Македонија
Повторно одложено рочиштето за „Рекет“

Поради неуредна достава на поканата за сведокот Дејан Панделески, синот на газдата на Пелистерка, повторно беше одложено судењето за случајот „Рекет“.
Во 11:30 часот Апелацискиот суд треба да расправа по жалбата за мерката притвор на Бојан Јовановски – Боки 13, кој бара да биде пуштен во домашен притвор.
Рочиштето за „Рекет“ се одложува вторпат – вчера требаше да сведочи сопственикот на „Тинекс“, Владимир Тодоровиќ, кој достави потврда дека е на службен пат.
Се очекува тој во вторник да се појави пред судот кога треба да сведочи и Сергеј Варошлија, пријател на Јовановски и поранешен вработен во 1 ТВ. В среда, пак, пред судот како сведоци треба да се појават сопругот на Фросина Ременски од СДСМ, Јовче Ременски, и Дејан Панделески.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Васка Николовска-Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.
Одбраната на Бојан Јовановски има предложено 12 сведоци.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милески Кичеец.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело и за примање награда за противзаконито влијание. Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.
На првото рочиште за „Рекет“, кое се одржа на 3 декември минатата година, третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец призна вина за делото примање награда за противзаконито влијание, по што беше осуден на три години затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Локални избори: На полноќ завршува јавниот увид во избирачкиот список

На полноќ завршува увидот во Избирачкиот список, којшто граѓаните од 23 август можат да го проверат и да поднесат барања за запишување, дополнување или бришење податоци.
Барањата се поднесуваат писмено до ДИК, по електронска пошта или преку месните канцеларии, а решенијата се носат во рок од 24 часа.
Заклучно со 9 септември, увид извршиле вкупно 5729 граѓани, од кои 3397 мажи и 2332 жени. Осум лица поднеле барање за запишување во Избирачкиот список, 136 за бришење, а 59 за промена на податоците, најчесто поради промена на адреса или презиме.
Изборната кампања за Локалните избори почнува на 29 септември, а гласањето ќе се одржи на 19 октомври.
Македонија
Променливо облачно време, попладне со пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде променливо облачно, попладне нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа ќе има услови за изолирана појава на невреме со пообилен пороен дожд за кратко време (над 15л/м2) и засилен ветер (над 60км/ч).
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно, попладне нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Во петок ќе настапи преодно стабилизирање на времето, а во сабота ќе има изолирана појава на нестабилност. Во недела повторно на повеќе места ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи, наместа со поинтензивни процеси.
Македонија
Ветрот го сменил правецот од Дрисла, Скопје вечерва мириса на изгорено

Вечерва ветрот го смени правецот и дува од депонијата Дрисла во насока на Скопје поради што во делови од главниот град се чувствува силен непријатен мирис, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Соопшти дека и вечерва продолжуваат активностите за затрупување на депонијата Дрисла, а ќе бидат дополнително засилени рано наутро.
За утре се планирани и повеќе дополнителни активности на дивата депонија Вардариште, најави Ангелов.
Преходно денес беше соопштено дека пожарот на депонијата „Дрисла“ се гасне со затрупување на најкритичните делови.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е потпален, а како причина за тоа ги наведе физичките процеси на распаѓање на отпадот, кога се ослободува метан – штетен гас кој е лесно запалив, поради што Мицкоски вели дека е доволен само еден отпушок за да се предизвика пожар.
Граѓаните од главниот град вечерва се жалат на миризбата надвор која им предизвикува отежнато дишење. Ситуацијата, според мерните станици, особено е алармантна вечерва во Аеродром и во Ново Лисиче.