Црна хроника
Четворица прилепчани казнети по 3.000 евра зашто не седеле во изолација

Основното јавно обвинителство Прилеп денеска поднесе четири предлога за издавање казнен налог за четворица жители на Прилеп. Казната за секој обвинет е во висина од 100 дневни глоби, а секоја дневна глоба со висина од 30 евра.
Секој од нив во одделни случаи го сторил кривичното дело – непостапување според здравствени прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Сите обвинети што во државата дошле од разни држави при влез во земјата на 16 март 2020 година потпишале изјави за самоизолација. Но, при проверка од полициските службеници на 18 март не биле затекнати во своите домови, па со тоа го сториле кривичното дело што им се става на товар.
Обвинетите, иако должни да ги имплементираат мерките определени во писмената наредба на Министерството за здравство за сузбивање или спречување на епидемијата на коронавирусот – Ковид-19, како и обврската од изјавите за самоизолација, не постапиле во согласност со предвиденото, со што го сториле кривичното дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Уапсен гостиварец кој управувал возило под дејство на алкохол и предизвикал сообраќајка

Вчера во 17:40 часот на ул.„Живко Брајковски” во Гостивар, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гостивар го лишија од слобода С.Т.(69) од Гостивар.
Според информациите на МВР, претходно, тој учествувал во сообраќајна незгода со неговото патничко моторно возило „нисан” со гостиварски регистарски таблички и при преземање мерки во врска со незгодата констатирано е дека е под дејство на алкохол, односно измерени му се 1,94 промили алкохол во крвта.
Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот, против него биде поднесена пријава за „безобѕирно управување со моторно возило“.
Црна хроника
Во септември за 93 лица кривични пријави за недозволена трговија со дрога, запленети над 38 кг марихуана

Во рамки на активностите на полициските и оперативни служби при МВР, во делот на сузбивање на недозволената трговија со дрога, во текот на месец септември вкупно се регистрирани 78 кривични дела поврзани со недозволена трговија со дрога, и притоа согласно Кривичниот законик, кривично се пријавени 93 сторители.
Според кривично правната класификација 71 од овие дела се за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“, а седум кривични дела се за „овозможување на употреба наркотични дроги“.
Исто така како резултат на откривањето и расчистувањето на овие кривични дела запленети се повеќе од 38 кг марихуана, 980 милилитри масло од хашиш, 137 стебла, 242 парчиња семки и 0,28 грама семки од растението канабис сатива, потоа 182 грама кокаин, 129 грама манитол, 44 грама хашиш, 27 грама хероин, 20 грама амфетамин, 16 грама мешавина на кофеин и парацетамол, 59 грама мешавина од тутун и марихуана, 12 грама мешавина кофеин, парацетамол и хероин, а во помала количина останати видови дрога и психотропни медикаменти.
Црна хроника
Центарот за социјални работи пријави обљуба врз малолетник на Бит-пазар

На 14 октомври, околу 00:30 часот, во Полициската станица Бит Пазар од Центарот за социјални работи било пријавено дека на подрачјето на Бит Пазар едно лице извршило обљуба врз малолетен штитеник на центарот, информира МВР.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.