Економија
Се ставаат во мирување сите рокови и отворени повици и од Националната и од ИПАРД-програмата
Владата донесе уредба со која се ставаат во мирување сите рокови и отворени повици и за Националните и за ИПАРД 2-програмата, соопштија на денешната прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР), Николче Бабовски.
Целта на донесувањето на уредбата е поради тековната вонредна состојба поради пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19, а со цел да се излезе во пресрет на сите корисници на финансиска поддршка од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
„Овој период искористете го за подготовка на квалитетни проекти и за производство на домашна храна, а по вонредната состојба, сите заедно да го завршиме и административниот дел, кој сега го ставаме во мирување. Ве охрабрувам сите во овој период да продолжиме со домашно производство на земјоделски производи и нивни преработки, затоа што само така можеме заеднички да се справиме со секој предизвик и да овозможиме развој“, изјави министерот Димковски.
Согласно донесената уредба, престануваат да течат и роковите за доставување барања за финансиска поддршка и по ИПАРД 2 и по Националните програми за време на вонредната состојба, истите ќе продолжат по престанокот на вонредната состојба. Со носењето на оваа уредба, престанува да тече процесот за поднесување на барањата и за Мерка 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства“ од ИПАРД 2-програмата.
Огласот требаше да биде отворен до 29 април, но, тој рок сега е надвор од сила. Новиот рок за поднесување на барањата ќе биде дополнително соопштен, а истиот ќе зависи од тоа кога би биле тргнати вонредните мерки кои ги носи Владата на РСМ.
Директорот на АФПЗРР, Бабовски, појасни дека со ова се дава можност на заинтересираните физички и правни лица кои сакаат да аплицираат, а поради вонредната состојба со Ковид 19 не се во можност да ја приберат потребната документација да можат откако ќе се нормализира целата состојба да ги приберат потребните документи и да ги достават до АФПЗРР до рокот кој ќе биде определен дополнително.
„Преку овие сет на мерки обезбедуваме намалување на штетните последици кои би ги имале странките во постапката со губење на одредени права на финансиска поддршка поради неисполнување на законските рокови за набавка на опремата за која склучиле договори, а поради вонредната ситуација и не по нивна вина не се во можност навреме да ги достават документите, или да ги завршат проектите за кои потпишале договори. На овој начин, сакаме да ве растовариме од бркање на рокови и создавање дополнителен притисок“, рече директорот Бабовски.
Апликантите кои претходно имаат склучено договори со АФПЗРР, за реализација на инвестиции ќе добијат продолжување на роковите кои ќе почнат да течат по завршување на вонредната состојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,02 п.п., при што во јануари таа изнесува 2,20%, известува Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,48 п.п. и изнесува 4,73%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Николоски: Растот на превезена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места
Вкупното количество на превезена стока во товарниот патен превоз во четвртиот кварат од 2025 година е за 66, 7 проценти зголемен во споредба со истиот период 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информира министерот за транспорт, Александар Николоски.
Според него, големиот раст на превезнена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места.
„Државната статистика забележува и зголемување на карго превозот преку авиосообраќајот и тоа за 23, 7 проценти во четвриот квартал од 2025 година во споредба со истиот период 2024 година. Единствено се забележува намалување на железничкиот превоз за 13,4 проценти и тоа се должи на започнатите инфраструктурни проекти на железничката мрежа долж Коридор 10“, вели Николоски.
Ток, исто така, наведе дека во истиот пресметковен период во патничкиот транспорт превезени се вкупно 925 илјади патници, додека во воздухопловниот превоз регистрирани се 889 153 патници што, како што вели, покажува засилен раст како резултат на политиките за финансиска подршка што ги спроведува Министерството за транспорт за воведување на нови авиолинии.
Најмногу од патниците во делот на авиосообраќајот се превезени преку редовни авиолинии, а раст се забележува и кај чартер летовите.
Единствено намалување во четвриот квартал од 2025 година има во железнички превоз на патници и тоа според статистиката превезени се 34 илјади патници.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

