Македонија
Халсиншкиот: Да се почитуваат човековите права и достоинството кога се применуваат мерки за групна изолација
Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува загриженост во однос на сместувачките услови за групната изолација за лицата сместени во Центарот за обука во Пепелиште – Криволак.
„Во медиумите беше објавено сведоштвото на лицата сместени во Центарот за обука во Пепелиште – Криволак, каде што евидентни се лошите хигиенски услови и недостигот на соодветни легла. Во текот на денешниот ден Министерството за одбрана соопшти дека Центарот за обука во Пепелиште е само привремен простор, каде што треба да се извршат епидемиолошките прегледи во согласност со медицинскиот протокол. По завршените прегледи, лицата веднаш ќе бидат преместени во реновираниот Завод во Демир Капија“.
Хелсиншкиот комитет за човекови права апелира до надлежните институции во секој момент да се имаат предвид човековите права и човековото достоинство, особено кога станува збор за мерки на групна изолација. Условите во овие простории треба да ги исполнуваат домашните и меѓународните стандарди, во смисла на пристап до соодветни легла, хигиена, оброци и здравствена заштита. Дополнително, потсетуваме дека во согласност со член 54 став 3 од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
За крај, ја повторуваме пораката што ја испрати високата комесарка за човекови права при Обединетите нации, Мишел Башелет: „Ковид-19 е тест за нашите општества, сите учиме и се адаптираме во согласност со мерките што се преземаат против вирусот. Човековото достоинство и човековите права треба да бидат во фокусот и центарот на овие мерки, а не нешто со што ќе се соочиме понатаму“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Тошковски: Интервентната полиција – шест години посветена служба во заштита на граѓаните
По повод шест години од формирањето на Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, денеска беше одбележан Денот на единицата, на кој беше истакната нејзината клучна улога во одржувањето на јавниот ред и мир и во заштитата на безбедноста на граѓаните на главниот град.
Во своето обраќање, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нагласи дека Интервентната полиција во изминатиот период се етаблирала како еден од носечките столбови на безбедносниот систем, со висока оперативна подготвеност, мобилност и професионалност.

„Интервентната полиција често пати беше прва на терен и вистински херој во заштитата на граѓаните. Резултатите што ги постигнувате не се случајни – тие се производ на посветеност, храброст и тимска работа. Намалувањето на разбојништвата во Скопје за околу 40 проценти е јасен показател за вашата ефикасност,“ истакна министерот Тошковски, најавувајќи дека МВР и во иднина ќе продолжи со вложувања во опрема, обука и човечки ресурси.
Министерот потенцираше дека во годината што следи фокусот ќе биде насочен кон понатамошна модернизација и јакнење на капацитетите на Единицата, со цел уште побрз и поефикасен одговор на безбедносните предизвици.
Командантот на Единицата за интервентна полиција, Милош Столевски, во своето обраќање посочи дека за шест години постоење, Единицата се наметнала како суштинска безбедносна алатка во рамките на полицискиот систем, подготвена да одговори на сите облици на криминал.
„Да се биде дел од Интервентната полиција значи чест и гордост, но и голема одговорност. Со посветеноста и професионалноста на секој припадник, успеавме да изградиме доверба кај граѓаните и да придонесеме главниот град да биде безбедно место за живеење,“ нагласи Столевски, додавајќи дека поддршката од раководството на МВР е клучна за континуираниот развој и унапредување на Единицата.
На одбележувањето беше истакната и важноста на координацијата меѓу единиците, како и успешната соработка со другите организациски единици во рамките на МВР, особено во спроведувањето на сложени оперативни акции.
Министерството за внатрешни работи уште еднаш ја потврдува својата определба за јакнење на Интервентната полиција како професионална, модерна и ефикасна единица, во функција на безбедноста на граѓаните и заштитата на јавниот ред и мир.
