Црна хроника
Нова кривична против Петрески, незаконски вработувал пред избори
СВР Охрид во петокот поднесе кривична пријава против А.П.(50) од Охрид поради постоење основи на сомнение дека во својство на градоначалник противправно вработил 165 лица пред локалните извори во 2013 година.
Поранешниот градоначалник на Охрид од претходно се наоѓа во притвор, откако МВР против него и негови соработници поднесе кривични пријави поради сомневање за сторени неколку кривични дела.
Најновата кривична пријава се однесува на периодот декември 2012 до март 2013 година. Пријавениот, според СВР Охрид, во својство на градоначалник на Охрид, делувајќи по претходна умисла, веројатно со намера да се стекне со што поголемо општествено влијание како кандидат за Градоначалник во пресрет на Локалните избори 2013, спротивно на Законот за работни односи противправно склучил сто шеесет и пет договори за времени вработувања и вработувања со договори на дело без за тоа да постои било каква оправдана или издржана потреба.
Тоа го направил без претходно да има соодветни писмени барања од страна на раководителите на сектори и другите организациони единици во рамките на општинската адмистрација, без да постои соодветна систематизација донесена во законска пропишана постапка и без да биле обезбедени доволно средства во буџетот на општината Охрид. Со оваа постапка се надминале предвидените буџетски средства за 1.146.542 денари во 2012 година и за 2.297.574 денари во 2013 година. Со тоа пријавениот ги пречекорил границите на неговите службени овластувања и ги прекршил одредбите од Законот за работни односи, со што и нанесол вкупна материјална штета на општина Охрид во износ од 5.650.496 денари.
Од вкупниот број на изготвени и потпишани договори за времени вработувања и договори на дело од негова страна, на работни места со работни задачи и задолженија согласно потпишаното се јавувале само дваесет и три лица, додека останатите сто четириесет и пет лица воопшто не оделе на „работните места“, се вели во соопштението.
Во периодот од 2008 до 2012 година, во период кога сметката на општина била блокирана со судски решенија, пријавениот А.П. вршел фиктивни вработувања на лица во туристичкото биро “Лихнидос“ ДООЕЛ од Охрид. Тој, со цел исплата на плати за таквите противзаконски вработувања во ТБ „Лихнидос“, од управителите кој тој лично ги избирал и назначувал во претходен меѓусебен договор, побарал истите врз основа на фиктивни т.н. „договори за деловна соработка“ да изготват вкупно 44 фиктивни фактури за извршени услуги во вкупна вредност од 5.819.300 денари. Таквите фиктивни фактури тие ги доставувале до пријавениот Петрески, кој во својство на градоначалник на општината, „приоритетно“, односно веднаш давал налог за нивна исплата. На тој начин, пријавениот Петрески го сторил кривичното дело за кое се товари, а по основ исплата на фиктивните 44 фактури, предизивикал материјална штета на буџетот на општината од 5.819.300 денари, велат од охридската полиција. /крај/.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

