Црна хроника
Вработени на „Александар Велики“ краделе накит од багажот на патниците
Вработени на скопскиот аеродром „Александар Велики“ краделе златен накит од багажот на патниците, при што заработиле 410.000 денари.
Скопската полиција поднесе кривична пријава против А.В.(54), Б.Т.(40), С.С.(47), ракувачи на аеродромска опрема и И.Ф.(40) обезбедувач, вработени во ТАВ – Аеродром „Александар Велики“, осомничени за две тешки кражби.
Од страна на Истражен судија, на четворицата им е одредена мерка притвор во траење од по 30 дена.
Според информациите од полицијата, на 3-ти ноември околу 10:30 часот, на аеродромот „Александар Велики“ во авионот од летот Цирих-Скопје по неговото пристигнување на аеродромската платформа и поставувањето на елеваторот, тројцата ракувачи влегле, се качиле во карго делот на авионот со цел да го истоварат патничкиот багаж, додека обезбедувачот останал кај елеваторот да ги набљудува како ја извршуваат нивната работна задача.
Притоа, А.В. забележал црвен куфер, го отворил и забележал бел платнен несесер. Го отворил патентот од несесерот и од него извлекол златен накит: златен ќустек од еден метар, златен плетен ланец од 64 см, три дебели златни алки и златна петтолирка, сопственост на Д.М.(1990) од Швајцарија, притоа стекнувајќи се со противправна имотна корист од 360.000 денари.
Првопријавениот А.В. украденото злато го ставил во неговата работна јакна која после истоварањето на патничкиот багаж од авионот ја оставил во нивната работна просторија, а по завршувањето на работното време успеал украденото злато да го изнесе и надвор од просториите на аеродромот.
Истиот ден, во периодот од 11:00 до 12:00 часот во авионот на летот Скопје-Цирих, по приемот на чекираниот багаж, при транспортирање во карго делот од авионот, Б.Т. отворил куфер, сопственост на Б.Ч.(1990) од Швајцарија и од него земал златно ланче, златна алка, два пара златни обетки и златен прстен, додека другите двајца во карго делот го ределе багажот, а обезбедувачот стоел кај елеваторот набљудувајќи ги како ја извршуваат нивната работна задача. Со тоа се стекнале со имотна корист од 50.000 денари.
По приемот на багажот од авионскиот лет Цирих-Скопје, Д.М. откако видела дека во еден дел нејзиниот куфер е отворен, пријавила на службите за обезбедување во аеродромот, поради што по завршувањето на утоварот на багажот во карго делот на авионот за авионскиот лет Скопје-Цирих, горепријавените биле повикани да поминат низ ренген контролата за службен дел. Истите прво ги оставиле нивните службени лични јакни да поминат низ ренген контролата, а потоа и тие, каде од страна од одговорниот на ренген контролата е забележан златен накит во јакната на Б.Т.
Првопријавениот А.В. на кого работното време му било истечено и веќе заминал дома и бил телефонски повикан веднаш да дојде на работа. Од страна на обезбедувањето на аеродромот веднаш се повикани полициски службеници при што пријавените биле однесени во полициска станица и од Б.Т. со потврда биле одземени се наведените златни предмети. Кај А.В. биле пронајдени златен ќустек, златен плетен ланец и три плетени златни алки, кои претходно успеал да ги изнесе од аеродромот и да ги сокрие дома, и истите со потврда му се одземени и вратени на оштетената.
Врз основа на судска наредба од дежурен истражен судија при Основен суд Скопје 1, од одговорното лице на службата за видео надзор при аеродромот со Потврда е одземено ЦД од видео надзор од ренген контролата за 3-ти ноември во периодот од 11:23 до 11:28 часот.
Четворицата осомничени се приведени во полиција каде од извршените разговори со нив е дознаено за начинот и местото на извршување на кривичните дела исто така е дојдено до сознание дека во повеќе наврати краделе златни предмети од патничкиот багаж, украдениот златен накит го продавале на златари, а парите ги делеле помеѓу себе. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

