Економија
Царовска: Мерката за субвенционирање придонеси ја користат 22 илјади компании

Вицепремиерката задолжена за економски прашања – Мила Царовска, министерот за странски инвестиции — Елвин Хасан, дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика – Санела Шкријељ и директорката на Управата за јавни приходи – Сања Лукаревска ја посетија компанијата „Босут“ од Куманово, која произведува ХТЗ опрема и која е корисник на мерката за субвенционирање на придонеси во случај на зголемени плати за вработените, како и на мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
Царовска, по разговоите со сопственикот и менаџментот на компанијата, посочи дека компанијата „Босут“ постојано ја зголемува својата продуктивност преку техничко-технолошки развој и овозможува добри услови за работа на нивните вработени. Таа дополни дека оваа компанија е дел од вкупно 22 илјади компании на територијата на целата држава кои ја користат мерката за субвенционирање на придонеси во случај на покачување плати за вработените.
„Она коешто треба да се истакне е дека во оваа компанија околу 75% од работниците се субвенционирани преку последниот закон за субвенционирање на придонеси при раст на плати и ова укажува дека во текстилната индустрија имаме одлични примери каде што расте продуктивноста, растат платите, а со тоа ја подобруваме и економијата во нашата држава. Во последните пресметки заедно со УЈП утврдивме дека вкупно 119.445 илјади работници во државата во моментот ја користат оваа мерка за субвенционирање и со тоа растат платите во нашата држава. Се виде дека последните статистички податоци за декември покажаа дека просечната плата навистина рапидно расте и во континуитет се случува тоа, а тоа укажува дека и стандардот на живеење на нашите работници се подобрува“, потенцираше вицепремиерката Царовска.
Министерот за странски инвестиции, Елвин Хасан, информираше дека компанијата „Босут“ е исто така корисник на мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестиции, којшто дава исти можности за домашните и странски компании и преку кој досега се поддржани околу 200 компании.
„Компанијата ‘Босут’ во 2017 има склучено договор за финансиска поддршка со Владата, а во 2019 е склучен анекс со цел усогласување на промените согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Имаат аплицирано за 3 мерки, за зголемување на капиталните инвестиции, поддршка за креирање нови работни места и поддршка за зголемување на конкурентност на пазарот. Ни претставува посебно задоволство што оваа компанија изразила желба да склучи договор и да аплицира за финансиска поддршка за 3 мерки. Како што гледате, законот овозможува компаниите да аплицираат за повеќе мерки и да добиваат финансиска поддршка согласно законските одредби“, посочи министерот Хасан.
Дополнителната заменик-минисерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, се осврна на мерките кои произлегуваат од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување во 2020 година, при што нагласи дека овие мерки се креирани токму за потребите компаниите, работниците и невработените лица во земјата, со особен фокус на младите лица.
„Износот што се обезбедува за Оперативниот план за 2020 година е навистина рекорден. Заедно со партнерите обезбедуваме 1,45 милијарди денари со цел да излеземе во пресрет на компаниите од една страна и од друга страна, работиме на намалување на невработеноста општо во нашата држава, а особен фокус ни се младите лица. Токму затоа ги упатуваме сите компании да ги користат што повеќе мерките што ги нудиме преку оперативниот план, што не се само субвенционирање на раст на плати, туку и обука кај познат работодавач, практикантство и последната мерка младински додаток којшто се однесува и е поддршка токму во фирми од производствената дејност. Преку оваа мерка се обезбедуваат 3.000 денари месечен надомест директно на сметка на младите лица. Досега имаат аплицирано околу 2.800 лица за користење на оваа мерка, така што ги упатувам и самите компании да ја промовираат мерката и еден апел до сите млади лица коишто се вработени или сакаат да се вработат во компании како што е оваа, каде што нудат квалитетни и добро платени работни места да се упатат во Агенцијата за вработување“, нагласи Шкријељ.
Директорката на Управата за јавни приходи, Лукаревска, истакна дека мерката за субвенционирање на придонеси во случај на покачување на плата е одлично прифатена во сите компании, на цела територија на Република Северна Македонија.
Сопственикот на компанијата „Босут“, Драган Стефановски посочи дека оваа компанија во моментов вработува 415 лица кои се вработени во четири производствени објекти на територија на општините Куманово, Крива Паланка, Ранковце и Кратово. Тој нагласи дека мерката за субвенционирање на придонеси за пораст на платите, како и мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите се одлично конципирани и помагаат за понатамошен раст и развој на домашните компании.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Народната банка и Агенцијата за катастар на недвижности потпишаа Меморандум за соработка

