Македонија
Пожар на Скопска Црна Гора, жителите алармираат дека се доближил на 300 метри од Блаце

Огнот на Скопска Црна Гора се доближил на околу 300 метри од селото Блаце, алармираат на социјалните мрежи жители на селото. Откако завчера на многу непристапен терен на планината над селото Горњани во општина Чучер Сандево избувнал пожар, вчера од 10 часот екипи на скопската противпожарна бригада со авионска поддршка од Дирекцијата за заштита и спасување го гаселе огнот. Пожарот бил целосно изгаснат во 19.30 часот. Командантот на скопската противпожарна бригада Владимир Симоновски вели дека утрово немале пријава дека пожарот пак е активен.
„Синоќа огнот на Скопска Црна Гора беше целосно локализиран. Нашите екипи се вратија во базата во Автокоманда со извештај дека оган повеќе нема. Имавме и авионска поддршка од дирекцијата, се гаснеше со авиони. Ако пак се појавил оган значи некој го потпалил ноќеска. Кај нас нема пријава дека пожарот повторно е активен“, изјави командантот Симоновски.
Најголемо внимание командантот вели дека посветиле на спречување на огнот да ја зафати шумата околу црквата Св. Богородица, поради опасноста од таму лесно да се прошири до куќите во селото Горњани.
Жителите на Блаце, пак, велат дека селото Горњани е од една, а селото Блаце од другата страна на огнот во планината. Се жалат дека од нивната страна огнот не бил изгаснат и веќе трет ден се доближува до куќите.
Наспроти нивните тврдења и Дирекцијата за заштита и спасување извести дека вчера дале воздушна поддршка за справување со пожарот во Општина Чучер Сандево.
„Со 6 налети на авионите беа исфрлени 15.000 литри вода со што пожарот беше ставен под контрола. Дирекцијата за заштита и спасување апелира до граѓаните на совесно однесување и заштита на шумите“, извести Дирекцијата за заштита и спасување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Македонецот кој спречи терористички напад во авион: „Реагирав инстинктивно“

На летот од Лондон до Глазгов се случи инцидент, откако еден од патниците извика дека има бомба, со слогани „Смрт за Америка, смрт за Трамп“ и „Алах акбар“. Патникот кој се закани дека ќе постави бомба беше совладан од Зоран Настески, по потекло од Македонија и Србија, кој живее во Велика Британија.
Настески го собори човекот на подот за време на летот и го држеше до слетувањето, кога го презеде шкотската полиција. Во меѓувреме, во Велика Британија е започната истрага за терористичкиот напад. Индискиот „Јутуб“ канал „НДТВ“ објави видео од инцидентот, на кое се гледа моментот кога Настески совладува патник кој извикува дека има бомба и го навредува американскиот претседател Доналд Трамп.
View this post on Instagram
„Вчера наутро тргнав на одмор во Глазгов. Десет минути пред слетувањето, еден човек помина покрај мене држејќи кафе и телефон во рацете. На почетокот се плашев дека ќе ми истури топло кафе, па се засолнив. Потоа почна да вика дека има бомба и дека ќе го собори авионот, за да докаже дека политиката на Трамп е погрешна“, вели Настески, пренесува „Телеграф.рс“.
Патниците паничеа, додаде Настески, децата врескаа, а екипажот беше видливо вознемирен.
„Само реагирав инстинктивно, сакав да ги заштитам другите. Станав, го соборив, му го зедов телефонот и го држев за раце додека не слетавме. Набрзо ми помогна друг патник, не сум сигурен дали беше Англичанец или Шкотланѓанец“, рече Настески.
По слетувањето на аеродромот, пожарникарите и полицијата дојдоа на пистата и уапсија 41-годишен маж. Целиот настан го снимила патничка. Видеото набрзо станало вирално на социјалните мрежи.
По десет години работа во Велика Британија, Настески планира да се пресели со својата партнерка во Србија, каде што има семејни корени. Неговиот татко е Македонец, роден во Скопје, а неговата мајка е Србинка.
„Се селам во Белград затоа што ја запознав најпрекрасната жена на светот, Сандра“, рече Настески.
Авиокомпанијата „Изи џет“ објави дека човекот што го предизвикал инцидентот бил уапсен веднаш по слетувањето во Глазгов и дека персоналот на авионот бил обучен да се справува со вакви ситуации, за да не биде доведена во прашање безбедноста на сите во авионот.
Македонија
Започна изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Битола

Во општина Битола, денес беше одржан состанок, со кој се означи почетокот на реализацијата на проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води.
Во присуство на претставници на Министерството за животна средина, Министерството за финансии, изведувачот на пречистителната станица конзорциумот Лантаниа-Стентон градба-Карканиас, избраниот надзор- фирмата Ептиса, претставници на КЈП „Нискоградба“ и претставници на општинската администрација, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, посочи дека овој стратешки еколошки проект е многу значаен чекор кон заштитата на животната средина.
Основната цел на проектот е да се подобри инфраструктурата за собирање и третман на комунални отпадни води, во согласност со директивата за третман на отпадни води и националниот закон. Според договорот, времетраењето на градба е 2 години и една година гарантен период. Со помош на ЕУ, се гради одржлив систем за отпадни води за идните генерации, преку инвестирање во чиста вода и зелени решенија што ќе обликуваат поздрава и поодржлива иднина.
Македонија
Дожд и грмежи вечерва и во раните утрински часови, јавува УХМР

Времето до крајот на денот ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, во западните делови западен, а долж Повардарието северен ветер, кој наместа повремено ќе засилува. Кон крајот на денот во северозападните делови облачноста ќе се зголеми и во текот на ноќта и во раните утрински часови ќе има локален дожд, повремено пороен со појава на грмежи и услови за краткотрајно невреме.
Времето утре ќе биде променливо облачно и посвежо, претпладне со повремено пороен локален дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степеним јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно, во раните утрински и претпладневни часови со повремен пороен дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 33 степени.