Македонија
Шеќеринска: Речиси 30 години живееше идејата за членство во НАТО и, конечно, стана реалност
Коронавирусот е крајно сериозна тема но нема да ги запре процесите кои се наши стратешки определби, рече денес техничкиот премиер Оливер Спасовски и на сите граѓани им го честита влезот на државата во НАТО Алијансата откако сите 29 земји членки и формално ја прифатија Македонија како полноправна членка. Премиерот потсети дека Шпанија за првпат гласала по електронски пат за да го ратификува Протоколот за нашето членство во НАТО.
„Вчера кралот на Шпанија Фелипе Шести го потпиша ратификацискиот инструмент и тој ќе биде депониран во Стејт департментот во Вашингтон. Веднаш потоа ние ќе добиеме информација од седиштето на Алијансата во Брисел деа сите ратификации се депонирани и дека може и ние да ја доставиме и нашата ратификација. Тоа и официјално ќе стави печат на нашето полноправно членство во НАТО Алијансата“, рече премиерот Спасовски.
Нашето членство во НАТО е реализација на стремежите на сите од независноста до денес, исполнување на стратешка цел и имплементација на суверена одлука за која има натпартиски и меѓуетнички консензус, смета Спасовски. Свени за комплементарноста на НАТО и ЕУ Спасовски нагласи дека ќе се обидеме да придонесеме за развојот на соработката меѓу двете организации.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека нит една политичка идеја не преживеала толку долго како идејата за членство во НАТО.
„По речиси 30 години чекање станавме 30 членка на НАТО. Додека другите одолговлекуваа ние решававме, додека се правдаа ние носевме одлуки. Во овие 2,5 години минавме низ минско поле. Некои одлуки беа ѓаволски тешки, но исправни се и во интерес на оваа и сите следни генерации граѓани. Ниту една политичка идеја не преживеала толку долго како нашето членство во НАТО. Да си го честитаме членството во најголемата безбедносна Алијанса, но честитки и до Алијансата, ја заокружи бројкта на членки“, рече министерката Шекеринска.
Обединувањето за членство во НАТО Шекеринска смета дека треба да ни даде волја за справување со сите предизвици со заеднички национален напор.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи рече дека овој специфичен период не ни допушта да го славиме денешниот заеднички успех иако тоа несомнено го заслужуваме.
„Во овие моменти на неизвесност токму интеграцијата во современите западни системи ни е повеќе од добредојдена. Последната ратификација се одвиваше во специфични околности и тоа ја покажува сериозноста на нашите меѓународни пријатели дека ја ценат нашата работа и постигнување со што покажуваат и доверба кон нашиот континуиран напредок“, рече Османи.
Сите сигнали и пораки од ЕУ Османи вели дека говорат дека земјите-членки немаат никакви забелешки што според него упатува на скора позитивна одлука за почеток на преговори за членство во Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.

