Економија
Во САД за една недела 3.3 милиони луѓе останаа без работа

Рекордни 3,3 милиони Американци минатата недела се пријавиле за надомест за невработени лица, што претставува најголем број откази во американската историја.
Досега рекордот беше од 1982 година, кога 695.000 луѓе добиле отказ во иста недела. Бројот од 3,3 милиони невработени е еден од бројните показатели на тоа како ќе влијае кризата со коронавирусот на американската економија, за која конгресот вчера одобри помош од два трилиони, односно 2.000 милијарди долари.
Пред три недели само 200.000 луѓе се пријавиле за невработени, што исто така било рекорд, но позитивен. „Њујорк тајмс“ пишува дека шокантниот број откази не ја отсликува реалната слика на американската економија, бидејќи голем број американски работници не можат да аплицираат за надомест, а се работи за оние кои работат на половина работно време, оние кои имаат многу ниски плати, самовработени и оние кои работат на договор на дело.
Аналитичарите очекуваат дека ова е само почеток и дека следните бројки ќе бидат попоразителни. Речиси сите сојузни држави воведоа делумни или целосни рестрикции на работата, поради што државата губи страшно многу пари, па претседателот Доналд Трамп најави дека веќе околу Велигден очекува укинување на рестрикциите и повторно придвижување на економијата со што не се согласуваат здравствените експерти.
Во Америка моментално заразени со коронавирусот се над 70.000 луѓе, а починаа над илјада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ристески не очекува поскапувања од четврток: Се надевам дека трговците ја научија лекцијата

Ако цените нагло почнат да скокаат од четврток, кога истекува сегашната мерка за ограничени маржи до 10 %, мерката може да продолжи, најави денес заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески. Тој смета дека со сите досегашни мерки трговците ја научиле лекцијата и нема вештачки да ги креваат инфлацијата и цените.
Првин ќе видиме какви конечни резултати даде мерката. Од она што го имавме досега од Државниот завод за статистика, резултатите беа добри, ги знаете податоците, но крајните резултати ги чекаме наредната недела.
„Ако има потреба, би продолжиле со мерката, ако нема, тогаш останува пазарната економија да ги регулира цените. Се надевам дека поучени од минатото сите оние учесници во синџирот на трговијата ја научија лекцијата дека, пред сè, треба да бидат граѓаните и заштитата на животниот стандард. Ние сите заедно треба да направиме сè за да го заштитиме стандардот на граѓаните, односно да не правиме вештачко подигнување на инфлацијата и на цените кога нема економски услови за тоа, односно да ги почитуваме законите на економијата“, рече заменик-министерот Ристески.
Според досегашните податоци од Државниот завод за статистика, досегашната мерка, според Ристески, дала добри резултати, но за одлука дали таа ќе продолжи, ќе ги почекаат конечните резултати. Тие ќе бидат готови следната недела.
Во февруари годинава, Владата, за да го заузда покачувањето на цените, донесе одлука за ограничување на профитните бруто- маржи на над 1.000 прехранбени производи и средства за хигиена со важност до крајот на април.
Економија
Божиновска од Атина: Балканот мора да гради заедничка енергетска иднина

