Македонија
Димитров: Не смееме да бидеме рамнодушни, нè чека многу до заокружување на членството во ЕУ
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, рече дека до добивањето на датумот за преговори со ЕУ биле донесени храбри политички одлуки, дека патот не бил едноставен, но и порача дека земјата треба напорно да работи на реформите до заокружување на целиот процес.
„Советот за општи работи на нивно на министри на ЕУ денес даде политичка согласност за заклучоците, кои се многу позитивни и охрабрувачки за нас. И покрај вонредните околности предизвикани од ситуацијата со коронавирусот, цениме што ЕУ најде волја и време да оддаде признание за досега сработеното. РСМ по 15 години во чекалницата на ЕУ и по разочарувањата во јуни 2018 и јуни 2019 и во октомври истата година, конечно, го поминува прагот и ќе може да ја почне следната фаза на својот европски пат. Од сега и ние ќе имаме почетна точка од кога почнуваме да го мериме времето. Ќе имаме позитивен натпревар во спроведувањето на реформите и достигнувањето на европските стандарди. И доега, но и отсега па натаму уште повеќе зависи од нас самите. Конечно, земјата безусловно ги почнува преговорите за членство во ЕУ. Советот недвосмислено ќе потврди дека Северна Македонија остварила опипливи и одржливи реформски резултати. Советот ја поканува Комисијата веднаш да поднесе предлог-рамка за преговорите, како и да ја почне неопходната подготвителна работа. Првата меѓувладина конференција ќе биде свикана што е можно побргу по завршување на преговарачката рамка. Советот ја повикува Комисијата да го дозаврши скрининг-процесот почнувајќи со кластерот за фундаменталните вредности“, рече Димитров.
Тој им се заблагодари на граѓаните што не ја изгубиле вербата во европските вредности и порача дека сега државата ја чека многу работа за да го изоди преостанатиот дел од патот, односно до затворањето на поглавјата и, конечно, членство во ЕУ.
„Ја одработивме и ја заслуживме шансата. Изодивме тежок пат, во вонредни околности, кои моравме да ги поминеме и да направиме сè да излеземе од заробената држава. Го склучивме преспанскиот договор, ги усвоивме уставните амандмани. Не беше едноставно, но покажавме визија, разумност и политичка храброст. Сега е важно да ви се заблагодариме вам, на граѓаните, за непоколебливата верба. Исполнивме дел од заветот на нашите баби и дедовци и отвориме перспектива за нашите деца. Патот натаму нема да биде лесен ако ѝ се препуштиме на рамнодушноста. Повторно од нас ќе зависи како ќе го минуваме тој пат“, рече Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска во Брисел: реализирани се над 80% од задачите во Акцискиот план 2024-2025 на Стратегијата за паметна специјализација на Македонија
Владата е цврсто определена да ја имплементира Стратегијата за паметна специјализација на Македонија која ќе овозможи да изградиме општество базирано на знаења и иновации, а Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија останува наш најважен партнер во исполнувањето на целта. Благодарни сме за досегашната поддршка и ги прифаќаме сите сугестии за унапредување на идните политики поврзани со развој на науката и иновациите.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на конференција за процесот на паметна специјализација на земјите од Западен Балкан, што денес се одржува во Брисел, во организација на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, а каде таа ги презентираше досегашните резултати од спроведувањето на Акцискиот план 2024-2025 на Стратегијата за паметна специјализација на државата.
„Акцискиот план за периодот 2024–2025 опфаќа 35 мерки и 63 активности со буџет од 6,1 милион евра. Министерството за образование и наука е вклучено во 31 активност, а според анализата, досега се реализирани над 80% од предвидените обврски“, рече Јаневска, додавајќи дека новиот акциски план за периодот 2026–2027 е во подготовка и во него ќе бидат интегрирани препораките на Заедничкиот истражувачки центар на ЕК за зајакнувањето на финансиската одржливост, ангажманот на приватниот сектор и подобрување на механизмите за мониторинг и евалуација на Стратегијата за паметна специјализација.
