Македонија
МВР: Полициска интервенција на верскиот собир во Струга можеше да предизвика жестока реакција од верниците
Министерството за внатрешни работи за вчерашната литија со стотици верници, кои не ги почитуваа мерките за заштита од коронавирусот, вели дека старешината на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга ги информирал дека настанот ќе се одржи само со локалното свештенство и монташтво, а кога полицијата увидела дека на настанот се придружуваат и граѓани, не можеле да ги спречат поради страв од пожестока реакција и ескалација на ситуацијата.
МВР тврди дека полицијата во Струга ги спровела сите безбедносни мерки и постапувала во согласност со мерките донесени од Владата за заштита од Ковид-19.
„На 4.5.2020 година, началникот на ОВР Струга, заедно со други претставници од полициската станица, одржа работен состанок со старешината на црквата ‘Св. Ѓорѓи“’ во Струга, на која на старешината му беше нагласена потребата од доследно и дисциплинирано придржување до сетот мерки и препораки на здравствените органи и владините мерки за заштита од зараза со коронавирусот и при вршење на верските служби и други активности за време на литијата црковните и другите лица строго да се придржуваат до одредбите за држење прописно растојание. Старешината на црквата ги запозна полициските претставници дека навремено ќе информира за сите планирани активности пред и за време на одржувањето на литијата и нагласи дека бил во постојан контакт со МПЦ-ОА“, информираат од МВР.
Полицијата во Струга забележала дека група верници почнале да се собираат уште во дворот на црквата „Св. Ѓорѓи“, но имале маски и држеле растојание, велат од МВР, по што додаваат дека кога поворката се движела низ струшките улици, полицијата забележала дека од споредни улици и дворови граѓаните излегувале и ѝ се придружувале на поворката.
„ОВР Струга изготви оперативен план и во согласност со него на 7.5.2020 година изврши физичко покривање на поширокиот дел од црквата ‘Св. Ѓорѓи’ , во чиј двор беше забележана помала група верници, кои имаа заштитни маски и беа на соодветно меѓусебно растојание. При движењето на литијата кон кејот и на шеталиштето од споредните улици и од дворовите на приватните куќи околу 17.30 часот полициските службеници забележаа движење и приклучување на групи верници“, велат од МВР.
Од МВР истакнуваат дека било невозможно да се спречи собирањето на стотиците верници, кои ѝ се придружиле на литијата бидејќи, ако имало пожестока реакција, ќе дошло и до ескалација.
„Иако имаше обид на полициските службеници да се спречи нивно ефективно вклучување во поворката, на што наидоа на вербална реакција и негодување од граѓаните, таа појава не беше возможно целосно да се спречи со поригорозна полициска интервенција поради можноста од пожестока реакција на верниците и ескалација на ситуацијата“, сметаат од МВР.
Тие на крајот од соопштението наведуваат дека за разлика од минатогодишната литија со 10.000 верници, оваа година имало речиси 300 лица. По ова, струшката полиција и Обвинителството спроведуваат мерки за да се идентификуваат евентуални организатори на непредвиденото и ненајавено приклучување на групите верници по што ќе бидат поднесени соодветни пријави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: Илјада токсични наслови – докази за организиран линч врз мене и СДСМ
Претседателот на Социјалдемократски сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска на прес-конференција истакна дека против него и СДСМ се води координирана и организирана кампања на медиумски линч, зад која, како што рече, стои власта на ВМРО-ДПМНЕ.
„Вака изгледа секојдневието на СДСМ и мое лично. Вака се будиме, вака заспиваме, вака функционираме. Со ова се бориме секојдневно. Невистини, лаги, навреди, хајки, линч, навреди итн. Во ова се вложени милиони евра. Ова е нивното разоткривање.
Зошто власта го прави ова – за ДЕФОКУС од вистинските реални проблеми.
Кога започна да се зголемува интензитетот на нападите врз мене и врз СДСМ? Кога откривме дека постои договор „мигранти за пари“, кога почнавме да објавуваме „бомби“, 161 тендер за една фирма, 52 милиони евра преку општините, 9 милиони евра за фирма со двајца вработени, 1,2 милиони евра преку Пошта, сè за ортаците на Мицкоски. Кога кажавме дека недостига една милијарда евра, а сега, за жал, веќе недостигаат две милијарди, а јануари сè уште не е ни завршен.
Најжестокиот удар врз нас започна по нашата објава за Алфа ТВ и нивната поврзаност со цела мрежа што оди преку Белград, СНС, па до Будимпешта и Орбан. И тргнаа со сите сили врз нас“, кажа Филипче.
Додава дека во Здруженијата на новинарите, партијата гледала последен зрак надеж дека ќе можат да се одбранат од притисоците на ВМРО и да застанат на страната на вистината.
