Македонија
Општинскиот кризен штаб на Куманово бара 24-часовен карантин
Во Општина Куманово денеска се одржа состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во врска со преземање активности и мерки против ширење на коронавирусот. Најпрвин од Владата се бара издвојување на општина Куманово и нејзината територија од рамката на општите мерки, кои важат за севкупната територија на државата, со дополнителна 14-дневна 24-часовна изолација (карантин во посебни услови), кој ќе важи од петок, 17.4.2020, и ќе трае до понеделник, 4.5.2020 година.
Посебните мерки што треба да важат во овие услови се:
1. Дозволи за движење на лица што се професионално ангажирани во институциите и стопанството;
2. Пунктови за контролирање влез и излез во и надвор градот, со дополнителна дезинфекција на возила и патници што влегуваат на територијата на општина Куманово;
3. Превентивни епидемиолошки мерки за дезинфекција на зафатените подрачја во градот, задолжителни за влез и излез на подрачјето на општина Куманово;
4. Обезбедување транспорт на продукти, енергетски и други потреби на општина Куманово и институциите, кои се вклучени во дејствата против епидемијата на Ковид-19 на територијата на општина Куманово;
5. Непречено обезбедување амбулантна достава на храна до домаќинствата во период на карантин и вклучување поголем број трговски оператори во постапката со претходно издадена дозвола од ОШЗС;
6. Разработување на одлуката на Владата на РСМ за мерки за земјоделците и сточарите и други стопански субјекти за непречено вршење активности во период на карантин;
7. Обезбедување дополнителни човечки ресурси во здравството за непречено функционирање на Општата болница – Куманово;
8. Зајакнување на капацитетите на епидемиолошката служба со дополнителни човечки ресурси како одговор на потребите во зависност од епидемиолошката состојба;
9. Дефинирање начин и постапка на одлагање комунален отпад на домаќинствата во кои има позитивни случаи на КОвид-19;
10. Обезбедување дополнителни количини лична заштитна опрема на граѓаните на општина Куманово и воведување мерка за задолжително носење маски и ракавици за сите лица на отворен простор;
11. Вклучување на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи за активно следење на состојбата на лица со посебни потреби и укажување помош на социјално најранливи семејства во градот со континуирано снабдување со храна, средства за хигиена и заштитна опрема во периодот на карантин;
12. Воспоставување континуиран медицински процес и процес на континуирана контрола на нови лица, бегалци влезени или фатени во процес на шверцување, а се или ќе бидат предмет на сместување во ТПЦ „Табановце“ – Куманово, нивна изолација или евентуален карантин.
Оттаму, бараат од Министерство за здравство, Комисијата за заразни болести и од ИЈЗ – Скопје да дадат приоритет на тестовите за сите земени брисови на територијата на општина Куманово за здравствените работници и воедно благовремено да го информираат ЦЈЗ во Куманово за позитивни и негативни резултати од тестовите поради фактот дека за повеќето брисови што се испратени за анализа, не се добиваат резултати навремено, со што сметаме дека се креира нереална епидемиолошка слика во општина Куманово.
Исто така, се апелира до Црвениот крст и други хуманитарни и невладини организации и здруженија, кои се во соработка и координација со ОШЗС, да диструбуираат дополнителна помош за граѓаните на општина Куманово за време на карантинот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За првпат во Македонија е изведена хируршка интервенција кај дете со ретка конгенитална деформација
На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) за прв пат во Македонија е изведена комплексна хируршка интервенција кај 4-годишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет (Sprengel deformity), во соработка со проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција.
Интервенцијата претставува значаен чекор во јакнење на капацитетите на македонскиот здравствен систем за третман на ретки и сложени ортопедски состојби во детската возраст, преку тимска работа, пренос на знаење и примена на современи оперативни техники.
„Оваа интервенција е резултат на врвна мултидисциплинарна координација – ортопедски тим, анестезија, интензивна нега и ургентна поддршка – со јасен фокус на сигурноста и квалитетот на самата постапка. Благодарение на соработката со проф. д-р Уфук Ајдинли, направивме значаен исчекор во третманот на ретки конгенитални деформации кај деца. Нашата цел е овој тип процедури да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјата, со континуирана едукација и развој на домашните тимови,“ вели директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски.
