Свет
Мнозинството Швеѓани сакаат построги закони за намалување на имиграцијата

Мнозинството Швеѓани, или 54 отсто, сакаат да ги променат законите така што помалку луѓе ќе добиваат дозвола за престој, пренесува дневниот весник „Свенска дагбладет“ објавувајќи ги резултатите од истражувањето на анкетарот „Сифо“.
Најмалку 21 отсто од испитаниците сакаат Шведска да прими толку мигранти колку што има денес, други 10 отсто би сакале да се зголеми бројот, додека 14 отсто биле неопределени.
Истражувањето е спроведено помеѓу 4 и 6 март, односно откако Турција се закани дека ќе ја отвори границата со ЕУ за мигрантите, но јавното мислење остана релативно стабилно, со приближно ист процент на одговори за и против миграцијата како оние добиени во јуни 2017 година.
Шефот на „Сифо“, Тоиво Сјорен, тврди дека мигрантската криза во 2015 година сè уште влијае врз ставовите на Швеѓаните.
„Многу луѓе сè уште се поврзуваат и зборуваат за 2015 година без оглед на која политичка партија припаѓаат. Се зборува за претходните бегалски бранови“, рече Сјорен.
Економистот Јоаким Руист, кој е специјализиран за имиграција, го повтори ова мислење. Тој исто така се согласи дека повеќето луѓе не знаат колку баратели на азил Шведска прима или како се менува бројот со текот на годините. Наместо тоа, нивниот одговор рефлектира нешто друго, „инстиктот“ под влијание на важните настани како кризата во 2015 година.
Руист исто така посочи дека, иако заканата на Турција дека ќе ги отвори вратите не е целосно остварена, повеќе луѓе би сакале да забележат намален прием на мигранти ако тоа се случи.
Можеби очекувано, гласачите на антимигрантските шведски демократи, најмногу сакаат да ја намалат миграцијата, па 98 отсто од нив се изјасниле за тоа. Големо мнозинство од либерално-конзервативните модерати и социјално-конзервативните христијански демократи, со 78 и 71 отсто, исто така би сакале да стават рампа за миграцијата.
На другиот крај на спектарот, партијата на „зелените“ и Левицата имаат најмногу симпатизери кои би сакале зголемена миграција со 47 и 41 отсто од анкетираните.
Од мигрантската криза во 2015 година, ставот на Шведска кон миграцијата драстично се промени. Иако во 2015 година премиерот Штефан Лофвен експлицитно изјави дека неговата Европа не гради sидови, денес тој инсистира надворешната граница на ЕУ да биде непробојна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Магичен ден“, прослава во Тел Авив по објавувањето на договорот

Во Тел Авив, владее еуфорична атмосфера додека стотици луѓе се собираат на Плоштадот на заложниците, и покрај дождот, за да го прослават потпишувањето на договорот меѓу Израел и Хамас, известува Алис Кади од теренот.
Толпата аплаудира и танцува под американските и израелските знамиња, додека една жена гордо држи знак на кој пишува: „Го сакаме Трамп“.
„Ова е магичен ден“, вели жената што стои до новинарот.
Во близина, 50-годишната Јаел не може да ги скрие своите емоции, плачејќи додека ја гледа толпата како танцува.
„Толку сум возбудена – ова е огромно олеснување“, вели таа. „Само сакаме да ги видиме нашите најблиски да се вратат дома кај своите семејства“, додава таа.
Свет
Зеленски: Ако Трамп ни испрати ракети „Томахавк“, ќе го номинираме за Нобелова награда

Киев ќе го номинира Доналд Трамп за Нобелова награда за мир ако испрати ракети „Томахавк“ во Украина и помогне во посредувањето за прекин на огнот со Русија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Коментирајќи го состанокот што го имаше со американскиот претседател на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк кон крајот на септември, Зеленски им рече на новинарите во Киев: „За време на нашиот последен состанок, не слушнав „не“. Она што го слушнав беше дека работата ќе продолжи на техничко ниво и дека оваа можност ќе се разгледа“.
„Планот за завршување на војната нема да биде лесен, но тоа е секако патот напред. И ако Трамп му даде на светот – а особено на украинскиот народ – шанса за таков прекин на огнот, тогаш да, тој треба да биде номиниран за Нобелова награда за мир“, рече Зеленски. „Ние ќе го номинираме во име на Украина“.
Политико потсетува дека Трамп претходно водеше кампања за престижната награда, тврдејќи дека завршил седум војни.
Зеленски, исто така, истакна дека ракетите „Томахавк“, со дострел до 1.500 километри, ќе ѝ овозможат на Украина да погоди цели длабоко во Русија, сè до Сибир.
Според него, ова ќе ја зајакне Украина и „малку ќе ги отрезни Русите, доведувајќи ги на преговарачка маса“. Тој истакна дека Киев побарал прецизни ракети со долг дострел за време на мандатот на Џо Бајден, но барањето било одбиено.
Трамп во понеделник изјави дека „некако“ донел одлука да ги испрати ракетите во Украина, но сакал да разјасни како ќе се користат.
„Некако се одлучив. Мислам дека сакам да дознаам што прават со нив, каде ги испраќаат, претпоставувам. Морам да го поставам тоа прашање“, рече Трамп, додавајќи дека не сака ескалација на конфликтот.
На објавата реагираше и Москва. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, предупреди дека испраќањето на Томахавците во Киев „ќе доведе до нова сериозна фаза на ескалација на украинската криза, но исто така ќе предизвика непоправлива штета на руско-американските односи“.
Свет
Фон дер Лајен повторно го преживеа гласањето за нејзино разрешување

Европскиот парламент денес во Стразбур со големо мнозинство ги отфрли предлозите на крајната левица и десница да гласаат против претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, три месеци откако пратениците отфрлија сличен предлог на крајната десница.
Десничарската група „Патриоти за Европа“ побара гласање за доверба поради економските, климатските и миграциските политики на фон дер Лајен, а особено поради договорот со Соединетите Американски Држави, според кој САД воведуваат општа царина од 15 проценти за увоз од Европа.
„Соочени со Америка на (претседателот) Доналд Трамп, вие не само што се согласивте на договор без надомест, туку потпишавте и трговско предавање на Европа, додека другите сили ги бранат своите интереси со сета своја сила. Вие им предадовте сè на нашите конкуренти: нашите фарми, нашите фабрики и, секако, нашите работни места“, рече Џордан Бардела, претседател на Партнерството за Европа, во дебата на пленарната седница на Европскиот парламент во понеделник.
Бардела рече дека фон дер Лајен ќе ги доведе европските компании до пропаст и се пожали на „22.000 дополнителни регулаторни текстови за пет години, или 11 нови текстови дневно, што ја прави Европа светски шампион во документацијата“.
Европскиот парламент го отфрли предлогот на Патриот со 179 гласа „за“, 378 „против“ и 37 „воздржани“.