„Се уште чекаме одговор за поднесените осум претставки за навреди од страна на Геровски. Тој ме споредува со убиец на деца, замислете убиец на 300 деца. И никој не реагира. Не се реагира ниту на сето ова што денеска го гледате собрано на едно место денеска.Можете ли да замислите како ние се чувствуваме? Дали ние некогаш сме изјавиле, рекле или напишале нешто вакво? Не, никогаш.
Во дел од медиумите велат дека ние таргетираме? Кого? Оние што ова го пишуваат? Тие нам ни велат „Ве држиме на нишан!“ Кога некој застанал во одбрана на некого од нас? Не како политичари, туку како луѓе? Зар мислите дека ова што е напишано на овие насловни страници е човечки? „Глупави, будали, јадете, идиоти итн“ Ова не постои никаде, ама баш никаде“, потенцира Филипче.
„Она што е важно граѓаните да го знаат, додека се објавува лажна вест, во позадина се одвива кражба. Додека ние се занимаваме со лажни вести, измислени афери Жан, кули итн, а притоа паралелно на тоа Мицкоски на средба во Давос преку посредничка компанија договара мигранти. Така тоа оди – кучињата си лаат, караванот си врви. Вчера ја добивме и последната потврда дека сме единствена вистинска опозиција на политичката сцена во Македонија. Организирани напади врз нас преку контролирани медиуми и наши петтоколонаши беа доволни за да стане јасно дека со цела сила удривме во осиното гнездо. Сакаат да ја запрат единствената вистинска и конструктивна опозиција“.
Она што граѓаните денес го гледаат, нагласува Филипче, е дека СДСМ е конструктивна, а не контролирана опозиција.
„Бевме контруктивни за многу работи, за реформските закони, за закони за поголема минимална плата кои беа одбиени, за поголеми примања во приватниот сектор, кои исто така беа обиени, за намалување на цените на храната, исто така бевме одбиени, за намалување на цената на струјата,исто така владата не одби за се.
Бевме конструктивни и во однос на безбедносниот сообраќаен проект „Safe City“, започнат во време на владата на СДСМ, со цел да се усвојат механизми и да се води сметка за контролата на огромната количина на податоци кој овој систем ќе ја контролина. Никој од Владата нема слух за ова.
Велат дека не сме биле конструктивни затоа што одбивме средба со тендер-коалицијата во врска со укинувањето на единствениот механизам кој може да обезбеди фер и демократски избори.
Како да бидеме конструктивни со поддршка на ваква организирана криминална група? Тоа не се вика конструктивност, туку соучесништво во криминал и корупција. Ние тоа го одбивме. Контролираната опозиција видовме отиде на таа средба и видовте дека ништо не се договори, затоа што целта не беше договор, туку давање легитимитет на оваа тендер-коалиција“.
Тој кажа дека уште денес ќе се обратат до Европската Унија, до нејзините институции, како и до сите меѓународни организации за заштита на слободата на говор и слобода на медиумите.
Правдата ќе победи, потенцира тој.
Македонија
Герасимовски: Годинава стартуваме нови проекти со пензионерите, „Носталгија за корзо“, екскурзии, едукативни работилници и Спортски игри 2026
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска во просториите на Здружението на пензионери на Општина Центар присуствуваше на одбележувањето на 72 години од постоењето на организацијата.
Пензионерите му врачија благодарница на градоначалникот за одличната соработка и партнерскиот однос со Општина Центар.
„Чест е да се добие вакво признание токму од првото здружение на пензионери формирано во Македонија. Навистина соработката е одлична. Годинава ни претстојат заеднички активности со здружението на пензионери на Општина Центар, меѓу кои: „Носталгија за корзо-сеќавање на едно убаво време“, екскурзии низ Македонија, едукативно-креативни работилници за домаќинство, Пензионерски спортски игри, а во план е и изградба на Дом за стари лица“, истакна Герасимовски.
Дополнително, како што е соопштено од неговиот кабинет, локалната самоуправа реализира низа успешни и популарни проекти наменети за сениорите, како што се „Центар се грижи за возрасните“, „Итно копче“, бесплатен превоз до здравствените установи, како и еднократна парична помош, која годинава е зголемена на 5.000 денари.
„Општина Центар останува партнер на Здружението и продолжува да поддржува активно стареење и вклученост на повозрасните граѓани во политиките на локалната самоуправа и во животот на заедницата“.
Македонија
Почна реконструкцијата на улицата „Перо Наков“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска официјално го означија почетокот на целосната реконструкција на улицата „Перо Наков“.
„После речиси три децении запоставеност, започнуваме со целосна реконструкција на улицата „Перо Наков“. Денес, заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, ја започнавме целосната реконструкција на оваа значајна сообраќајна артерија, која секојдневно ја користат илјадници жители. Станува збор за улица од исклучително значење за локалното население и за целата општина, која со години беше во катастрофална состојба и претставуваше вистински предизвик за безбедно и нормално движење“, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека реконструкцијата опфаќа изградба на нови тротоари од двете страни на улицата, доизградба на атмосферската канализација, поставување нов асфалт, современо осветлување и подземно поставување на операторските мрежи.