Народната банка и Агенцијата за катастар на недвижности денеска потпишаа Меморандум за соработка, со кој се воспоставува рамка за унапредена размена на податоците и информации од заемен интерес, во функција на подобрување на аналитичките и институционалните активности на двете институции.
Меморандумот, кој го потпишаа гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, претставува основа за систематска и безбедна размена на информации, пред сѐ од Регистарот на цени и закупнини што го води Катастарот како дел од Геодетско-катастарскиот информациски систем.
Преку оваа соработка, Народната банка ќе ги збогати анализите на ризиците од пазарот на недвижности како важен сегмент во рамки на нејзините активности за придонесување кон постигнување и одржување на финансиската стабилност.
Овој документ е одраз на заемната определба на Народната банка и Агенцијата за катастар на недвижности за интензивирање на меѓуинституционалната соработка, базирана на принципите на професионалност, транспарентност и ефикасност, во насока на унапредување на квалитетот на податоците и политиките од јавен интерес.
Економија
Министерството за финансии и Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора почнуваат со редовна комуникација за состојбите на пазарот

На 7 октомври Министерството за финансии и претседателството на Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија одржаа работен состанок, којшто го водеше државниот секретар во Министерството, Андриана Матлиоска. На состанокот беа дискутирани актуелните состојби на финансискиот пазар во делот на финансиските друштва.
Врз основа на направените анализи е констатирано успорување на растот на кредитната активност на финансиските друштва по донесувањето на последните измени на Законот за финансиски друштва во јули 2023 година и Правилникот за кредитен ризик од април 2024 година. Така, податоците покажуваат дека во првото полугодие на 2025 година, во вкупното кредитирање во земјата, финансиските друштва учествуваат со 2,3%. Воедно, засилениот надзор од Министерството за финансии над работењето на финансиските друштва влијаеше во насока на консолидација на секторот и намалување на бројот на финансиските друштва од 35 на 26 финансиски друштва.
На состанокот беше поздравено формирањето на Одделението за следење и надзор над работата на небанкарските институции во рамки на Секторот финансиски систем во Министерствот за финансии, преку кое се зајакнува вонтеренскиот и теренскиот надзор на финансиските друштва и имплементацијата на законската рамка и подзаконските акти донесени од Министерството за финансии во својство на регулатор.
Како што беше истакнато на состанокот примарна цел на Министерството за финансии и на Групацијата на небанкарски финансиски друштва е заштита на потрошувачите. Во таа насока од страна на државниот секретар Матлиоска беше истакнато дека Министерството за финансии како регулатор во оваа област, постојано работи на зајакнување на регулативата со цел обезбедување висока заштита на правата на потрошувачите кои користат финансиски услуги од финансиските друштва. При тоа таа додаде дека преку постојани подобрувања на регулативата, финансиските друштва се обврзани да воспостават систем за
управување со кредитен ризик, што значи дека се обврзани одговорно да ја проценуваат кредитната способност на клиентот пред да одобрат кредит.
Во тој контекст претседателството на Групацијата информираше и за спроведување на Етичкиот кодекс кој беше донесен во јуни 2025 година, а кој
На состанокот беше истакната заедничката заложба за поголема транспарентност на податоците и информациите за работата на финансиските друштва во јавноста. Во контекст на ова, а согласно последните измени, покрај регуларните извештаи и обврски за известување кои и досега ги имаа финансиските друштва, истите сега имаат обврска задолжително транспарентно и јавно да го објават својот тарифник со надоместоците на својата веб-страница и на видно место во своите работни простории. Тоа на потрошувачите ќе им овозможи целосен увид во сите трошоци пред склучување на договорот.
Заеднички беше констатирано дека сите преземени досегашни мерки ја потврдуваат посветеноста за финансиската стабилност на пазарот и заштитата на потрошувачите.
(ПР)
Економија
Цените на нафтата се искачија над 66 долари

Цените на нафтата денес се искачија над 66 долари на меѓународните пазари, при што водечките производители објавија само умерено зголемување на понудата кон крајот на годината и индикации за стабилна побарувачка за гориво во САД.
На лондонскиот пазар, цената на барел попладне беше за 1,04 долари повисока од вчерашното затворање, на 66,49 долари. На американскиот пазар, барелот се тргуваше по цена повисока за 1,13 долари, на 62,86 долари.
Инвеститорите беа изненадени од објавата на почетокот на неделата од водечките производители дека имаат намера само умерено да ја зголемат понудата кон крајот на годината.
Групата од осум членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници објавија во неделата дека ќе испумпаат само дополнителни 137.000 барели дневно на пазарот во ноември.
Тие веќе ја зголемија понудата за 411.000 барели дневно во септември.
„Осумката“ забележа дека изгледите за глобалната економија се „стабилни“ и дека пазарните индикатори се „моментално здрави“, судејќи според „ниското ниво на залихи“.
Пазарите очекуваа октомври да означи само краткорочен одмор во забрзаната нормализација на залихите.