Македонија
Заеви донираа хуманитарни пакети за ранливите граѓани во Струмица
Семејството Заеви донираа хуманитарни пакети со основни прехранбени производи за помош на граѓаните од социјално ранливите категории во општина Струмица, изјави на денешната прес-конференција началникот на Општинскиот штаб за заштита и спасување, Александар Оџаков.
Тој истакна дека семејството Заеви, освен во општина Струмица вакви пакети донирало и во другите општини во државата, а кои деновиве преку волонтерите ќе стигнат до домовите на социјално загрозените семејства.
„Дистрибуцијата на овие хуманитарни пакети ќе се врши согласно сите мерки за заштита, почнувајќи од пакување па се до достава во семејствата, а ќе ја вршат волонтери обучени за ваква испорака. Вакви пакети ќе се делат додека трае кризата“, изјави Оџаков.
„Ги повикувам сите компании и граѓани во ова исклучително тешко време за сите нас, во рамките на нашите можности да им помогнеме на семејствата кои имаат потреба од прехранбени и производи за лична хигиена. Многу е важно во овие вонредни околности да ја покажеме нашата хуманост и солидарност и сите заедно да се справиме со овој голем предизвик пред нас.
Упатувам и апел до сите граѓани да ги почитуваат мерките и препораките на Владата, Министерството за здравство и на Општинскиот штаб за заштита и спасување, затоа што само така ќе можеме да го заштитиме нашето здравје и здравјето на нашите најблиски“, рече Оџаков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре ведро и студено претпладне, преку денот сончево
Времето утре, наутро ќе биде ведро и студено, а во текот на денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Во наредните денови Сседува период на стабилно и суво време со постудени утра и со услови за утринска магла по одделни котлини. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Дневните температури ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Дел од корисниците на Центар утре без вода
Дел од корисниците на Центар, поради дефект, утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 13.11.2025 година, четврток, поради уличен дефект на ул. 8 -ма Ударна Бригада 39, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица,вклучително и објектот на Амбасадата на Италија. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.(општина Центар)“, информира РЦУК.
Македонија
Гаши на средба со постојаната координаторка на ОН, Рита Колумбија
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија.
На средбата се разговараше за тековната и идната соработка меѓу Собранието и Канцеларијата на ОН во Северна Македонија, со акцент на улогата на законодавниот дом во процесите поврзани со одржливиот развој, човековите права и доброто владеење.
Претседателот Гаши изрази задоволство од реализирањето на средбата и ја истакна досегашната плодна соработка со Канцеларијата на постојаната координаторка, која, како што нагласи, значително придонесува за унапредување на транспарентноста и отчетноста на институциите.
Постојаната координаторка Колумбија ја поздрави иницијативата и ја потенцираше поддршката на системот на Обединетите нации за активностите на Собранието поврзани со спроведувањето на договорите и проектите што се реализираат во партнерство со агенциите на ОН. Таа нагласи дека во иднина акцентот ќе биде ставен на заедничките напори за унапредување на образованието, создавање подобри услови за лицата со попреченост, промовирање на родовата еднаквост и понатамошно јакнење на улогата на жените во општеството и во парламентот.
На крајот од средбата, претседателот Гаши изрази благодарност до системот на Обединетите нации во Република Северна Македонија за нивните активности и поддршка во областите на доброто владеење, социјалната инклузија, заштитата на животната средина, климатските промени, вработувањето и рамномерниот регионален развој, како и за досегашната конструктивна соработка со Собранието и неговите работни тела.

