Македонија
Јанкулоска и Јанакиески разговараат за „Монструм“: Аматерски е што „опелот“ не е запален или фрлен во ендек

Дел од разговор меѓу Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, кој е доказ во „Монстру“, а набавен од нелегално снимените разговори, беше цитиран од судијата Осман Шабани кога обвинетиот Фејзи Азири побара тој да биде коментиран од ексминистерката, која е сведок на денешното рочиште. Разговорот бил снимен на 16.4.2012 година. Адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи, и се обрати на Јанкулоска велејќи и дека таа знаела какви ќе бидат резулатите од форензичкото вештачење на разговорот.
Од транскриптот на разговорот судијата Шабани цитира како Јанакиески ѝ коментира на Јанкулоска дека автомобилот можеби бил на некој плац, а потоа додава дека било аматерски бидејќи тој не бил запален или фрлен во ендек.
Дел од исчитаниот транскрипт:
Јанакиески: Абе мене ми дојде една идеја
Јанкулоска: Ајде кажи
Јанакиеск: Абе може да е глупост. Такви типови на коли (се мисли на „опел омегата“) имавме во одземен имот, да проверите да не е од таму. Да не ја изнел некој. Никој не ги контролира плацовите…
Јанкулоска: Абе ние ја имаме колата
Јанакиески: Ама претходно, Гоца
Јанкулоска: Не, не. Го најдовме претходниот сопственик. Мене ми треба некој ако ја видел како се движи, да се види дали полнел безнин, па да се провери дали платил со каричка, кеш
Јанакиески: Абе некој да не ја купил бе, Гоцо (се мисли на тоа откако била на плац како одземен имот)
Јанкулоска: Абе знаеме тоа. (сопственост на колата) Нас ни треба каде се движела. Таа кола е украдена
Јанакиески: Па тоа викам, Гоца
Јанкулоска: Тој од кого е купена пред да е украдена, не е тука
Јанакиески: Аха
Јанкулоска: Мислам дека колата е стара повеќе од десет години
Јанакиески: Нема внатре ништо траги?
Јанкулоска: Треба време за тоа, не можеш одма. Треба време…
Јанакиески: Многу е аматерски што ја оставиле така колата, можеле да ја изгорат
Јанкулоска: Не е аматерски
Јанакиески: Ама можеле да ја запалат
Јанкулоска: Е, можеле, ама мислеле нема да ни помогне
Јанакиески: Или да ја фрлат во некој ендек
Јанкулоска: Треба да се земат траги…
На судењето, прашана од обвинетиот Фејзи Азири, ексминистерката Јанкулоска како сведок кажа дека не негира таква комуникација.
„Факт е дека со Миле сме имале многу разговори на оваа тема. Не негирам дека имавме ваква комуникација со Миле. Ова што вие потсетивте е дел од подолг разговор. Ова се размислувања, негови размислувања, што ми посочува да испитаме, како да испитаме. Овој разговор го гледам како еден од многуте во кој се обидуваат луѓето да дадат придонес“, рече Јанкулоска запрашана да го коментира разговорот.
Во сведочењето Јанкулоска објасни дека доколку анализите од возилото не покажуваат дека биле кај Смилковското Езеро, тогаш ќе се добиеле такви извештаи.
Претходно, Горан Наќевски, родител на едно од убиените момчиња кај Смилковското Езеро, ја запраша Јанкулоска дали ‘опел омегата’ е во сопственост на МВР, а таа одговори дека тоа не е точно, што може да се види од списите чија сопственост е возилото бидејќи тоа е јавен податок што судот го има.
За време на сведочењето на Јанкулоска, на прашање од адвокатот Насер Рауфи, гласно реагира родителот Наќевски и му порача одговори да бара во ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.