Свет
Русија и Кина го потпишаа договорот за испорака на руски гас вреден 400 млрд долари

Русија и Кина го потпишаа во понеделникот договорот за соработка во областа на снабдувањето со природен гас за ткн источен правец односно гасоводот „Моќта на Сибир“, во текот на средбата на двајцата премиера Дмитриј Медвед и Ли Кецјанг, а како што пред нивната средба објави шефот на руската влада ќе бидат потпишани уште четириесетина „важни“ договори, во периодот на крајно заладените односи со Западот, при што Русија ги зацврстува своите врски со Кина.
„Имаме многу густ распоред. Ќе потпишеме голем број документи. Станува збор за околу 40 многу важни билатерални документи“, изјави рускиот премиер Дмитриј Медведев, пренесе Итар-Тасс.
Според најважниот договор, оној за испораката на рускиот природен гас на Кина, двете земји се обврзани за целосна соработка од проектирањето, изградбата и работењето и експлоатацијата на неопходната инфраструктура за испорака на гасот. Договорот важи за следните 40 години, и автоматски се продолжува на секои пет години, освен доколку некоја од страните потписнички не донесе поинаква одлука.
Потпишувањето на договорот во понеделникот во руската престолнина беше главен предуслов за да стапи на сила купопродажниот договор којшто во мај годинава го потпишаа државните компании руски „Газпром“ и кинеската CNPC. Тогаш двете страни се договорија за испорака на 38 милијарди кубни руски гас во текот 30 години. Вкупнито износ на договорот изнесува 400 милијарди американски долари, а планираниот период на почеток на испораките е 2018/2019 година.
Рускиот претседател Владимир Путин на самиот почеток од септември го означи почетокот на изградбата на гасоводот „Моќта на Сибир“, за кој Москва и Пекинг преговараа десет години, чиј почеток е во јакутското село Ус Хатин. Должината на овој гасовод ќе изнесува околу 4 илјади километри, со капацитет од 61 милијарда кубни метри гас годишно. Главна база за ресурсите на овој гасовод се гасните полиња кај Чајанд кои се проценети на 1,2 трилиони кубни метри гас, и Ковиктинск со 1,5 трилиони кубни метри. Планирано е од Чајанд годишно да се произведуваат до 25 милијарди кубни метри гас и најмалку 1,5 милион тони нафта.
Покрај овој енергетски договор, се очекува и потпишување на договори а соработки меѓу големите руски и кинески банки./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Светските берзи паднаа поради заканата на Трамп за ЕУ

На светските берзи цените на акциите паднаа минатата недела бидејќи инвеститорите беа загрижени за намалувањето на кредитниот рејтинг на САД, а на пазарите негативно влијаеа и новите закани на Вашингтон за зголемување на царините за увозот од Европската унија.
На Волстрит минатата недела, Dow Jones се лизна за 2,5 отсто, на 41.603 поени, додека S&P 500 падна за 2,6 отсто, на 5.802 поени, а индексот Nasdaq 2,5 отсто, на 18.737 поени.
Од самиот почеток на неделата индексите беа во минус бидејќи агенцијата Мудис го намали кредитниот рејтинг на САД од Ааа на Аа1 поради големиот дефицит на федералниот буџет, високите финансиски трошоци и планираните даночни намалувања.
Јавниот долг на САД е околу 36.200 милијарди долари, а може да се зголеми за уште 3.800 милијарди во следните десет години бидејќи претседателот на САД Доналд Трамп има намера да ги намали даноците. Поради ова, приносите на државните обврзници значително се зголемија, што значи дека владата мора да се задолжува по повисока цена.
Намалувањето на даноците веројатно би ја стимулирало потрошувачката и би го поддржало економскиот раст, но од друга страна, јавниот долг би се зголемил доколку не се намалат државните трошоци. И намалувањето на федералните трошоци, што е еден од приоритетите на Трамп, не оди толку глатко како што најави претседателот. Освен тоа, се чини дека проектот не е доволно добро подготвен.
Сепак, на крајот на неделата, приносите на обврзниците донекаде се стабилизираа, откако Претставничкиот дом на Конгресот тесно го поддржа предлог-законот на Трамп за даночни намалувања, па се уште се чека поддршката од Сенатот.
Но, во петокот, Трамп повторно ги потресе пазарите заканувајќи ѝ се на Европската унија со царини од 50 отсто од 1 јуни, бидејќи не е задоволен од тоа како напредуваат трговските разговори меѓу САД и ЕУ.
И на повеќето европски берзи цените на акциите паднаа минатата недела. Додуша, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,4 отсто, на 8.717 поени, но франкфуртски DAX се лизна за 0,6 отсто, на 23.629 поени, а париски CAC 1,9 отсто, на 7.734 поени.
Економија
Макрон: Албанија за 2 години ќе биде во ЕУ, дојдете и инвестирајте

Францускиот претседател Емануел Макрон од Тирана упати силна порака до странските инвеститори, повикувајќи ги да дојдат и да вложуваат во Албанија, за која изрази убеденост дека „за две години ќе биде дел од Европската унија“.
Изјавата беше дадена на економскиот форум „Приоритет Европа“, организиран од Институтот „Иницијатива за идни инвестиции“ на Ричард Атијас, кој има за цел да ги поврзе европските лидери и иноватори со големи инвестициски фондови од Блискиот Исток, Азија и САД.
„Албанија е влезна точка за регионот на Балканот и медитеранскиот басен. Европа е стабилно и доверливо место. Во овој луд свет, да не ја потценуваме силата на таквите квалитети“, порача Макрон.
Тој додаде дека премиерот Еди Рама има јасен мандат и посветеност Албанија да ја внесе во ЕУ до 2027 година, а според Макрон, тоа би можело да се случи дури и порано – за две години.
Премиерот Рама, пак, изјави дека неговата земја ги започна преговорите со Европската Унија во 2022 година и дека ако ги завршат сите задачи добро, ќе може да ги затворат преговорите до 2027 година. Ова според Рама би било навистина неверојатно.
Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија додавајќи дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините за кои вели дека не може да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусира својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следуваат набргу“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следуваат набргу“, рече тој додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои многу голема шанса неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за приспособување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.