Свет
Италијанските доктори го излекуваа нулта пациентот, откриена успешната терапија
Италијанските доктори успеаја да го излекуваат првиот пациент заразен со коронавирус во оваа земја. Еден од докторите, Франческо Мојоли, за весникот „Кориере дела Сера“ открил како докторите успеале во тоа.
Триесет и осумгодишниот нулта пациент на одделението за интензивна нега во многу сериозна состојба заврши на 20 февруари, но од 9 март повеќе не е потребно да има инкубациска цевка за дишење и сега заздравува.
„Вирусот може сериозно да влијае на најмладите. Младите имаат повеќе оружје за борба против вирусот: третман на „оживување“ кој вклучува шок-терапии со коктели на антивирусни лекови, антибиотици и експериментално, на оние кои се користат за лекување на ХИВ, полесно можат да поднесат оние кои сè уште не се физички ослабени“, рекол Мојоли.
Тој објаснува дека за да било успешно лекувањето, мораат да постојат комбинација од три фактори: терапија со која се одржува виталноста (хидратација, вештачко хранење итн.), третмани со коктели експериментални лекови и отсутност на дополнителни компликации.
„Значаен придонес за шансите за заздравување дава отсутноста на други патологии, а тоа значи освен белите дробови добро да работат и другите органи. Кај младите луѓе лекувањето е потешко ако постојат и компликации во лекувањето на други органи како срцето, црниот џигер и бубрезите“, додава докторот.
„Критично, но стабилно е добар знак. Мажот е во болница веќе три недели па лекарите успеале да го сфатат текот на болеста: состојбата брзо се влошува, потоа следи долга фаза на стабилизација и конечно следи подобрување. Тој сега е на одделението на постинтензивна нега во Сан Матео и се наоѓа во фаза која лекарите ја нарекуваат ‘одвикнување“, во која шок-терапиите постепено се прекинуваат. Самиот дише и е во полусвесна состојба“, посочува италијанскиот доктор, кој заклучува дека пациентот е симбол на фактот дека коронавирусот може да се лекува дури и кога пациентот е во многу сериозна состојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
20 американски сојузни држави поднесоа тужба поради одлуката на Трамп за визите
Калифорнија и уште 19 американски сојузни држави поднесоа тужба со која бараат да се блокира воведувањето надомест од 100.000 долари за H-1B работни визи, што го наметна американскиот претседател Доналд Трамп.
Тужбата е поднесена до федерален суд во Бостон и е трета по ред со која се оспорува оваа мерка, најавена во септември, со која значително се зголемуваат трошоците за добивање на H-1B визи. Во моментов, работодавачите плаќаат меѓу 2.000 и 5.000 долари по вработен за оваа виза.
Од канцеларијата на државниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, соопштија дека Трамп нема законски овластувања да воведе ваков надомест и дека тоа е спротивно на федералниот закон, кој дозволува наплата само на трошоци неопходни за администрирање на визите.
H-1B програмата им овозможува на американските компании да вработуваат странски работници во специјализирани области, а технолошката индустрија, особено во Калифорнија, во голема мера се потпира на овие визи. Според Бонта, надоместот од 100.000 долари би создал дополнителен финансиски товар за секторите како образованието и здравството и би го влошил недостигот од работна сила.
На тужбата, покрај Калифорнија, се приклучија и државите Њујорк, Масачусетс, Илиноис, Њу Џерси и Вашингтон. Белата куќа, пак, соопшти дека мерката е законска и дека ќе спречи злоупотреби на H-1B програмата.
Регион
(Видео) Голем пожар во Хрватска: Над 60 пожарникари на терен, се слушале експлозии
Пожарот што синоќа избувна во објект на хрватската компанија „ЦИАК“ во Забок, која складира и третира опасен отпад, е ставен под контрола, соопшти претседателот на Противпожарната заедница на Крапинско-загорската жупанија, Стјепан Скулибер, пренесе Танјуг.
„Пожарот сè уште не е целосно изгаснат, но е под контрола. На терен останаа седум пожарникари со три возила, а во текот на утрото ќе продолжи догасувањето и внатре во објектот“, изјави Скулибер.
Тој потврди дека вработени од Наставниот завод за јавно здравје „Д-р Андрија Штампар“ извршиле мерења на квалитетот на воздухот на местото на пожарот и во околните населени места Забок, Орославје и Велико Трговишче, а резултатите се очекуваат во текот на денот.
Околу 3:30 часот наутро, жителите на Хрватско Загорје добиле предупредувачка порака преку системот HR112 ALERT за потенцијална опасност поради пожарот во компанијата ЦИАК од Забок.
Компанијата во индустриската зона располага со хали и погон за рециклирање акумулатори, а локалните медиуми објавија дека на терен биле ангажирани повеќе од 60 пожарникари. Според порталот Zagorje.com, целата зграда била зафатена од оган и се слушале експлозии, при што станува збор за објект во кој се складира опасен хемиски отпад.
На местото на настанот пристигнала и градоначалничката на Забок, Валентина Ѓурек, која изјави дека дел од конструкцијата веќе е урната, но дека во тој момент немала дополнителни информации.
Од полицијата за Хина изјавиле дека пожарникарите интервенираат и дека засега не можат да дадат повеќе детали. Хрватските медиуми наведуваат дека во гаснењето учествувале пожарникари од јавната пожарникарска станица на Загорје и уште осум доброволни противпожарни друштва од околината.
Свет
(Видео) Тајланд: Воените операции ќе продолжат додека земјата е загрозена
Тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул изјави дека Тајланд ќе продолжи со воените операции сè додека територијата и населението на земјата повеќе не бидат загрозени.
Во објава на социјалните мрежи, Анутин ја отфрли претходната изјава на американскиот претседател Доналд Трамп, кој рече дека експлозијата на бомба покрај патот, во која загинале и биле ранети тајландски војници, била инцидент, додавајќи дека Тајланд возвратил многу силно, јави Синхуа.
Thailand 💥 Cambodia
The Thai Navy reportedly fired 20 artillery shells into Koh Kong province just after midnight, around 2:00 a.m., according to the Cambodian Defense Ministry. https://t.co/WLY2NpqoZQ pic.twitter.com/1Dv51hJyKR
— Global perspective (@Global__persp1) December 13, 2025
Тајландските медиуми, повикувајќи се на воен извор, објавија дека Кралското тајландско воздухопловство во саботата распоредило два борбени авиони Ф-16 кои бомбардирале цели долж границата со Камбоџа.
И покрај мировниот договор што премиерите на Тајланд и Камбоџа го потпишале на 26 октомври на самитот на АСЕАН во Куала Лумпур, во присуство на Трамп, воените судири повторно продолжиле на 7 декември на тајландско-камбоџанската граница.
Камбоџа соопшти дека Тајланд утрото продолжил со напади на гранични цели, користејќи и борбени авиони, неколку часа откако Трамп објави дека посредувал во прекин на огнот. Камбоџанското Министерство за информирање наведе дека тајландските сили не престанале со бомбардирањето, пренесе Ројтерс.
Тајландската војска, пак, ги отфрли обвинувањата и ја обвини Камбоџа за „повеќекратни прекршувања на меѓународните правила“, вклучително и напади врз цивилни цели и поставување мини.
Иако Трамп соопшти дека лидерите на двете земји се согласиле за прекин на огнот, Анутин изјави дека таков прекин нема, наведува Ројтерс.
Фото: depositphotos

