Економија
Угостителите бараат помош за исплата на мартовските плати
Угостителите и хотелиерите кои беа први на удар од корона-кризата се жалат дека мерките за државна помош за месеците април и мај за нив не се доволни затоа што со значително намален капацитет работеле од крајот на февруари.
Голем дел самоиницијативно ги затвориле локалите уште на почетокот на март, пред да биде прогласена вонредната состојба, па сега се мачат да исплатат плати на вработените.
„Уште кога беше потврдена првата заразена со коронавирус, на 26 февруари, кај нас работата буквално се пресече. Работевме уште една недела, но никој не стапнуваше во ресторанот и беше неисплатливо да продолжиме со работа. Се обидовме и само преку шалтер да работиме, по нарачки, но во денот добивавме дали по една до две нарачки и одлучивме целосно да затвориме. Сега сите сме дома и за сите треба да се обезбедат и плати, барем минимални, но и да се платат придонеси. Во оваа ситуација сериозно размислуваме да отпуштиме дел од вработените, има колеги кои веќе и го направија тоа, неиздржливо е финансиски да ги платиме сите вработени. Имаме некои средства на сметка, но не можеме да си дозволиме целосно да ја испразниме. Никој ниту нам ни плаќа од заостанатите долгови ниту, пак, ние можеме да ги исплатиме долговите кои веќе се направени оти работата прекина“, вели сопственик на скопски ресторан.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски денес ја исклучи можноста за дополнителна помош за угостителите и хотелиерите кои треба да исплатат плати за март. Тој посочи дека овој проблем сите засегнати можат да го решат со бескаматни кредити и нагласи дека сите треба да бидат подготвени да изгубат по малку наместо да ја користат кризата за да добијат нешто.
„Има одредени компании во туризмот и угостителството кои десетина дена од март не работеа, но такви се условите, здравјето е пред сè. Наместо профитот на прво место го ставивме животот на нашите граѓани, побитно е да спасиме еден живот отколку што било друго. За овие компании понудивме кредити со 0 проценти камата за да исплатат плати. Сега е моментот да дадат од својот профит и да го покријат овој период. На крајот и на хотелите сега им е оставена економска активност, имаме сместено луѓе во државен карантин во хотелите, дел од средствата ќе им легнат и по оваа намена. Сите бараат сè, компаниите од една страна, работниците од друга страна, а наше е да направиме сè да помогнеме сите заедно да се одржиме и да останеме најмалку повредени“, рече премиерот Спасовски одговарајќи на новинарско прашање дали е можна дополнителна помош за погодените компании за исплата на мартовските плати.
Спасовски ги повика работодавачите да бидат солидарни и да помогнат работниците да ги зачуваат работните места.
Според него нема драстичен, број луѓе отпуштени од работа, флуктуацијата била нормална и освен одјавени работници имало и нововработени.
Мерката кафулињата да работат со скратено работно време, односно до 18 часот беше донесена на 12 март, а два дена подоцна, на 14 март, Владата одлучи кафулињата и рестораните целосно да затворат за да се спречи ширењето на кронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од 1 декември поскапува парното: сметките повисоки за околу 130 денари
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ) ја информира јавноста дека од 1 декември цената на топлинската енергија ќе се зголеми за дел од потрошувачите.
Според одлуката, за домаќинствата што се снабдуваат од најголемиот систем – ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Снабдување и ЕСМ Производство – цената се зголемува во просек за 5,9%. За потрошувачите на ЕСМ Енергетика зголемувањето е во просек 7,6%, а за корисниците на Скопје Север – Енерџи Еко Линк во просек 7,7%.
„Од 1 декември просечната сметка ќе биде зголемена за 130 денари – од 2.200 денари на 2.330 денари“, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Тој нагласи дека во следниот период е потребно долгорочно стратешко планирање и сериозна санација и модернизација на топловодната мрежа. Според него, овие инвестиции ќе ги намалат дефектите, ќе го подобрат квалитетот на снабдување и ќе овозможат проширување на мрежата, што би довело до зголемување на конзумот.
Бислимоски повтори дека греењето на парно и понатаму е најекономично, додавајќи дека анализите покажуваат дека доколку сите исклучени потрошувачи се вратат на системот, сметките би се намалиле за околу 10%.
Вкупно 65.000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија.
Економија
За мерката Самовработување се издвоени 2,5 милијарди денари, кажа Мицкоски
Самовработувањето е многу важна мерка и во Буџетот се издвоени средства коишто се од износ отприлика 2,5 милијарди денари, или околу 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година. И ова е историски највисока поддршка којашто до сега се случила, кажа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната седница за поставување на пратенички прашања.
Премиерот Мицкоски истакна дека Оперативниот план за самовработување е доказ дека државата инвестира во младите.
„Со овој план во 2025 година ќе бидат опфатени нешто повеќе од 16.500 лица. Нешто што мислам дека е најголем опфат до сега и јасен доказ дека државата практично инвестира во луѓето, а посебно во младите“, рече Мицкоски.
„До пред една недела издадени се вкупно 2.916 ваучери за изработка на бизнис план и дел од тие ги промовиравме во Владата. Оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност. Во моментот повеќе од 2.500 лица веќе се во процес на потпишување договори. Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО“, нагласи Мицкоски и додаде дека ова е нешто коешто за прв пат се случува во Македонија.
„Морам да кажам дека ги изненади и нашите очекувања и во годините коишто следат очекувам поддршката којашто е дел од овој Оперативен план за самовработување само да се зголемува, бидејќи ако ние со 40 милиони евра успеавме да анимираме повеќе од 16.500 луѓе, тоа е сериозна бројка и убеден сум дека од тие бизниси ќе излезат многу бизниси старт-ап коишто понатаму ќе донесат додадена вредност во македонската економија“, дециден е Мицкоски.
„Ваква поддршка за младите немало. Генерално зборувам, реконструкција на студентските домови, ваучерите за студентите за електронски уред и кога сето ова ќе се земе во предвид, ценам дека како Влада правиме нешто коешто до сега никој не го направил во независна Македонија за младите“, објасни Мицкоски.
Економија
Божиновска: ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која беше потврден силниот заеднички фокус кон унапредување на енергетската инфраструктура и забрзување на реформските процеси во земјата.
На средбите се разговараше за неколку стратешки проекти што ќе започнат во следната година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем со капацитет од 300 MWh.
„ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор. На средбата се усогласивме околу финализацијата на неколку стратешки проекти важни за 2026 година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем на ЕСМ со вкупен капацитет од 300 MWh. Овој проект е клучен за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем,“ истакна Божиновска.
На средбата се разговараше и за следните чекори во подготовката за воведување на ESCO-моделот во земјата. Двете страни ги разгледаа можните области за пилот-проекти и моделот на институционална соработка што ќе обезбеди несметана имплементација.
„ESCO-моделот е нова можност за граѓаните, институциите и целиот систем – модел кој дава реални резултати. Нашата цел е да создадеме јасна рамка, предвидливи процедури и подготвеност за негово постепено воведување,“ додаде министерката.
Министерството за енергетика и ЕБОР договорија во наредниот период да продолжат со заедничка техничка подготовка, со јасен фокус кон обезбедување услови за брза и успешна реализација на проектите што директно ќе ја зајакнат енергетската сигурност на земјата.

