Македонија
Ослободување од работа на хронично болните со потврда од лекар специјалист

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) информира дека согласно заклучоците на Комисијата за заразни болести, од работа и работни активности треба да бидат ослободени лицата кои врз основа на приложена потврда од лекар специјалист ги имаат следните состојби: Хронични респираторни заболувања, тешки кардиоваскуларни заболувања, дијабет ТИП 1, малигни заболувања, имуно-компромитирачки состојби.
Во наредните 14 дена ослободени од работа и работни активности се и бремените жени.
Министерството за труд и социјална политика ги повикува сите вработени и сите работодавачи строго да се придружуваат до мерките кои Владата вчера ги донесе на седницата за превенција од ширење на болеста ковид-19 (коронавирус).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уште еден пациент од Бугарија се враќа дома, во странство остануваат да се лекуваат уште 55 повредени

Министерството за здравство информира дека денеска се враќа еден пациент, кој беше на лекување во Бугарија. Во странство во моментот се хоспитализирани 55 пациенти.
Непроменета останува состојбата на пациентите што се третираат во странство, вклучително и состојбата на критичните пациенти, соопшти Министерството за здравство.
Во болниците во земјата во моментот се лекуваат 10 пациенти, од кои четворица на Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“, по еден пациент на Клиниката за токсикологија, на Клиниката за детска хирургија, на Клиниката за пулмологија и во ГОБ „8 Септември“, како и двајца пациенти во приватната болница „Систина“.
Министерството за здравство континуирано ја следи состојбата со повредените пациенти со цел обезбедување најдобар можен третман, како и натамошна рехабилитација, велат од таму.
Македонија
Развојот на интероперабилноста во SEEBRIG значи побезбеден регион и посилна алијанса: Мисајловски на денот за високи гости на вежбата Seven Stars 25

Министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски денеска присуствуваше на Денот на високи гости на вежбата „Seven Stars 25“ која се реализираше во велешката касарна „Алексо Демниевски – Бауман“ каде порача дека оваа е мултинационална вежба во која учествуваат шест држави и дека таа е исклучително значајна за нас како земја-домаќин на Командата на Бригадата на Југоисточна Европа.
Министерот им честиташе на учесниците на вежбата и на Командата на SEEBRIG предводена од командантот, бригадниот генерал Билбил Битри за покажаниот врвен професионализам и високи стандарди во организација на една ваква комплексна вежба која вклучува компјутерски симулиран елемент и теренска вежба на армискиот полигон „Криволак“.
„Навистина ми е драго што преку 200 луѓе директно учествуваат во оваа вежба и што можеме да видиме како заеднички се справуваат со сите несакани појави, но и потоа како да се воспостави мир што е многу важно. Ги поздравувам сите, навистина професионално. Честитки до SEEBRIG, честитки до сите земји и учесници“, рече министерот.
На новинарско прашање поврзано со плановите за развој на одбраната и Армијата, Мисајловски информираше дека континуирано се реализира процесот на опремување и модернизација на Армијата, споменувајќи дека годинава се очекува да се комплетира целата набавка на JLTV возила, да пристигнат оклопните возила Stryker, како и против-воздушните системи Mistral и артилериските системи Boran. Мисајловски потврди дека се работи на надминување на правните предизвици поврзани со набавката на хеликоптери и дека за тоа избрана е компанија која ќе дава правни совети во овој процес. Додаде дека се одвојуваат значителни средства и за реконструкција на објекти на Армијата, вклучувајќи ги и објектите на подрачните единици, како и за набавка на нови униформи и чизми за припадниците на македонската Армија.
Генералот Лафчиски, пак, порача дека интероперабилноста помеѓу сите учесници на вежбата е на завидно ниво, оценувајќи ја за успешно реализирана. Лафчиски информираше дека 90 проценти од учесниците на теренскиот дел од вежбата се припадници на Вториот баталјон од Првата пешадиска бригада на Армијата.
На денот за високи гости во велешката касарна присуствуваа и заменичката на министерот, Елфет Исмаили, заменикот на началникот на Генералштабот, генералот Азим Нуредин, државниот секретар во Министерството, Елизабета Чуповска Ристова, директорот на Генералштабот, генералот Орце Јордев, командантот на Командата за операции, генералот Мирче Ѓоргоски и командантот на Командата за обука и доктрини, генералот Лулзим Нуредини.
Вежбата „Seven Stars 25“ е организирана од Командата на Бригадата секоја втора година. Годинава во активностите се вклучени над 200 припадници на SEEBRIG, а целта е увежбување на НАТО процедури и постапки во функција на развој на интероперабилноста и постапките за команда и контрола. Оваа вежба придонесува кон зацврстување на мирот, безбедноста и соработката во регионот и ја демонстрира подготвеноста на Бригадата за извршување на мултинационални операции во поддршка на мирот.
Македонија
Николоски: Почнуваме со изработка на нова унифицирана постапка за поставување урбана опрема за сите општини

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со заменик министерката Калтрина Зеколи Шакири, денеска остварија работна средба со претставници на ЗЕЛС.
На средбата се разгледуваа можностите за воспоставување на законско доуредување на постапката за поставување на урбана опрема, односно можноста за изработка на нов Правилник со кој ќе се уредува постапката за поставување на урбаната опрема.
Имајќи предвид дека поставувањето на урбаната опрема со сегашните прописи не е унифицирана и секоја општина самостојно ја уредува оваа постапка, сега преку ново решение се очекува да се изготви единствена постапка за поставување на урбана опрема која ќе важи на целата територија на државата.
Работната група составена од претставници од Министерството за транспорт како и претставници од ЗЕЛС, во следниот период заеднички ќе работат на подготовка на прописите и во еден разумен рок се очекува да биде изготвен и нов Правилник за оваа намена.
“Владата и министерството за транспорт гледа на општините како рамноправен партнер во креирање на законски решенија посебно во делот на градењето и градежното земјиште. Ова е пример како полесно и во интерес на општеството ги решаваме сите предизвици кои се на товар на општините. Очекувам дека ќе најдеме заеднички интерес и ќе креираме постапки кои ќе бидат унифицирани за сите општини и на тој начин полесно да ја регулираме и оваа дејност”- истакна вицепремиерот Николоски по средбата.