Македонија
Османи: Успеавме затоа што заслуживме, одлуката за почеток на преговорите со ЕУ не е подарок
Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, на денешната прес-конференција во Владата рече дека одлуката за почеток на преговорите на земјата не е подарок, туку признание дека земјата успешно ги спровела реформите и постигнала значаен напредок. Тој потсети дека државата изминала долг и напорен пат во изминатите 15 години за денеска да го споделиме овој успех.
„Изминавме долг, напорен и тежок пат за да стигнеме до овој момент. Без задршка и лажна скромност, слободно можеме да си признаеме дека успеавме. Кога пред 3 години го почнавме овој процес, со навистина изразен ентузијазам, морам да признам дека не бевме целосно убедени дека овој момент ќе дојде. По безмалку 20 години процес на асоцијација и стабилизација, по 15 години во чекалницата како земја кандидат, од денес влегуваме во последната фаза од остварувањето на сонот од независноста на земјата за влез во ЕУ. И да немаме никави дилеми – успеавме затоа што заслуживме. Денешната одлука на земјите членки да ѝ дадат зелено светло на Република Северна Македонија не е подарок, ниту претставува чиста политичка одлука, туку оваа одлука е признание за суштинскиот напредок на земјата, признание за посветеноста на Владата кон реформите, признание за успехот во создавање добрососедски осноси, за внатрешната општествена и меѓуетничка кохезија. Токму затоа одлуката на 27-те земји членки е донесена без никакви дополнителни услови. Со тоа Европската комисија доби целосно одврзани раце да почне да ја формира т.н. преговарачка рамка за земјата по која, ќе се организира и првата меѓувладина конференција, што ќе значи официјален почеток на преговорите“, рече Османи.
Османи им порача на граѓаните да бидат трпеливи и храбри затоа што, како што рече, оптимист е дека ќе ја добиеме битката со коронавирусот по што нè очекува подобра иднина, процес на просперитет и напредок.
„Свесни сме дека предизвикот со справувањето со вирусот Ковид-19 нè преокупира сите, но, верувајте, битката против коронавирусот ќе ја добиеме, а идината, секако, ќе дојде. Добро е да знаеме дека во блиска идина нè чека процес што ќе значи напредок за сите нас. Тоа значи дека ќе имаме процес што значи предвидливост и стабилност на економските текови, повеќе странски инвестиции, поголем поттик за домашните, повеќе работни места, повисоки примања, сè на сè – подобар животен стандард за граѓаните. Тоа е важно затоа што сега кога се чувствуваме загрозени за иднината, овој свеж зрак оптимизам ќе ни помогне да ја надминеме оваа криза. Бидете трпеливи, не очајувајте, следете ги препораките, седете дома. Борбата со сегашниот предизвик сигурно ќе ја добиеме, а потоа нè чека просперитетна иднина“, додаде Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

