Македонија
(Видео) Николовски: Итни мерки за спас на економијата
Македонија се соочува со сериозна ерозија на капацитетите за справување со најголемата криза што ја гледаат и Македонија и Европа во последните децении. Системот не функционира, а економијата пропаѓа. Но, она што функционира, за жал, се добрите пиар-алатки, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски.
„Една недела гледаме пиар-алатки и појавување по трипати на ден со разни информации, но никаква активност. Една недела гледаме како си тераат сопствен пиар на грбот на граѓаните, а реалноста е дека ништо не функционира. Претседателот на државата самиот призна дека системот не може да издржи и дека ќе колабира. Па, јавно прашувам, затоа што не е негова работа да констатира состојби, туку да решава состојби што направил од моментот кога сфатил или добил информација дека системот на може да издржи до овој момент? Дали само констатира или решава проблеми? Тој од мај оваа година е претседател на државата, а не аналитичар и е избран на највисоката позиција во државата за да решава проблеми“, истакна Николовски.
Тој ги обвини министерката за одбрана, Шекеринска, и министерот за надворешни работи, Димитров, дека ловеле политички поени, а истовремено на првиот човек на МНР му се заглавени илјадници Македонци на аеродромите и граничните премини во Европа, а како што рече, Шекеринска говори за стандарди, а не е способна да организира едно прифатилиште во Пеплиште.
„Мерките не се доволно рестриктивни, тоа не го кажуваме ние, тоа го кажуваат Обединетите нации. Во согласност со јавно достапните електронски податоци од Обединетите нации, кои се собираат преку нивните надлежни агенции, Македонија е карактеризирана во земји што немаат јасни ограничувања во однос на приемот на лица од други држави. Регионално, нашата земја се вбројува во Централна Европа и за споредба со другите земји што имаат далеку поголеми рестрикции.
Одлуките за затворање гранични премини или на аеродромите доаѓаат по појавувањето случаи, одлуките за рестриктивно движење одредени групи категории доаѓаат само и кога ќе се појават одредени случаи, што значи дека државата доцни најмалку еден месец и се соочува со катастрофата што ја гледаме, а доколку не се преземат итни мерки, уште поголема катастрофа ќе гледаме во следниот период.
Затоа, ВМРО-ДПМНЕ бараше веднаш воведување кризна состојба, нешто што не го прифати СДСМ, со цел да може да ги носи законите, односно во согласност со Уставот – уредбите со законска сила, кои, верувајте, ќе бидат од корист на богатење на фамилијата на Зоран Заев, ќе видите какви уредби ќе се донесат со законска сила.
Во однос на економијата, на бизнисот итно му е потребна инјекција – пари и помош. Покрај угостителството, туризмот транспортот, сè повеќе ќе биде погодена и автомобилската индустрија затоа што најголем дел од странските и домашните капацитети што работат во Македонија се поврзани со автомобилската индустрија, а автомобилската индустрија веќе влегува во рецесија во Европа. Имаме веќе најави за огромни отпуштања работници, насекаде во Македонија, а за тоа Владата не презема ништо.
Затоа, предлагаме замрзнување на обврските на компаниите кон државата, чија работа е поврзана или е погодена со ситуацијата. Второ, замрзнување на обврските за компаниите кон банките и заемодавателите, најмалку за март, а доколку е потребно и кризата продолжи, и за април. Трето, Владата да ги преземе обврските да ги сторнира и да ги плати каматите по однос на кредитите на компаниите за март, а доколку продолжи кризата, и за април. Четврто, државата да ги плати трошоците за вработените во компаниите што се погодени во висина од 50 отсто од вкупниот трошок за вработените, односно 50 отсто од бруто-платата. И, конечно, последно, потребно е веднаш да се направи анализа на сè она што се случува во моментот, кои сектори и компании се погодени и да им се исплатат субвенции од страна на државата како би можеле да го преживеат овој период.
Смешни 5 милиони евра не ја решаваат состојбата. Државите околу нас одат со помош, која се брои во стотици милиони евра, дури и милијарди евра. Потребни се субвенции за најпогодените сектори.
