Македонија
Град Скопје нема да врши присилна наплата кон даночните обврзници

Град Скопје ги информира граѓаните дека решенијата за данок на имот и фирмарина коишто сега поштенски пристигнуваат на нивните адреси беа испратени пред да се случи епидемијата со коронавирусот во нашата држава, но поради новонастанатата состојба нема да презема дополнителни мерки кон даночните обврзници.
„Градот Скопје, согласно со одредбите на Законот за даноци на имот и Законот за комунални такси, на почетокот на месец март како и секоја година почна со процесот на достава на решенијата за данок на имот до сите физички и правни лица на територијата на град Скопје, како и решенијата за комунална такса-фирмарина до сите правни лица регистрирани на територијата на град Скопје. Истовремено, се доставија и опомени за неплатени решенија за данок на имот и фирмарина за 2019 година на сите обврзници, кои не го подмириле долгот за 2019 година, но по кои нема да се постапува се додека важат препораките на Владата“, се наведува во соопштението на градот.
Градот Скопје уште еднаш потенцира дека нема врши присилна наплата, кон сите даночни обврзници во Скопје што имаат неподмирени долгови, додека траат препораките и мерките на Владата и Министерството за здравство, а се однесуваат на спречување на ширењето на коронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Се урива еден од столбовите на Законот за јазиците – секој молк денес е соучесништво утре

„Демократската унија за интеграција остро реагира на последните скандалозни информации поврзани со Инспекторатот за примена на Законот за употреба на јазиците, институцијата која има клучна улога во надзорот и спроведувањето на правото на службена употреба на албанскиот јазик“, велат од ДУИ.
„Инспекторите на оваа институција, веќе повеќе од четири месеци немаат добиено плата. Тие се оставени без социјално и здравствено осигурување, без елементарна безбедност за себе и за своите семејства.
Ова не е само социјална неправда – ова е намерна стратегија за уништување на институцијата, со цел да се натераат обучените и лиценцирани инспектори да ја напуштат својата работа, а со тоа да се парализира системот на контрола.
Оваа акција е само една етапа од поширок, координиран напад врз статусот на албанскиот јазик во Република Северна Македонија.
• Најпрво беше одземена независноста на Инспекторатот, ставајќи го под надлежност на Министерството за правда, со што институцијата беше ставена во политичка зависност.
• Потоа следеше системско игнорирање на законот од страна на институциите,
• Министерствата, јавните претпријатија и нивните веб-страници се исчистени од содржини на албански јазик,
• А сега, се удира и по самата институција која е формирана да го штити законот.
Истовремено, Уставниот суд го разгледува Законот за јазиците под притисок, со можност да се поништат неговите клучни одредби.
Ова не е случајна негрижа. Ова е смислена операција за демонтажа на целиот систем изграден околу службената употреба на албанскиот јазик.
Ова е момент што не трпи молк. Секој што молчи денес, ќе биде соучесник утре.
Нашиот повик е до сите – без разлика на етничка припадност, политичка ориентација или позиција во општеството. Претставници на граѓанскиот сектор, граѓани, интелектуалци, медиуми, меѓународни партнери – сега е времето да се крене гласот.
Албанскиот јазик не е симболика. Тој е уставно право, еднаквост, мир и достоинство“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Претпладне сончево, попладне пороен дожд и грмежи

Времето претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне променливо облачно, на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса во текот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.
Македонија
Ѓорче Петров и Сопиште денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од ул. 103 – Волково во близина на кружниот тек во Волково, во општина Ѓорче Петров;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, дел од корисниците од ул. 100 и 21 во село Волково, во општина Ѓорче Петров;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од село Сопиште (ул. 14 и ул. 16 кај Св. Мина) во општина Сопиште.