Компании
Втор „Cheese Land“ во Веро Центар
Веро-центарот од 26ти ноември до 15ти декември и оваа година e домаќин на најголемиот продажен фестивал на сирења и кашкавали, „Cheese Land“.
За сите обожаватели на оваа древна храна Веро-центарот по втор пат организира „Cheese Land“ (Земја на сирењето) каде потрошувачите може да купуваат, дегустираат и да уживаат во своите омилени производи. За викендите е подготвена и супер програма со детски активности, игри, анимации и награди, што ќе ги развесели децата, но и возрасните.
На „Cheese land“-от во Веро-центарот потрошувачите ќе имаат можност да уживаат во сирењата на Бимилк, Идеал шипка, Здравје Радово, Јого меркур, Малешевски, Хемипром, Рудине, Mонтенегро, Николови, како и во вината на Стоби и на Тиквеш, но и во ајварот на Мамас, вкусови што ги обединуваат најавтентичните ароми и доживувања на сетилата.
„Големо задоволство е да им се овозможи на потрошувачите едно вакво доживување, кое и минатата година беше дочекано со воодушевување. Додека не дојдете тука и видите, нема да знаете колку фанови на сирењето и кашкавалот навистина постојат. Нашите потрошувачи имаат истенчен вкус и деликатно одбираат, точно ги знаат производите и производителите, некои дури ги препознаваат сирењата и кашкавалите по боја, густина, текстура, не мора да видат бренд или амбалажа… Задоволни сме што можеме да им понудиме прекрасен амбиент и раскошен избор и на најпребирливите потрошувачи“ – изјави Влатко Величков, маркетинг менаџер во Веро.
Соединетите Американски Држави се број еден производител на сирење во светот. Но, иако САД произведуваат најмногу сирење, Грција и Франција се лидери во консумација, околу 24 килограми годишно пер капита, за разлика од Американците кои консумираат околу 14 килограми годишно.
Денес постојат многу видови на сирење, околу 500 различни сорти признати од страна на Меѓународната Млечна Федерација. Сортите се групираат или класифицираат во типови според критериуми како што се должината на стареење, текстура, методи за правење, содржината на масти или на влага, животински млеко, земја или регион од каде што потекнува, итн.
Сирењето е почитувано поради неговата преносливост, долг рок на траење, високо ниво на масти, протеини, калциум и фосфор. За да се стане експерт во областа на сирењето потребно е неформално образование и многу години дегустација и практично искуство во избор на сирење со одредени јадења, вкусови, вина и други пијалаци, купување, чување и зреење на сирењето.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонско возило привлече внимание на улиците на Будимпшета: GREEN MACHINES чисти снег кај будимската тврдина
Деновиве, возило на Green Machines на БРАКО – Велес, привлече внимание на улиците на Будимпешта, додека ја чистеше од снег Будимската тврдина, едно од најзначајните културно-историски обележја на унгарската престолнина.
Иако по димензии е значително помало во споредба со класичните камиони за чистење снег, Green Machines возилото се покажа како исклучително ефикасно токму таму каде што големата механизација има ограничен пристап – на пешачки зони, патеки и тешко достапни делови, особено во културно заштитените подрачја и објекти.
Додека тешките машини се користат за расчистување на главните сообраќајници, возилото произведено во БРАКО обезбедува прецизно и безбедно одржување на јавната хигиена и зимската проодност во чувствителни урбани средини, каде што се бара внимателен пристап и современа технологија.
Истото возило кое во текот на годината ја одржува чистотата на градските улици, паркови и плоштади, во зимски услови успешно се користи и за чистење снег, што уште еднаш ја потврдува универзалноста и мултифункционалноста на возилата на Green Machines на БРАКО.
Фактот што вакво македонско индустриско решение е ангажирано во една европска метропола како Будимпешта претставува силна потврда дека нашите возила не само што се извезуваат, туку и се избираат за работа во најсложени и најчувствителни услови – од секојдневна урбана хигиена до зимско одржување, во повеќе од 60 држави низ светот.
