Топ
Шверцери на мигранти признаа вина, условно се казнети и ќе бидат протерани од земјава
По поднесен обвинителен акт од страна на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за предметот во кој се обвинети две лица по потекло од Гана дека сториле кривично дело шверцување мигранти, денеска во Основниот кривичен суд – Скопје беше одржано рочиште. По воведните зборови на надлежниот обвинител, обвинетите, германски државјанин и државјанка на Италија, ја признаа вината, соопшти Обвинителството.
Судот донесе пресуда со која на обвинетите им е изречена алтернативна мерка – условна осуда на казна затвор во траење од две години, која нема да се изврши доколку во период од пет години не сторат друго кривично дело, воедно во текот на денешниот ден на обвинетите ќе им биде укината мерката притвор и ќе бидат протерани засекогаш од земјава. При одмерувањето на казната судот ги имаше предвид олеснителните околности дека обвинетите не се сторители на други кривични дела и против нив не се водат други постапки во други земји, дека двајцата се вработени во земјите чии државјани се, како и тоа дека првообвинетиот е татко на малолетно дете, а второобвинетата е болна. Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се согласи со изречената пресуда.
На почетокот на јануари годинава обвинетите со намера илегално да пренесат тројца мигранти се упатиле со патничко моторно возило со германски регистарски таблички во Грција. За непречено поминување, за мигрантите обезбедиле јавни исправи – лични карти од Европската Унија и им ги дале на рака. На граничниот премин Богородица, при контрола од страна на полициски службеник, мигрантите се легитимирале со холандска, шведска и германска лична карта. Тројцата мигранти, кои исто така потекнуваат од Гана, платиле вкупно 500 евра за патни трошоци, а според договорот, остатокот од 1.000 евра од лице требало да го исплатат по пристигнување на крајната дестинација – Австрија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЗНАМ: Однесувањето на Филипче предизвикува историски транфер на разочарани членови од СДСМ кон ЗНАМ
Иако Венко Филипче едновремено зборуваше за европската интеграција на Македонија, денес повторно покажува и докажува дека неговиот интерес е ограничен само на партиската фотелја, велат од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија.
Од таму истакнуваат дека со загриженост ја следат реториката и однесувањето на Венко Филипче.
„Иако едновремено зборуваше за европската интеграција на Македонија, денес повторно покажува и докажува дека неговиот интерес е ограничен само на партиската фотелја. Жалиме што некогашната државотворна партија, наместо да делува како силна, конструктивна и иницијативна опозиција која предлага решенија и води суштински дебати за иднината на државата, се служи со вулгарен и уличен вокабулар, оддалечувајќи се од вистинскиот политички дијалог“, велат од ЗНАМ.
Од таму додаваат дека ваквото однесување и реторика на Филипче и СДСМ, предизвикало историски транфер на разочарани членови од СДСМ кон Движење ЗНАМ – луѓе кои сакаат конструктивен, реформски и државнички пристап.
„Токму поради овој трансфер и растечкото разочарување, Филипче и раководството на СДСМ се во параноја, обидувајќи се да го одржат партискиот штит и личната фотелја. Прашањето кое се наметнува е – дали ваквиот настап на Филипче е само најава за пат кон Дубаи со златни визи, каде личните интереси се пред државните? Тој впрочем одбива да учествува во разговор за клучни државни интереси и реформските закони кои се дел од агендата за европски интеграции. Ова е јасна порака дека неговиот приоритет не е напредокот на државата, туку зачувувањето на лични и партиски позиции“, велат од ЗНАМ.
Од Движењето наведуваат дека тема на лидерската средба е токму она што ја носи Македонија напред – реформи во правосудството, реформите за јавното обвинителство, унапредување на безбедноста и слободата на изразување.
Според ЗНАМ сето тоа е дел од реформската агенда за ЕУ, која има за цел економски раст и стабилност на државата.
„Венко Филипче, за жал, не е научен на ваков дијалог кога станува збор за државата. Тој и некогашното владино раководство предводено од СДСМ не ги дискутираа суштинските теми за иднината на Македонија на овој начин – Преспанскиот договор или францускиот предлог не беа предмет на лидерска средба. Одлуките се носеа зад затворени врати, без јавен дебатен простор, без грижа за суверенитетот, без почит кон граѓаните – како државата да беше нивна лична сопственост, а не татковина за сите Македонци. Филипче е заштитен од систем кој го штити од одговорност за минатите криминали: провизии од модуларни болници, тендери за јаглен за ЕСМ со лични подароци, вакцини купувани по двојно високи цени, и трагедијата во Тетово со 14 живи изгорени луѓе. Сите тие случаи се дел од мрежа на партиска корупција која го штитела, додека тој молчел и го штител својот партиски круг. За разлика од тој систем, сегашната Влада ја води државата кон стабилност и европска интеграција. Ниту еден корупциски скандал, ниту еден криминален тендер, ниту еден скандал не ја наруши довербата на граѓаните. Аферите на минатата власт – Рашковски, Ковачевски, Мухамед Зеќири, бегалецот Груби и нивните соработници – се трајно сведоштво за владеење кое ја постави Македонија во стагнација и пропаст“, велат од ЗНАМ.
Од Движењето наведуваат дека Филипче мора да излезе од мафијашкиот филм и од обвинувањата за „српскиот свет“ и, како што велат, крајно време е да го остави партискиот мит зад себе и да почне да гледа реално на државата.
„Движење ЗНАМ за Наша Македонија го повикува да престане да ја блокира реформската и европската агенда и да се посвети на вистинските интереси на државата и граѓаните, наместо на фотељата и на партиските штитови. Македонија заслужува лидери кои гледаат напред, кои градат консензус за реформите и за европската иднина, а не лични или партиски позиции“, велат од ЗНАМ.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Македонија
Снег и заладување низ земјава, од следната седмица утрински температури под -10
Утре претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер (над 60км/ч.). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите насекаде ќе бидат само од снег.
Пообилни врнежи ќе има во западните делови, при што висината на снежната покривка на планините ќе се зголеми за 20, а во останатите места од 5 до 10 сантиметри. Локални врнежи од снег ќе има и во недела, кога ќе дува засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица наместа утринските температури ќе се спуштат и под -10 степени, а дневните ќе се задржат под нулата.
Во Скопје, утре претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе бидат само од снег. Локални врнежи од снег ќе има и во недела, кога ќе дува засилен северен ветер.