Исто така, еден сектор, кој досега не беше споменуван, а е многу значаен, е транспортниот. Предлагаме да не се плаќа патарина за сите оние што вршат транспорт на патници и стока. Државата да ја преземе обврската за трошоците за регистрација на возилата, камионите и автобусите при следната регистрација. Поедноставено, транспортните компании да не ја платат следната регистрација кога ќе ги носат возилата на регистрирање. Трето, да се поделат субвенции за овие компании.
Ова не е битка за поени, ова прераснува во битка за опстанок на државата. Сè што ќе се става под тепих, ќе излезе, и тоа многу побргу од тоа што се очекува и тоа, за жал, овие денови.
Утрово добивме информација дека Министерството за финансии сака да издаде обврзница во висина од 400 милиони евра. Тоа задолжување оди, како што кажав, со врзан потпис поради техничката Влада. Ова е потврда дека на нашите очекувања што ги имавме и причините зошто сакавме да се воведе вонредна состојба, а не кризна. Ние сме спремни и ќе го поддржиме ова барање за еврообврзница, нема да бидеме како СДСМ, кој во 2005/2006 година кога исто така во услови на криза праќаше писма до директорите, па пораснаа каматите. Напротив, ние сме спремни да го поддржиме и ќе го поддржиме ова, но под еден услов – да се формира комитет кој ќе следи за што се трошат овие средства. Значи, потребно ни е транспарентно трошење на средствата“, заклучи Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Арсовска не знаела дека треба да поднесе имотна состојба по престанокот на мандатот, ја обвини ДКСК за јавен линч
Поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, не знаела дека треба да поднесе имотна состојба по престанок на нејзиниот мандат и вели дека никој не ја информирал за таквата обврска. Таа се најде на листата што денеска ја објави Државната комисија за спречување на коруппцијата со имиња на поранешни и нови градоначалници кои не поднеле изјава за имотна сосотјба. Арсовска ја обвини ДКСК за јавен линч и побара одговори од таму на кој начин ја креирале листата на која како број 1. е објавено нејзиното име.
„Ве известувам дека денес 17.12.2015 година (среда) од медиумите дознав информација која сте ја пуштиле како соопштение дека согласно член 82 став 3 од наведениот закон, по престанокот на функцијата градоначалник, постои обврска за поднесување изјава за имотна состојба. Сите оние кои не се реизбрани и на кои им настанал престанок се најдоа на листата која сте ја лиферувале, а истото потекнува од очигледна неинформираност од ваша страна за постоење на таква обврска. Доколку ја извршувате вашата функција соодветно и доследно нема тенденциозно да покренувате јавен линч за деградација, бидејќи да сте биле професионални и да сте го застапувале законот, ќе не информиравте лично за обврската или со соопштение преку медиумите, ете баш на истиот начин на кој за жал настапивте за да си направите себепромоција дека не се поднесени изјави за престанок“, напиша Арсовска во порака до ДКСК која ја сподели и со медиумите.
Таа вели дека добро ќе било ДКСК да сработи нешто за мултимилионската корупција во Македонија и сериозните криминали кои се случуваат вклучувајќи ги и институционалните непостапувања за случаи како загадувањето од страна на УСЈЕ или трагедијата во Кочани, наместо да се заканува со прекршочни глоби.
Арсовска вели дека очигледно сите 35 поранешни градоначалници кои не продолжуваат мандат не знаеле за постоењето на оваа одредба.
Таа додава дека нема никакви промени во нејзината имотна состојба.
„Да си ја вршите работата како треба и соработувате со институциите, на почетокот на мандатот ќе ги информирате за постоењето на обете обврски. Ве информирам дека со оваа изјава за имотна состојба и интереси по престанок на функцијата градоначалник ве информирам дека немам никакви промени согласно денот на завршување на мандатот“, пишува Арсовска.
Поранешната градоначалничка побара и одговори од ДКСК во врска со објавената листа.
