот набавувал пиштоли за светлосна и звучна сигнализација од непознато место и му ги давал на второобвинетиот, кој во неговата работилница со употреба на пригоден алат неовластено изработувал огнено оружје. Тој ги вадел цевките што служат за испукување на гасен куршум и со дополнителна неовластена механичка интервенција монтирал метална жлебена цевка, со која овозможувал преправеното оружје да се употребува како огнено оружје за истрелување проектили од пиштолска муниција обично со калибар 7,65мм. На ваков начин гасните пиштоли ги пренаменувал во огнено оружје кое може да се употребува за нанесување тешки повреди со смртни последици“, се наведува во соопштението на обвинителството.
Како што се додава, членовите на криминалната група потоа пронаоѓале заинтересирани лица во земјава и го продавале огненото оружје за цена од 150 до 400 евра. Како купувачи се појавуваат осомничени и обвинети лица во други кривично – правни настани, а повремени купувачи се и двајца обвинети во овој предмет.
Со обвинителниот акт, надлежниот обвинител достави и предлог за одземање на огненото оружје, муницијата и средствата за нивно изработување, пренесување и растурање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Пукале со пиштоли од колона автомобили на свадба
Двајца мажи од село Лажани, општина Долнени, се приведени поради пукање со огнено оружје во колона возила за семејна веселба. Инцидентот се случил на 2 јануари околу 9:30 часот, кога полицајци од Полициското одделение Ропотово ги запреле М.С. (36) и С.Б. (29), кои возеле „фиат хрома“ со прилепски регистарски ознаки и „мерцедес“ со германски ознаки.
Од возилата, според полицијата, биле испукани повеќе куршуми. При контрола, кај М.С. бил пронајден гасен пиштол „Рити Игл“ со 40 куршуми калибар 9мм, додека кај С.Б. бил одземен пиштол „Валтер“ со 12 куршуми, исто така калибар 9мм.
За случајот е известен јавен обвинител, а по целосно документирање против двајцата ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Работник тешко повреден во фабрика во Кавадарци
Жител на кавадаречкото село Марена се здобил со тешка телесна повреда во фабрика во Кавадарци.
Како што информираа денеска од Секторот за внатрешни работи – Велес, вчера во 11 часот во ОВР – Кавадарци било пријавено дека во кавадаречката Општа болница со тешка телесна повреда бил донесен З.А., на возраст од 59 години.
– Според пријавеното, тој се здобил со повредата при извршување работни задачи во фабрика во Кавадарци. За настанот известен бил трудов инспектор, појаснија од СВР – Велес.
Црна хроника
Тешките мозочни повреди не дозволиле оперативен зафат врз двегодишното дете, информира Министерството за здравство
Двегодишното дете првично било примено на Ургентниот центар, по што, поради сериозноста на состојбата, било згрижено на Клиниката за неврохирургија, на одделот за интензивна нега, информира Министерството за здравство.
Како што се наведува во соопштението, детето било интубирано, поставено на механичка вентилација, со ординирана антибиотска и антиедематозна терапија и под 24-часовен мониторинг. Поради интензитетот на деструкцијата на мозочното ткиво, хируршко лекување не било можно.
И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот бил трагичен, како резултат на исклучително тешките повреди на мозокот предизвикани од метално страно тело.
Од Министерството изразија најдлабоко и искрено сочувство до семејството и најблиските на детето.
Воедно, упатија апел до граѓаните новогодишните празници да се одбележуваат мирно и достоинствено, без употреба на пиротехнички средства, петарди и огнено оружје, предупредувајќи дека ваквото неодговорно однесување може да има сериозни, па и фатални последици.
МВР претходно денес, објави детали за трагедијата на новогодишната ноќ.
Според информациите од полицијата, на 1 јануари во 00:58 од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив во многу тешка состојба и со стран предмет во глава е донесено двегодишно дете од Скопје. Полициски службеници излегле на местото и извршиле службен разговор со мајката Г.Д.(21), која појаснила дека на 31.12.2025 пред полноќ излегла пред дворот од куќата на подрачјето на Гази Баба со детето и гледајќи огномет слушнала звук, по што забележала крв од главата на детето.
Во полициска станица е извршен службен разговор и со таткото на детето М.А.(26).
Во 01:58 часот на 2 јануари детето починало, а лекар констатирал смрт.
По наредба на јавен обвинител, телото на детето е дадено на обдукција и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