Министерката рече дека оваа година Владата речиси двојно го зголеми буџетот за наука и истражувања споредбено со 2024 година, финансираше имплементација на проекти на јавните научни и високообразовни установи, на МАНУ и бизнис заедницата, кои се во тесна релација со целите од Стратегијата за паметна специјализација, како и дека е усвоен нов Закон за иновациска дејност, научно – технолошки развој и претприемништво, врз основа на кој е основана и нова Национална агенција за иновации и претприемништво – ИНОВА. Во процес на изработка се и нови закони за високо образование и за научно – истражувачка дејност.
„Би сакала да ја споделам нашата неодамнешна национална иницијатива за воспоставување на Научно-технолошки парк, што претставува клучен стратешки приоритет за Владата. Целосно сме посветени на неговата успешна реализација и во моментов ја подготвуваме потребната документација во тесна соработка со сите релевантни засегнати страни. Планирано е имплементацијата на проектот да започне во 2026 година, означувајќи значајна пресвртница во унапредувањето на технолошкиот развој и иновациите во нашата земја“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека државата има одлична соработка со Заедничкиот истражувачки центар на ЕК, со кого минатата година МОН потпиша меморандум за соработка, а лабораториите на Центарот станаа достапни за македонските научници и истражувачи. Рече дека следната година ќе биде објавен и повик за финансиска поддршка на научниците, за да се стимулира поголема искористеност на лабораториите.
На конференцијата, покрај министерката Јаневска, учествуваа и еврокомесарката за проширување Марта Кос, генералниот директор на JRC Бернард Магенхан, како и министри и претставници од земјите од Западен Балкан.
Македонија
Целосно реконструирани сместувачките капацитети на Клиниката за пластична хирургија
На Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија е извршена целосна реконструкција на сместувачките капацитети, каде изминатиот период се лекуваа дел од повредените лица од пожарот во Кочани и по тој повод министерот за здравство, Азир Алиу денеска ја посети оваа Клиника.
„Целосно се реконструирани сместувачките капацитети на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија. Реновиран е посебен апартман во клиниката, како и собата за преврски, со што пациентите добиваат унапредени услови за престој и третман, а значително е подобрена и функционалноста на просторот, што директно влијае на квалитетот на грижата за пациентите. Со донацијата од Големата ложа на Македонија, во вредност од 25 илјади евра, обезбедена е и нова медицинска опрема, која опфаќа антидекубитални душеци, медицински лопатки, сталаци за инфузија, и други апарати“, истакна министерот Алиу при посетата.
Македонија
Мицкоски за протестот на пензионерите: Никој нема право да ги одземе покачените пензии
Никој нема право да ги одземе покачените пензии, вели премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали го поддржува протестот на пензионерите пред Уставен суд.
„Овој пат тие удрија на пензионерите, па ги слушам сега како се препелкаат – тоа што си го земале пензионерите нема да го вратат, но, затоа ќе видиме како понатаму. Нели најпрвин немаше такво нешто. Јас кога го соопштив тоа на пратенички прашања тие излегоа рекоа нема такво нешто. За потоа да се препакуваат и кажат добро, еве ќе го разгледуваме сето тоа за од 1 јануари“.
Премиерот Мицкоски потенцираше дека последното линеарно зголемување е предвидено за мартовската пензија идната година, прашувајќи како тоа зголемување ќе биде неуставно, а претходните 6 илјади денари ќе бидат уставни.
Мицкоски посочи дека судиите во Уставен суд имаат три можности.
„Првата е линеарните зголемувања да ги прогласат за неуставни, тоа значи 75 отсто од пензионерите од 1 јануари ќе имаат 3-4 илјади денари пониски пензии. Втората опција е да најдат некоја, за мене, бледа неправна логика следното зголемување да го прогласат за неуставно, а сè претходно да биде уставно, што за мене, еве јас не сум правник, но консултирав многу правници, делува смешно. И третата опција е да ги прогласат уставни“, рече Мицкоски, додавајќи дека нема да коментира повеќе и ќе остави на Уставниот суд, за како што кажа, да не биде „повторно сфатено дека прави притисок врз судиите и врз обвинителите“.

