Македонија
Шекеринска: Со ратификувањето на Северноатланскиот договор ставивме печат на нашето постоење како независна, суверена, стабилна и просперитетна држава
„Со ратификацијата на Северноатлантскиот договор за наше пристапување во алијансата, иднината на нашата татковина е обезбедена, обезбеден е и нејзиниот суверенитет и интегритет. За многу кратко време, нашето членство ќе биде заверено, а со тоа ќе удриме печат на нашето постоење како независна, суверена, но сега веќе и стабилна и просперитетна држава. Бројката 30 ќе добие ново значење и за нас и за алијансата“, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на денешната прес–конференција посветена на изгласувањето на Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор во Собранието.
Таа посочи дека со членството во НАТО стануваме дел од безбедносниот чадор кој штити една милијарда луѓе и додаде дека прогресот може да се измери и според брзината на ратификациите во парламентите на сојузниците, но и според домашните достигнувања.
„За само две и пол години, минималната плата ја зголемивме за речиси 60 проценти, просечната плата го има историскиот најбрз и најзначаен раст, економијата од минус 1,8 проценти, за само две и пол години повторно расте нешто под 4 проценти, невработеноста е намалена на историски најниски 17 отсто, отворивме над 60.000 работни места“, рече министерката Шекеринска и посочи дека тоа се само дел од придобивките од нашето членство во НАТО – алијансата.
Членството во алијансата, рече Шекеринска, е постигнување и на граѓаните, особено имајќи предвид дека за првпат во историјата како независна држава една идеја добива поддршка од огромен број граѓани, над 610.000. Разликата на оваа реалност, додаде, е очигледна – денеска не се разговара за нас без наше присуство, денеска ние седиме на иста маса со нашите партнери, на ист начин го соопштуваме и го браниме нашиот став, заедно кроиме стратегија, даваме идеи како алијансата да биде посилна, стабилноста да биде поголема.
Министерката Шекеринска изрази задоволство што придобивките од членството во алијансата првенствено и директно ги почувствуваа припадниците на Армијата, особено преку зголемувањето на буџетот за одбраната.
„Шеснаесетпроцентно зголемување на платите, 7.500 денари плус за станарина, 50 посто зголемување на платите на професионалните војници, пензионирање според најповолни бенефицирани услови, нови машини, нова опрема, нова поддршка на Армијата. Сето тоа се директни бенефити на нашето членство во НАТО“, истакна министерката Шекеринска.
„Вчера се уверивме дека за ратификацијата на Северноатлантскиот договор во нашиот Парламент гласаа сите, буквално сите, вклучително и колегите од ВМРО ДПМНЕ. Се прашувам со кој образ некој од утре, денес, задутре, повторно ќе заговара рушење на преспанскиот договор и поништување на нашето членство во НАТО. Нема ли тоа да биде нова срамна лага, пред својот народ и пред своите граѓани. Баш би сакала да го видам јунакот кој по таков консензус во Собранието, ќе ги поништи вчера дадените гласови во Парламентот и да го видам оној којшто ќе се осмели да го избрише и поништи најголемиот наш успех од независноста до денес”, рече Шекеринска.
Министерката Шекеринска посочи дека предизвиците изминатите две и пол години не беа нови, но инструментите за нивно решавање беа навистина нови. Истакна дека денеска се зборува на јазикот којшто создава сојузници, наместо противници.
„Поместивме навистина планина. Планина која беше помеѓу нас и шансите на подобра држава и шансите за напредок. Кога ги најавивме нашите амбициозни планови, знам дека многумина, дури и оние коишто сакаа да веруваат во нив сметаа дека се тешки. Некои сметаа и дека се невозможни. Ги демантиравме“, заклучи министерката за одбрана Шекеринска на денешната прес-конференција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вонреден надзор на Гинекологија по смртта на новороденче
Министерството за здравство нареди вонреден надзор по смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство и изрази сочувство до родителите.
„Со цел утврдување на околностите и расветлување на случајот, министерот Азир Алиу иницираше вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по што ќе следи и стручен надзор. Потенцираме дека Министерството за здравство заедно со инспекторатот ќе постапат професионално, стручно и транспарентно, со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект“, велат од Министерството.
Од таму велат дека во овие тешки моменти за семејството, замолуваат да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход, со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста.
„Потсетуваме дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа со воспоставени законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи. Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за комуникација, веднаш по добивање на сите наоди јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Министерството.
Ваквото соопштение доаѓа по веста дека на ГАК на 1 октомври починало новороденче.
Македонија
СДСМ: Мицкоски побегна од резолуцијата, дури во Брисел
Денес, кога Собранието треба да одлучува и кога опозицијата требаше да му поставува прашања на премиерот Христијан Мицкоски, тој наеднаш избега во Брисел, обвинија од СДСМ.
„Ја остави Резолуцијата на СДСМ непотпишана а контра Резолуцијата остави да ја туркаат неговите послушници од ДПМНЕ и ЗНАМ. Оние што верно го следат предавството на својот претседател и оние што ЗНААТ дека ја предале Македонија за пари. Толку за „храбриот“ Христијан Мицкоски. Не смее да одговара на прашањата на опозицијата, затоа што вистината не може да ја погледне во очи“, велат од опозицијата.
Македонија
Стојаноски: Лагите на СДС се разоткриени, резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја гарантира безбедноста во државата
Во изминатиот период бевме сведоци на тоа како СДС сака да внесе несигурност и вознемиреност во јавноста преку ширење на лажни информации, свесни манипулации и дезинформации, кои беа интензивно и гласно пласирани во јавниот простор, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Венко Филипче, продолжуваат по стапките на нивниот ментор Зоран Заев. Секојдневно, гледаме иста реторика, исти методи и исти манипулативни наративи. Ова СДС не го прави случајно, туку е свесна стратегија, поради тоа што нема што ново да понуди. Ваквата кампања на опозициската СДС, која инаку повеќе се одликува со квантитет директно го нарушува мирот на граѓаните, а е и во спротивност со Кривичниот законик, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, како и со Законот за спречување и заштита од дискриминација“, рече тој.
Токму затоа, додава Стојаноски, преку Резолуцијата поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието, јасно се отфрлуваат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната влада предводена од Зоран Заев поврзани со кампови за мигранти.
„Јасно ја потврдуваме определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси и почитување на меѓународното право. Со оваа Резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија кои СДС се обиде да ги наметне во јавниот дискурс, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови. За секое следно ширење на паника, лажни вести и манипулација на народот, кривично ќе се одговара“, рече тој.