„За крај, би сакала да ме информирате по писмен пат на овој е-маил, на кој начин ја креиравте листата која ја лиферувавте низ јавноста каде како број 1. сте го објавиле моето име и дали е истото сторено по азбучен ред, по возраст, по пол, по тоа кој е најсиромав или по ваше лично убедување како и кому најмногу да се осветите и да наштетите со Вашите небулози“, пишува Арсовска, која во електронската порака е потпишана како портпарол за етика и спречување на корупција на Конгресот на Совет на Европа.
Македонија
Мицкоски: Поради вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство
Поради вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство, изјави премиерот, Христијан Мицкоски во Брисел.
Тој кажа дека Владата ги презема сите реформи за конечно започнување на преговорите и дека македонските граѓани заслужуваат да се во ЕУ.
„Добро е кога Западен Балкан е во оптиката на Европската Унија, тоа е охрабрувачки за граѓаните на Западен Балкан затоа што на тој начин се покажува интересот за нашата заедничка иднина бидејќи Западен Балкан географски припаѓа на Европа и логично е да заедно се интегрира во рамките на ЕУ. Ние како држава тоа го заслуживме многу одамна бидејќи нашиот пат започна уште пред 25 години, но поради би рекол вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство. Како држава и како влада се поврзуваме да го испорачаме сето она коешто е потребно во овој процес, не поради самиот процес туку пред сè поради македонските граѓани, бидејќи тие тоа го заслужуваат“, рече Мицкоски.
Премиерот изрази очекување дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка во процесот.
„Така работиме до сега така ќе продолжиме понатаму и очекуваме дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка туку напротив очекуваме од нашите соседи поддршка во оваа наша амбиција да бидеме дел од ЕУ и она коешто е најважно, да бидеме оценувани според постигнувањето, а не според билатералните прашања“, рече Мицкоски.
Македонија
СДСМ: ДПМНЕ-ЗНАМ го изгласаа предавството на Македонија во Собранието
Предавниците од ДПМНЕ-ЗНАМ денеска го изгласаа предавството на Македонија, ја изгласаа предавничката Резолуција што сами си ја донесоа во Собранието, велат од СДСМ.
Според партијата, денешниот 17 декември 2025 година ќе остане запаметен како ден на којшто ДПМНЕ и ЗНАМ го завериле предавството на Македонија.
„Без Христијан Мицкоски кој ги остави сами. Побегна дури до Брисел, остави други да го изгласаат неговото предавство на Македонија. Прашањето е дали сите пратеници на ДПМНЕ-ЗНАМ добија по 1,2 милиони евра, дали добија по 5,3 милиони евра, дали добија по 9 милиони евра за оваа срамна одлука – за ова предавство? Колку пари земавте за предавството на Македонија? Дали на сите ви поделија тендери? Колкав е вашиот дел од 6 милијарди евра кредит“, прашува СДСМ.
Опозицијата вели дека нема да биде нем посматрач на ова, како што го нарекуваат, национално предавство, мигранти за пари.
„Заедно со граѓаните, ќе ги искористиме сите демократски механизми за да се спротивставиме на ова национално и државно предавство. Ги повикуваме сите опозициски партии, здруженија, невладини организации да ни се приклучат во фронтот против криминалната власт. Ги повикуваме и искрените и чесни членови на ДПМНЕ кои ја сакаат Македонија и знаат дека ова што го прави нивното раководство е за пари да се приклучат“, велат од СДСМ.
Пратениците денеска ја изгласаа резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција, поднесена од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
„Резолуцијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија кои токму СДС се обидува да ги наметне во јавноста, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови. Со овој документ јасно се отфрлуваат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики поврзани за кампови за мигранти донесени од поранешната влада на СДС предводена од Заев, на која дел беше и Венко Филипче. Оваа резолуција го покажа вистинското и лицемерно лице на СДС и трајно ќе ја затвори, од нив измислената тема за наводни мигранти во Македонија“, соопштија претходно од ВМРО-ДПМНЕ.

