Македонија
МВР: Во Дебар и Центар Жупа безбедносна состојба е стабилна, нема собири на граѓани

Изминатото деноноќие во општините Дебар и Центар Жупа, каде што е прогласена кризна состојба, помина мирно, а безбедносната состојба е стабилна. Во полициската станица во Дебар и во полициската канцеларија во Центар Жупа не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир, кражби или други имотни деликти и не се регистрирани сообраќајни незгоди.
Активностите на полициските службеници се во согласност со оперативниот план за работа и во координација со локалната самоуправа, со кризниот штаб, со Центарот за управување со кризи и се во насока на контрола на целото подрачје, еособно на угостителските и другите јавни објекти (маркети, ноќни клубови, фитнес-салони, обложувачници). Целта е доследно спроведување на мерките за спречување внесување, ширење и за сузбивање на коронавирусот.
„На терен без проблеми и застои се спроведуваат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа. Непречено се одвива дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица што вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до трговските објекти во двете општини. Потсетуваме дека влезот им е дозволен само на лица што се жители на општините, а истовремено оневозможен е, односно строго им е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини“, соопшти МВР.
Од МВР апелираат до граѓаните на Дебар и Центар Жупа, но и до сите граѓаните во државата, строго да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот (Ковид-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Сите оние што ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани во согласност со член 205 и 206 од Кривичниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ССНМ: Падот на светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 е одраз на состојбите во Македонија

На Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 година Македонија е рангирана на 42. место (од 180 земји) што претставува пад од шест позиции
Оценката на Репортери без граници во нивниот извештај за слободата на медиумите во Македонија е реален одраз на околината во која работат новинарите и медиумските работници во земјава. На Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 година според Репортери без граници, земјава е рангирана на 42. место (од 180 земји) што претставува пад од шест позиции.
Токму главните параметри на кои постојано предупредува и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) придонеле за овој пад на индексот на слобода на медиумите.
Како најалармантно го сметаме финасирањето на медиумите, кое е нетранспарентно, недоволно и со одржливост која постојано се доведува во прашање, ги става новинарите и нивниот интегритет подложни на влијание од разни центри на моќ.
Според Репортери без граници, законодавството поврзано со медиумите мора итно да се реформира, односно да се усогласи со европските акти за слобода на медиумите, а потребни се и сериозни напори за заштита од таканаречените СЛАП тужби кои претставуваат механизам за заплашување на новинарите од страна на моќниците, а често доведуваат и до автоцензура.
Во однос на безбедноста нотирани се низа заплашувања и закани кон новинарите, особено оние кои истражуваат сериозни злоупотреби, корупција и криминал, како и дека и покрај напредокот со кревање на свесноста кај институциите околу безбедноста на новинарите потребни се дополнителни подобрувања.
Затоа, ССНМ потсетува на наодите и потребните напори за подобрување на околината за работа на новинарите и медиумските работници, кои беа дел од Декларацијата објавена на почетокот на април, а која произлезе од „Мисијата за скрининг и застапување за работнички и професионални права на новинарите и медиумските работници“, а која ја предводеше генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари, Ентони Беланжер.
Македонија
Кривична пријава против полициски службеници од сообраќајна патрола во Скопје за „попречување на правдата“

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција поднесе кривична пријава против Д.К. на работно место помлад полицаец и Б.Д. на работно место полицаец за безбедност на патниот сообраќај во Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје.
Пријавените како службени лица – полициски службеници на 20.04.2025 година со намера да го спречат и отежнат докажувањето, прикривале и фалсификувале документи што може да послужат како доказ во постапка пред суд или друг орган надлежен за водење на постапка уредена со закон, на начин што првопријавениот издал прекршочен платен налог и записник за сторен сообраќаен прекршок на име на лице од Скопје за сторен прекршок, а потоа за да го прикрие прекршокот на лицето, ги преправил и фалсификувал прекршочниот платен налог и записникот за сторен сообраќаен прекршок на начин што на вториот примерок врз податоците нанесени со индиго од првиот примерок со пенкало ги внел податоците од друго лице од Скопје, иако ова лице воопшто наведениот ден не го контролирале ниту од нивна страна било запрено за сторен прекршок, а кое од претходно им било познато како чест извршител на сообраќајни прекршоци.
Второпријавениот, како одговорен на патролата иако знаел дека првопријавениот констатирал прекршок на лице од Скопје, а потоа на прекршочниот платен налог и записникот за сторен сообраќаен прекршок врз податоците на лицето сторител на сообраќајниот прекршок ги внел податоците на друго лице, му помогнал до го изврши кривичното дело, со тоа што во пополнувањето на прегледот на контролирани моторни возила и на извештајот од 20.04.2025 година за радар ги внеле податоците на сторителот на сообраќајниот прекршок, а потоа откако првопријавениот ги фалсификувал и преправил наведениот налог и записник, врз податоците на сторителот на прекршокот ги внеле податоците на друго лице и вака преправениoт преглед на контролирани моторни возила и извештај од 20.04.2025 година за радар, по завршувањето на работните задачи, ги приложиле заедно со наредбата за вршење дејност во Одделението за безбедност на патниот сообраќај Скопје.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против полициските службеници ќе поведе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителна мерка за отстранување од работно место – суспензија до завршување на дисциплинската постапка.
Македонија
СДСМ: Владата на ДПМНЕ се фали со наши проекти, овој пат во Кавадарци

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, продолжува со познатата практика на сликање покрај проекти од претходната Влада, велат од СДСМ.
„Последен пример е Кавадарци, каде премиерот Мицкоски, членови на владата и градоначалникот Јанчев се фалеа со проекти како што се колекторскиот и канализацискиот систем во населеното место Моклиште, проекти кои беа планирани, финансисрани, започнати и во напредна фаза на реализација токму во време на Владата предводена од СДСМ.
Добро е што овие проекти се завршњни но граѓаните знаат: овие проекти се резултат на одговорна и визионерска политика на СДСМ која секогаш работеше во интерес на сите граѓани.
За жал, после 10 месеци Вадата на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту еден сопствен капитален проект“, се вели во нивната реакција.