Македонија
Од Дебар и Центар Жупа се извлекуваат лицата што 14 дена беа во изолација
Стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде што е прогласена кризна состојба. Во рамките на предвидените мерки во оперативниот план полициските службеници ги реализираат мото-патролите во градските средини и приградските населби. Притоа не се регистрирани собирања граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди, соопшти СВР Охрид.
Непречено се одвива процесот на извлекување на лицата што во изминатите 14 дена беа во самоизолација, а денеска од Дебар ќе биде извршен спровод на две лица. Во текот на вчерашниот ден регистриран е еден случај на непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. Имено, на контролниот полициски пункт кај охридското село Подмоле запрен е патнички автомобил „голф“, со охридски регистарски ознаки, управуван од С. М. (26) од дебарското село Отишани. Во возилото како сопатници најдени се О. И. (29), К. Н. (20), со две малолетни лица, сите од с. Долгаш, општина Центар Жупа, како и А. Џ. (20) од дебарското село Џепиште. По претходна консултација со Основното јавно обвинителство Охрид, тие се задржани и извршено е запознавање на судија за деца при Основниот суд Охрид и Центарот за социјални работи, чиј претставник се вклучи при работата со малолетните лица. Дополнително, извршено е запознавање на Центарот за јавно здравје по што возилото со сите лица под полициска придружба е спроведено до зоната за карантин во Дебар. По документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.
Во општините Дебар и Центар Жупа успешно се спроведуваат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотур на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица што вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти.
„Потсетуваме дека влезот е дозволен само за лицата жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет, излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини. Упатуваме апел до граѓаните строго да ја почитуваат одлуката на Владата за забрана на движењето од 21 до 5 часот секој ден, а за време на викендите од 16 до 5 часот. Апелираме на совесно и дисциплинирано придржување до сите други препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот (Ковид-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Граѓаните на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192 може да ги пријавуваат сите случаи на лица што ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние што ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани во согласност со член 205 и 206 од Кривичниот законик“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево време, утрински температури до -10 степени
Времето утре ќе биде сончево и студено со мала до умерена локална облачност. Ќе дува засилен до силен северен ветер и наместа ќе има услови за провејување на снег. Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -4, а максималната ќе достигне од -3 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, претежно сончево и студено со умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Во четврток и во петок ќе се задржи студено време со минимални температури кои насекаде ќе бидат негативни, а локално ќе се спуштат и под минус 10 степени.
Од петок и во деновите потоа ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи, претежно од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурите ќе биде во пораст.
Македонија
УЈП најави привремен прекин на електронските услуги од 16 часот
Управата за јавни приходи ја известува јавноста дека денеска, 30.12.2025 година, со почеток од 16:00 часот, ќе има привремен прекин во функционирањето на електронските услуги кои Управата (УЈП) ги нуди кон даночните обврзници.
Се очекува прекинот да трае до доцните попладневни часови, по што услугите повторно ќе бидат достапни.
Управата за јавни приходи ги замолува даночните обврзници за разбирање.
Македонија
Владата го усвои предлог Законот за јавно обвинителство
Владата на денешната редовна 140 седница го усвои Законот за јавно обвинителство, како еден од клучните чекори во спроведувањето на реформската агенда од Областа 5 – Фундаментални вредности, со посебен фокус на владеењето на правото.
„Донесувањето на овој закон претставува значаен исчекор во зајакнувањето на независноста, ефикасноста и отчетноста на јавното обвинителство, како столб на правниот систем и гарант за заштита на јавниот интерес. Законот е резултат на сеопфатен процес на анализа, консултации и усогласување со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики“, се наведува во соопштението од Владата.
Од таму појаснуваат дека со новото законско решение се воведуваат измени во постапката за избор на Јавен обвинител на Република Северна Македонија, со јасно дефинирани критериуми и механизми кои обезбедуваат транспарентен, инклузивен и мерит-системски пристап при изборот на најквалитетните кандидати. Во законот се вградени релевантните препораки, со цел процесот да биде ослободен од политички влијанија и заснован исклучиво на стручност, интегритет и професионален кредибилитет.
Дополнително, законот предвидува прецизни и обврзувачки рокови за постапките за избор, унапредување и се воведува принцип на категоризација на дисциплинска одговорност на јавните обвинители, што придонесува за поголема правна сигурност, предвидливост и функционалност на системот, а воедно и поголема одговорност на самите јавни обвинители. На овој начин се зајакнува довербата на граѓаните во институциите и се воспоставува појасна одговорност во работењето на обвинителството.
„Владата останува цврсто посветена на реформите во правосудството како приоритет од највисок јавен интерес и како неопходен предуслов за напредокот на државата на европскиот пат. Усвојувањето на Законот за јавно обвинителство е конкретен доказ за определбата да се градат силни, независни и професионални институции, во служба на граѓаните и владеењето на правото“, се наведува во соопштението.

