Македонија
Захариева: Северна Македонија треба да каже дека јазикот им се заснова на бугарскиот
Бугарија отсекогаш била една од најсериозните поддржувачи на Северна Македонија и навистина сакам да порачам – потпишавме еден договор, двајцата премиери ставија потписи на овој договор и не е добро да се оспорува тоа што е напишано во него. Ова го изјави бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.
„Нашата цел е да ја препознаеме заедничката историја, да ги славиме заедно овие херои кои се самодекларираа како Бугари, но се бореа за идеалите на Македонија. Да, јазикот што е официјален во нивниот Устав датира од 1945 година и се заснова на бугарскиот јазик. Што е проблемот да се каже тоа? “, изјави Захариева, пренесе „БГНЕС“.
Таа рече дека договор со Македонија постоел уште во 1999 година, кој е потврден во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, а кој беше потпишан пред неколку години. Во договорот, рече Захариева, постигната е согласност како да се нарекува службениот јазик според Уставот на обете држави, па треба да се придржуваме кон тоа.
Според неа, научниците можат да им помогнат на дипломатите, но работата на мешовитата Комисија не смее да се политизира.
„Да бидам искрена, еднострано суспендирање на работата на оваа комисија од страна на Северна Македонија мислам дека ја политизира самата комисија. За да може комисијата да работи, треба да одржува состаноци, па дури и онлајн. Да се прекинат средбите со аргумент дека се наближуваат избори во нивната земја, е тоа не го разбирам. Идејата е да им овозможиме на историчарите и експертите да работат и тие самите да донесат заедничка одлука, за што ќе нè информираат без да им се мешаме“, додаде Захариева.
Според неа секој може да се изјасни така како што се чувствува.
„Македонија е регион, на територијата на географската област Македонија живеат Бугари, Македонци, Роми, Албанци. Република Северна Македонија е држава. Тие ја оспоруваат нашата заедничка историја. Тие можат да го нарекуваат својот јазик каков што сакаат, но кога го склучивме договорот со него се согласивме заедничката комисија да ја заврши работата до крај. Ние секогаш постапуваме искрено и одговорно, никогаш не сме ги изненадиле со нашите одлуки, тоа според мене е е европски пристап“, истакна Захариева.
Таа потсети дека бугарското Собрание едногласно ја усвоило Декларацијата за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија. Коментирајќи ја изјавата на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев дека ако мешовитата Комисијата не почне со работа до јуни, Бугарија би можела да стави вето на старт на преговорите на земјава со ЕУ, Захариева вели дека инсистира таа да профункционира.
„Не можам да кажам дали Бугарија ќе стави вето на процесот на преговори. Во таквиот процес, потребна е согласност од сите земји (членки) за отворање на поглавјата, за преговорачкиот процес и за затворање на поглавја. Ова е долг процес и граѓаните на Македонија имаат најголем интерес да се прекине со реториката од времето на Титова Југославија, а тоа го гледаме последниве денови – потпишавме договор, но само го потпишавме, никој не презема никаков чекор да го спроведе“, додаде Захариева.
Таа смета дека Бугарската академија на науките (БАН) и МАНУ треба да седнат заеднички да поработат на ова прашање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Целосна реконструкција на култната фонтана „Лотос“ во Градскиот парк
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, објави видео во кое вели дека култната фонтана „Лотос“ повторно го добива својот сјај.
„Започната е целосна реконструкција на фонтаната која се наоѓа на влезот од Градскиот парк – место што со децении претставува препознатлив белег и симбол на Скопје, но кое за жал со години беше запуштено.
Со проектот е предвидена целосна обнова на фонтаната, како и уредување на плоштадот околу неа. Се поставува нова урбана опрема и современо осветлување, со што просторот ќе добие нов, модерен и достоинствен изглед, соодветен на значењето што го има за градот и граѓаните.
Ова култно катче, еден од најпрепознатливите симболи на Скопје, повторно ќе стане место за средби, прошетки и споделени моменти. Простор каде што генерации скопјани ќе се собираат, ќе создаваат спомени и ќе уживаат во уреден и квалитетен јавен простор, онака како што Скопје заслужува.
Градот го обновуваме чекор по чекор, со јасна визија и конкретни дела. Скопје го правиме заедно. По скопски!“, изјави Ѓорѓиевски.
Македонија
Општина Центар и Амбасадата на Чешка му оддадоа почит на Роберт Гајдик
Денес се одбележуваат 84 години од прерано згаснатиот живот на Роберт Гајдик Славко, истакнат борец и партизан во Народноослободителната борба.

Со полагање свежо цвеќе, Н.Е. Амбасадорот на Република Чешка, Јарослав Лудва и военото аташе на Република Чешка, претставници од Општина Центар, Сојузот на борци и Здружението на пензионери на Општина Центар, жители од Урбаната заедница „Роберт Гајдик“ и негови почитувачи му оддадоа почит.

Исто така, во чест на празникот Василица, во Урбаната заедница „Роберт Гајдик“ се вртеше паричка, а среќниот добитник беше Владе Левковски, претседател на пензионерскиот огранок „Невена Георгиева Дуња”.

Преку овој симболичен настан, секоја година му се оддава почит на интернационалниот борец, симбол на истрајност и борба за слобода против окупаторот.

Општина Центар со години го чествува и негува споменот на Роберт Гајдик и неговото дело.

Македонија
Ако СДС се сомнева за некаков вид на криминал или корупција нека се јават на нивните судии и обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ
СДС повторно растура пердуви во јавноста со цел да прикаже некаква поврзаност на ВМРО-ДПМНЕ со некакви фирми и да шири лаги и манипулации, велат од партијата на власт.
„Кога во нивно време, тендерите и набавките беа синоним за криминал и корупција, и по „дифолт’’ одеа кај фирмите на семејствата на Заев и Филипче, денес тоа повеќе не е така.
Сите тендери и јавни набавки кои се спроведуваат се законски, отчетни и транспарентни.
Ги прашуваме СДС, дали човек смее да има фирма/бизнис, да учествува на тендер/набавка и да биде член/симпатизер на политичка партија? Дополнително, дали има некаков вид на криминал или корупција во тендерите? Ако се сомневаат во нешто, нека се јават на нивните обвинители и судии, сигурни сме дека ќе им помогнат“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

