Црна хроника
Глоби за 19 прекршители на полицискиот час во Скопје

Против 19 лица, кои не го почитувале полицискиот час, Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе предлози за издавање казнени налози поради извршено кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Обвинетите не се придржувале до одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија и за време на полицискиот час се движеле на разни локации во Скопје.
Обвинителството на надлежниот суд му предложи за сите обвинети да изрече парични казни од 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Приведен полицаец од Струмица кој пукнал во канцеларија додека проверувал пиштол

Полицијата го приведе нејзиниот колега, А.Б.(52), кој се сомничи за предизвикување опшгта опасност.
На 30 април во службена просторија на СВР Струмица во која биле присутни и други полициски службеници, при проверка на службен пиштол кој требало да го раздолжи, А.Б. испукал еден куршум со пиштолот.
За настанот биле запознаени началникот на СВР Струмица, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран и сериозен криминал Скопје.
По документирање на случајот, против А.Б. ќе биде поднесена соодветна пријава.
Топ
По четири години поминати во бегство фатен затвореник од Идризово

Полицијата го приведе А.А. од Скопје, 54-годишен затвореник од Идризово, баран со централна и меѓународна потерница поради бегство од затворот.
Тој бил осуден на казна затвор од 10 години и пет месеци за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, неовластено изработување, држење и тргување со оружје и фалсификување исправа.
Му останале уште шест години и два месеци за доиздржување на затворската казна, но пред четири години, на 5 февруари 2021 година, побегнал кога бил пуштен на домашно отсуство.
Од МВР велат дека затвореникот ќе биде предаден на надлежната казнено поправна установа.
Црна хроника
Кривична пријава за поранешен директор на јавното комунално претпријатие од Струмица

Полицијата поднесе кривична пријава против З.Г.(56) од Струмица, поранешен директор на јавно комунално претпријатие од Струмица поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и против Е.Н.(42), управител на правно лице од Струмица за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Првопријавениот З.Г., извршувајќи ја функцијата директор на јавно комунално претпријатие од Струмица во текот на 2022 година, злоупотребувајќи и искористувајќи ја својата службена положба склучил договор за период од 10 години за закуп на деловен простор лоциран во Градската капела на Градските гробишта во Струмица со пријавената Е.Н. како управител на правното лице од Струмица, со закупнина од 14.200 денари со ДДВ месечно или вкупно 170.400 денари за една година.
Во 2023 година пријавените З.Г. и Е.Н. со умисла извршиле и второ временски поврзано дејствие, односно потпишале уште еден ист договор за закуп за период од 10 години и покрај тоа што претходниот договор од 2022 година бил во важност, за кое нешто од страна на Е.Н. како управител веднаш е извршена уплата за закупнина во вкупен износ од 1.704.000 денари.
Од горенаведеното е утврдено дека првопријавениот З.Г. во текот на 2022 година и 2023 година и овозможил на второпријавената Е.Н. како управител на правното лице од Струмица да врши дејност во објект кој согласно Законот за гробишта и погребални услуги не смеел да се издава на трети лица и со тоа дејствие истиот овозможил јавното комунално претпријатие противправно да се стекне со 1.874.400 денари.