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес учествуваше на 9. Балкански Енергетски Самит што се одржува во Атина, под покровителство на Министерството за животна средина и енергија на Грција, Министерството за енергетика на Унгарија и Регулаторната комисија за енергетика на Северна Македонија.
Божиновска беше дел од отворањето на самитот и министерскиот панел посветен на зајакнување на стратешката енергетска соработка на Балканот, заедно со министри и регулатори од целиот регион. Во фокусот на дискусијата беа регионалната енергетска безбедност, забрзаната транзиција кон чисти извори на енергија и заедничкиот одговор на глобалните предизвици.
„Регионалната соработка за нас не е избор, туку стратешка нужност. Денес, повеќе од кога било, Балканот треба да биде обединет во обезбедувањето сигурна, одржлива и зелена енергетска иднина“, порача министерката Божиновска.
Таа нагласи дека Северна Македонија, иако мала по големина, е посветен и активен играч на регионалната енергетска сцена, преземајќи конкретни чекори кон либерализација на пазарот на електрична енергија, масовни инвестиции во обновливи извори и модернизација на енергетската инфраструктура.
„Веќе инвестираме во нови фотоволтаични електрани, го прошируваме ветерниот парк Богданци и ја градиме енергетската мрежа на иднината – со паметни технологии, подобрена ефикасност и поврзување со соседните земји. Само така можеме да создадеме вистински функционален регионален пазар“, истакна Божиновска.
Министерката посочи дека клучот за енергетска безбедност е комбинација од државни инвестиции во базични капацитети и активно вклучување на приватниот сектор. Според неа, Северна Македонија веќе бележи голем интерес од приватни инвеститори за изградба на ветерни и соларни капацитети, со вкупно поднесени барања за приклучување од 9.500 MW.
„Нашата стратегија е јасна: државата обезбедува сигурност, приватниот сектор носи иновации и дополнителна сила за зелената транзиција“, додаде Божиновска.
Во своето обраќање, министерката го најави и новиот Закон за енергетика, кој е во парламентарна процедура, а кој треба да создаде уште посилна основа за инвестиции во обновливи извори и модернизација на енергетскиот сектор.
Божиновска упати јасна порака дека енергијата денес е многу повеќе од ресурс – таа е темел за економски раст, енергетска независност и отпорност на глобалните предизвици.
„Енергијата е основата на иднината што сакаме да ја изградиме. Отворени сме за нови партнерства, за споделување знаење и заедничко креирање на регион кој ќе биде пример за Европа“, заклучи министерката Божиновска.
Балканскиот Енергетски Самит годинава обединува над 40 говорници, меѓу кои министри, регулатори и водечки енергетски компании, и се наметнува како клучна платформа за отворање на нови стратешки партнерства и инвестиции во енергетскиот сектор на Балканот.
Економија
Ангеловска-Бежоска – Ханиг: Народната банка презема мерки за поттикнување на зелените финансии

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во Вашингтон оствари средба со извршниот директор на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), Алфред Ханиг, на којашто се разговараше за залагањата на Народната банка за олеснување на пристапот до финансиските услуги коишто ќе обезбедат премин кон еколошки одржлива економија.
На средбата акцентот беше ставен на идните развојни политики за зелена финансиска вклученост, чијашто цел е да се поттикне приватниот сектор да понуди услуги и да преземе активности коишто се насочени кон градење отпорност на потенцијалните ефекти од промените на климата.
Гувернерката во разговорот истакна дека Народната банка воспостави стратегиски пристап кон зелените финансии преку подготовка на првата Стратегија за поттикнување на зелените финансии, којашто вклучува повеќе активности за намалување на климатските ризици и поддршка на одржливиот развој. Таа посочи дека овој пристап ја потврдува определбата за систематска и долгорочна интеграција на климатските фактори во финансиската стабилност и политиките на централното банкарство.
„Промените коишто ги иницираме имаат за цел не само да ја унапредат отпорноста на банкарскиот систем, туку и да обезбедат поддршка за економијата во процесот на декарбонизација и енергетска ефикасност“, посочи Ангеловска-Бежоска. Таа наведе дека заради транспарентност, Народната банка воведе регулативни барања поврзани со објавувањето податоци за зелените кредити и за изложеноста на банките на климатски ризици, со што се поставува основа за редовно информирање на јавноста за придвижувањето на финансискиот сектор кон зелени практики.
„Како дел од нашите заложби, го објавивме и првиот преглед на зелени финансии – сеопфатен документ што ги опфаќа статистичките податоци и показателите за животната средина, енергетиката, климатските ризици и зелените финансии. Покрај ова, преку активно учество во Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (НГФС), експерти од Народната банка учествуваа во изработката на Водичот за обелоденување на ризиците и можностите поврзани со климатските промени за централните банки, што претставува важен чекор кон градење светска регулативна рамка во оваа сфера“, истакна Ангеловска-Бежоска.