Македонија
Сведок за „шлаканици“: Рекоа да го собереме членството на протест, а јас да ја читам „Зоки Поки“ на седницата
Поранешниот претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Центар, Томислав Лазаров, кој доби условна казна од шест месеци во случајот „Насилство во Општина Центар”, сведочеше на денешното рочиште. Тој во 2013 година бил советник во Општина Центар. Објасни дека во партијата ВМРО-ДПМНЕ одржале состанок со тогашниот Кирил Божиновски, дал насока да се повика членството за протест пред општината, а потоа дознал дека се формира здружение „Веритас“ кое ќе стои зад организацијата на протестите.
„Се сеќавам на седницата на чиј дневен ред беа поставени четирите тогаш за нас спорни точки, со коишто тогашното мнозинство во Советот на Општина Центар сакаше да ги стави надвор од функција, односно да ги поништи ДУП-овите на Општина Центар. Причините за повлекување на точките од дневниот ред се противзаконски, противуставни и требаше да бидат поништени. Паралелно со нашите како советничка група, јас како претседател на ОК почнав и дополнителни активности, односно состаноци со членови на партијата кои нè информираа дека се формирало здружение ‘Веритас’ кое ќе организира пред сè мирни протести за стопирање на рушењето на црквата св. Константин и Елена. За таа цел неколку пати бевме повикани од тогашниот генерален секретар на партијата и Владата, Кирил Божиновски, а каде беше и целиот градски комитет, односно сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ на територија на Град Скопје. Тогаш сите состаноци беа единствено да се повика членството, односно да се информира дека на тој и тој ден ќе има мирен протест со почеток во 11 или 12 часот пред споменикот Мајка Тереза во центарот на Скопје”, вели Лазаров.
На состаноците не се говорело за насилно однесување, туку за масовност на протестите, сведочеше Лазаров, дополнувајќи дека по средбите со Божиновски, имале насока секој општински комитет да има состанок со структурите за информирање на активностите кои биле разговарани со тогашниот генерален секретар.
„Покрај нашите насоки како советничка група кои ги имавме искоординирано, во текот на денот, но и пред самото отпочнување на седницата, имав одредени контакти во вид на пораки и јавувања со тогашниот генерален секретар Кирил Божиновски, но и координаторот Миле Јанакиески. Комуникацијата беше во правец на тоа да бидат во тек што се случува во салата на Општина Центар. Во меѓувреме, додека траеше разубедувањето за точките на дневен ред, пристигнаа и луѓето кои беа предводени од дружението ‘Веритас’”, посочи Лазаров.
Пред вториот ден од протестот Лазаров сведочеше дека се давале и други насоки со цел масовност на протестот. На продолжението од седницата, советничката група не можела да влезе во салата поради ограда која била поставена пред влезот на општината. Пред општината имало поддржувачи на СДСМ.
„Јас давав информации што се случува во салата на Божиновски и Јанакиевски. Некогаш тие бараа, некогаш јас самоиницијативно. Целосно беа во тек што се случува внатре. Никој од другите 11 советници немаше директна комуникација со нив двајца или кој било висок партиски функционер. Протестантите беа дојдени до прозорците, ја бутнаа оградата. Сите беа доведени во опасност, а претседателот на совет даваше паузи за масата надвор да биде отстранета од близина на салата или, пак, смирена. Тоа не се случи, туку напротив тензиите растеа, што во опасност беа сите присутни во салата. Им кажав на Јанакиески и Божиновски дека претседателот нема намера да ги отстрани точките од дневен ред”, додаде Лазаров.
Божиновски му дал насока на Лазаров да извади книга и да ја чита за да помине долго време од седницата.
„Со зборовите ‘Земи книга Зоки Поки и читај ја’, што по извесно време го направи Талат Џафери на собраниска седница”, рече Лазаров.
Насилствата во општина Центар се случија во 2013 година кога група граѓани се собраа пред општината за да ја „одбранат“ изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“. За овој случај беа објавени и прислушувани разговори во кои се слушаше како тогашниот премиер Груевски нарачува шлаканици за градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

