Економија
(Видео) Ковачевски: Мицкоски ќе влезе во историјата на ЕЛЕМ кој како директор купил струја по највисока цена
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, на прес-конференција ги презентира, како што рече, фактите за неодговорното и недомаќинското работење на Христијан Мицкоски како поранешен генерален директор на АД ЕЛЕМ, сега АД ЕСМ.
„Христијан Мицкоски ќе влезе во историјата на оваа државна компанија како директор што купил увозна струја по астрономски високи цени. Мицкоски во јануари 2017 година увезе струја по цена и до 240 евра за MWh. Во периодот од 8 до 23 јануари 2017 година тој како директор купил скапа увозна струја во вредност од 360 милиони денари или 5.600.000 евра. Пари на компанијата, пари на државата, пари на граѓаните. Средства кои, доколку се работело како што треба, немало да се потрошат за скап увоз на струја.
Според Ковачевски, доколку компанијата била подготвена за грејната сезона, немало да има увоз. Само во јануари биле набавени 58.992 MWh електрична енергија, од кои најниската цена е 52,85 е/MWh, а највисоката 240 е/MWh.
„И, затоа, се поставуваат неколку прашања, на кои одговор може да деде само лично Христијан Мицкоски:
1. Зошто Христијан Мицкоски во 2017 година дозволил да нема евтино домашно производство и наместо тоа, да купува скапа увозна струја?
2. Зошто купувал ден за ден, што е модел за највисоки цени? Зошто не набавил плански за подолг период, со што би се постигнало намалување и упросечување на цените? Дали така ќе се избегнеше цената од 240 евра?
3. Дали со своето неодговорно раководење свесно ја оневозможил компанијата да произведе сопствена евтина енергија, со што ја загрозил стабилноста на електроенергетскиот систем, а исто така предизвикал сериозна материјална штета?
Ова се прашања на кои само Христијан Мицкоски може да одговори“, рече Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Биткоинот поскапе на 61.710 евра, инвеститорите се претежно оптимисти за понатамошниот раст
Биткоинот поскапе за 0,53 отсто на 61.710,57 евра денеска во 15:30 часот на најголемата светска берза за криптовалути Binance.
Вкупниот обем на тргување со биткоин во последните 24 часа изнесува 21,42 милијарди евра, што е значително повеќе од вчера.
Инвеститорите се претежно оптимисти за понатамошниот раст на Биткоин.
Економија
Нови цени на дизелот и бензините од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,27 % во однос на одлуката од 16.5.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,601 %, кај дизелот 0,751 %, кај екстра-лесното масло 1,310 % и кај „мазутот“ намалувањето е 2,450 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,368 %.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се намалува 1,50 денар/л.
Малопродажните цени на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 1,00 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 0,306 денари/кг и сега ќе изнесува 42,629 денара/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00.01 часот на 21.5.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт може да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
РЕС е најголем снабдувач со струја на слободниот пазар, објави Регулаторната комисија за енергетика
РЕС е најголем снабдувач со струја на слободниот пазар и најголем дел од стопанството добива електрична енергија од РЕС, објави Регулаторната комисија за енергетика.
РЕС (Renewable Energy Supply) сам држи речиси една третина од пазарот, а другиот дел го делат други 20 снабдувачи.
Во 2023 година РЕС продал 609.771 MWh електрична енергија или 28,84 % од вкупната енергија на слободниот пазар, а во снабдувањето на големите субјекти држи дури 34 % од пазарот.
Освен на големите потрошувачи, РЕС им дава исклучително поволни и поевтини понуди за снабдување и на малите потрошувачи и нивниот број во балансната група на РЕС постојано расте, особено од почетокот на 2024 година.
Компанијата во моментот бележи уште повисоки резултати и снабдува над 900 клиенти, со предвидена годишна количина од речиси 700.000 MWh електрична енергија.
РЕС е формиран 2022, а годинава се најде на листата на топ-100 компании со најголема добивка во 2023 година.
ПР