Според министерот за здравство, Азир Алиу градењето доверба во здравствениот систем се прави со ваков вид на резултати, со знаење, со тимска работа и со создавање услови најсложените интервенции да се изведуваат во државата.
„Ова е пример како меѓународната соработка, размената на експертиза и знаење директно се претвораат во подобра грижа за пациентите. Министерството ќе продолжи да ја поддржува модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со цел граѓаните да добијат модерен, функционален и одржлив здравствен систем“, вели министерот Алиу.
Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба при која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради неуспешна надолна миграција за време на ембрионалниот развој. Ова најчесто предизвикува видлива „испакнатина“ и ограничување на движењето на рамото. Состојбата неретко е поврзана и со други придружни наоди, како синдромот Клипел-Фил, сколиоза, а понекогаш и дополнителна коскена/влакнеста врска со ’рбетот (омовертебрална лента), поради што за прецизна дијагностика и планирање се користат снимања како КТ и/или МРИ. Оперативниот третман најчесто се резервира за потешки случаи во возраст од 3 до 8 години, со цел подобрување на функцијата и изгледот.
Македонија
„Зелен хуман град“: Министерството за животна средина со децении противзаконски толерирало загадувачи
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ денеска го обвини Министерството за животна средина дека со децении противзаконски толерирало загадување, дозволувајќи информациите за емисии и согорување да се кријат под изговор на „деловна тајна“.
Во соопштението се наведува дека Министерството, обидувајќи се да се оправда за едно, како што велат, злодело, признало друго – дека со години дозволувало загадувањето да се третира како деловна тајна, иако, според иницијативата, не постои законска основа загадувањето или штетата по животната средина и здравјето да бидат класифицирани на таков начин.
Од „Зелен хуман град“ посочуваат дека Министерството тврди оти постоеле закони и подзаконски акти што ѝ овозможувале на индустријата да ги крие податоците за согорување, но прашуваат кои се тие акти и каде се, наведувајќи дека, освен Законот за тутун, не постои друг пропис во кој загадувањето може да се смета за деловна тајна.
Според иницијативата, додека институциите ја насочувале вината кон домаќинствата како најголеми загадувачи, со најновите изјави излегло дека со децении се прикривал еколошки криминал на штета на здравјето на граѓаните и животната средина.
„Зелен хуман град“ бара Јавното обвинителство по службена должност да отвори итна истрага за институционалната улога во прикривањето на загадувањето, да утврди кој, кога и по чија наредба дозволил информациите да се кријат од јавноста и да се утврди кривична одговорност кај сите инволвирани.
Иницијативата бара и целосна јавност на сите податоци за емисии, без исклучоци, посочувајќи дека правото на здрав живот е загарантирано со Уставот.
Фото: pexels
Македонија
Рената Дескоска избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија
Професорката по уставно право и поранешна министерка за правда, Рената Дескоска, е избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија.
Како што соопшти Дескоска, за нова претседателка на Венецијанската комисија е избрана Марта Картабија, професорка по уставно право и поранешна министерка за правда на Италија. Заедно со Дескоска, за потпретседатели се избрани и Ерик Холмовик од Норвешка и Тимоти Оти од Обединетото Кралство.
Дескоска наведува дека е првата потпретседателка на Венецијанската комисија која доаѓа од Македонија, како и прва која потекнува од земја што не е членка на Европската Унија, ниту од земјите произлезени од поранешна Југославија.
Според неа, изборот претставува признание за нејзиниот досегашен ангажман и придонес во работата на Венецијанската комисија. Таа информира дека досега учествувала во изработката на 14 мислења за различни земји, кои биле презентирани на пленарни седници и едногласно усвоени, како и во повеќе мисии и конференции како претставник на Комисијата.
Дескоска посочува дека изборот за втор човек на Венецијанската комисија го доживува и како дополнителна обврска за продолжување на ангажманот во промоција на европските стандарди во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото.

