Македонија
Секој што ќе ја напушти државата, ќе потпише документ дека 3 месеци нема да се врати
Секој граѓанин што ќе ја напушти државата, во иднина ќе потпишува документ во кој изјавува дека во наредниве 3 месеци нема да смее да се врати во државата. Ова е една од мерките што ги донела Владата на последната седница, а со цел заштита од коронавирусот.
Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, не одговори децидно што ќе подразбира вонредната состојба во државата, рече дека тоа ќе зависи од поведението на граѓаните и развојот на целата ситуација.
„Кога укажуваме дека не треба да имаме собири или журки, не може и не смее да има. Сега ние ќе мора да се ставиме во малку поинаков режим. Владата укажуваше – не патувајте, а некои од граѓаните пред 4-5 дена си патуваа туристички за да не им пропаднеле билетите. Токму затоа сега ќе мора да се следат препораките“, рече Спасовски.
Во однос на патниците што вчера слетаа со авион од Белгија, а некои од нив имаа симптоми, Спасовски рече дека сите биле тестирани и врз основа на тоа се предложиле мерки.
„Знам дека не се добри условите, но првично се добри за воспоставување превентивни мерки. Имаме и други капацитети, а имаме и ситуација во која никој не може да биде комотен“, рече Спасовски.
Според Уставот, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Постоењето вонредна состојба на територијата на РСМ или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот, Владата или најмалку 30 пратеници. Одлуката со која се утврдува постоењето вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена. Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа е во можност да се состане.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Алжир, Абделмаџид Наaмун
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, со седиште во Букурешт, Абделмаџид Наaмун.
Неговото именување, како што рече претседателката, е уште една потврда за добрите македонско-алжирски односи, втемелени на заемно разбирање и почит.
За неа, посветениот и професионален ангажман на амбасадорот Наамун ќе придонесе кон продлабочување на пријателските и партнерски односи на билатерален и мултилатерален план.
Истакнувајќи дека обете држави имаат богата историја и вредно културно наследство, Сиљановска-Давкова очекува интензивирање на соработката во културата, образованието и туризмот, како и во рамките на ООН и другите меѓународни организации.
На церемонијата, новоименуваниот амбасадор Абделмаџид Наaмун ја истакна својата желба да гради нови мостови на пријателство и меѓусебно разбирање.
Двајцата изразија загриженост за геополитичките предизвици со коишто се соочени сите држави и народи, без оглед на географската положба и големина. Тие ја потенцираа потребата од мултилатерализам како соодветен одговор и механизам за решавање на проблемите.
Сиљановска-Давкова и амбасадорот Наамун се согласија дека донесувањето правна рамка за регулирање на меѓусебните односи, како и размената на посети на највисоко ниво ќе ја поттикат соработката.
Соговорниците имаа усогласен став и во однос на потребата од реформи во Обединетите нации, како и за неопходноста од назначување на жена на највисоката позиција – генерален секретар.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.