(ПР)
Економија
„Сетек“ отвора нов продажен салон во Godi Retail Park
Сетек – ја зацврстува својата лидерска позиција на македонскиот пазар со повеќе од 32 години доверба и врвна понуда на најновите производи од најпрестижните светски брендови.
Брендот продолжува со својата мисија да ја донесе технологијата поблиску до своите потрошувачи, да ги понуди најдобрите услови, најповолните цени и најдобрата услуга.
Големото отворање ќе се одржи од 6 до 8 февруари, ново место, нова енергија, нов, модерен Сетек продажен салон во Godi Retail Park – Скопје, со промотивни цени, најголеми попусти и над 300 подароци за најверните купувачи.
Во текот на отворањето, посетителите ќе имаат можност да уживаат во интерактивни демо-зони со тестирање и дегустации на врвни производи, како и специјална забавна програма.
СПЕЦИЈАЛНА ПРОГРАМА:
Петок, 6 февруари – забава со Гораст и Тони Зен
Сабота, 7 февруари – забава со Викса и DJ Дела
Подароци ве очекуваат со секоја сметка над 10.000 денари.
Посетете нè и бидете дел од најголемата технолошка забава во градот!
Количините се ограничени. Промотивните цени важат исклучиво во СЕТЕК Godi Retail Park – Скопје.
(ПР)
Економија
Македонски производи во износ од 15,5 милиони евра извезени преку мрежата на Лидл во 2025 година
Извозот на македонски производи во 2025 година преку продажната мрежа на Лидл достигна 15,5 милиони евра, што е јасен показател за извозниот потенцијал на домашните производи и можноста за пласман на европските пазари што ја нуди Лидл. Ова претставува огромен раст, во споредба со 5 милиони евра извоз во 2024 година и 570 илјади евра во 2023 година.
Странските пазари најголем интерес покажаа за трпезното грозје, од кое беа реализирани приходи од 3,3 милиони евра, а имаше најголем пласман во Полска. Одлични резултати имаше и од извозот на јагнешко месо во Бугарија, чија продажба донесе прилив од 2,2 милиони евра.
Дека свежото овошје и зеленчук се еден од домашните извозни адути покажа податокот според кој од вкупниот износ од 15,5 милиони евра, во минатата година беше реализиран извоз од 5 милиони евра. Преку мрежата на Лидл се извезени 15 вида од овие земјоделски култури, од преку десет добавувачи. Петте најизвезувани производи беа грозје, зелка, пиперка, моркови и домати, кои одлично поминаа во Бугарија, Германија, Романија, Полска, Словачка, Србија, Чешка и други земји. Во рамки на редовниот извоз од 7 милиони евра доминираа конзервираните производи, со остварени продажби во странство од 5,8 милиони евра, по што следуваат кондиторските, млечните производи, како и виното и пијалаците.
„Постои голем потенцијал за извоз на македонските производи. За нас во Лидл е успех што можеме да ги поддржиме и да бидеме мост за македонските производи кон европските пазари. Постојано соработуваме со производители од земјава и сме особено горди што на десетици компании можеме да им помогнеме во процесите на сертификација, зголемување и унапредување на капацитетите за производство и да овозможиме извоз на европските пазари“ изјави Стефан Георгиев, комерцијален директор на Лидл Северна Македонија.
Преку иницијативата „Македонска недела“, Лидл во претходните две години организираше 22 промоции во маркетите во Бугарија, Словенија, Србија и Хрватска, со понуда на над 70 македонски производи од 17 добавувачи и над 2.200 палети производи, правејќи ги многу повидливи и препознатливи за странските потрошувачи.
Лидл се позиционира како сериозен и значаен партнер на македонската економија, со мерливи резултати во извозот на домашни производи и конкретна поддршка на домашните компании. Со отворањето на маркети низ целата земја компанијата очекува зајакната соработка со домашните производители, со цел на потрошувачите да им понуди широк спектар на квалитетни производи по пристапни цени.
(ПР)