Македонија
Андоновски: Македонија рангирана во А групата за дигитален напредок според Светска банка
На конференцијата „Трансформирање на иднината: дигитална стратегија за современо општество“, посветена на промоцијата на Националната стратегија за развој на ИКТ – SMART/МК 2030, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека, според најновите резултати во GovTech Maturity Index (GTMI) 2025 на Светска банка, Македонија е препознаена како земја со високо ниво на зрелост во дигиталната трансформација на јавниот сектор.
„Во најновиот GovTech Maturity Index 2025 на Светска банка, Македонија е рангирана во категоријата A – Extensive GovTech maturity, со резултат 0,760, заедно со земји како Латвија, Литванија, Малта, Холандија и Нов Зеланд што ја потврдува нашата позиција меѓу земјите што демонстрираат солидни капацитети за дигитализација на јавните услуги и унапредување на владини дигитални системи“, рече Андоновски.
Овој резултат претставува напредок во споредба со претходните изданија на индексот (како што беше во извештајот од GTMI 2023), кога Македонија не беше дел од највисоката група на зрелост, беше оценета со 0,570 и припаѓаше на пониски рангирани категории според вклучениот обем на критериуми за дигитална трансформација. Ова претставува скок од 22 места, од 101 на 79 место.
Напредувањето во категоријата A – Extensive GovTech maturity (или екстензивна зрелост) ја рефлектира нашата континуирана работа на унапредување на дигиталните платформи, јакнење на основните владини системи и подобрување на интеракцијата со граѓаните преку дигитални канали.
Овој успех ја потврдува посветеноста на Владата кон современа, ефикасна и транспарентна дигитална администрација која обезбедува подобри услуги за граѓаните и бизнисите, соопштуваат од Министерството за дигитална трансформација.
Македонија
Измените на Кривичниот законик се само уште едно „крпење“ на правниот систем, велат од ЛДП
Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува сериозна загриженост и негодување во однос на најновите предлог-измени на Кривичниот законик кои се најдоа пред пратениците во Собранието на почетокот на неделата. Иако навидум изгледа дека се предлагаат решенија за заострување на казните и санирање на штетите направени во минатото, сметаме дека ова е само уште едно од многуте „крпења и закрпувања“ на правниот систем, наместо суштинска реформа која граѓаните ја чекаат повеќе од 18 месеци, велат од ЛДП.
„Во насока на подобрување на состојбата, како партија која доследно се залага за владеење на правото, укажуваме на проблемот со застарувањето. Тука, иако се предлага зголемување на казните за „Злосторничко здружување“ и „Злоупотреба на службената положба“, сметаме дека застарување на делата се сè уште можни и за истото сме сведочеле постојано во минатото.
Воедно, ЛДП инсистира на дополнително зголемување на границата за застарување на делата од 30-тата глава извршени на штета на буџетот на државата. Борбата против корупција не смее да зависи од административни рокови кои им овозможуваат на оние кои се огрешиле итро да ја избегнат правдата“, соопшти ЛДП.
„Сметаме дека повторното воведување на кривичното дело поврзано со злоупотреби при јавните набавки е задоцнет чекор, а сегашното решение е само обид за санирање на штета. Делот за воведување на санкции за злоупотреба на порнографски и сексуални содржини е за поздрав, но потребно е итно проширување на овие одредби. Во време на брз технолошки развој, неопходно е законот експлицитно да ја опфати и злоупотребата на дигитални содржини креирани со помош на вештачката интелигенција (Deepfake-ови), со цел заштита на достоинството на секој граѓанин.
Доста беше од делумни и парцијални решенија. Доколку ресорното министерство не е способно да изготви и да се донесе целосно нов, современ и европски Кривичен законик до крајот на оваа година, треба јавно да ја признае својата неспособност. Македонија нема време за нови правни експерименти кои оставаат простор за селективна правда и неправда.
ЛДП останува посветена на заложбата за носење на законско решение кое ќе биде бескомпромисно кон криминалот и корупцијата. Нашите забелешки се јасни: ни треба закон кој што ќе штити, а не закон што ќе амнестира преку застарување“, се додава во соопштението на ЛДП.

