Македонија
По укинувањето на вонредната состојба продолжуваат да течат роковите за избори
Роковите за одржување на изборите ќе течат по укинувањето на вонредната состојба, бидејќи тоа го предвидува уредбата со која тие беа одложени поради коронавирусот, посочи техничкиот премиер Оливер Спасовски. Неговиот став е спротивен на барањето од претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, кој кажа дека најлегитимно е изборниот процес да почне одново.
Спасовски посочи дека ДИК треба да ги спроведе изборните дејствија врз основа на одлуките донесени од институциите, по што посочи дека уредбата донесена од Владата е јасна. Толкувањето на Спасовски за уредбата значи дека ДИК нема да добие нови 60 дена за спроведување на изборите, како што бараше Деркоски, туку ќе има само 24 денови по укинувањето на вонредната состојба.
„На лидерската средба беа понудени и конкретни датуми во однос на одржувањето на изборите, меѓутоа се одлучи на политичко ниво разговорите да се продолжат наредната недела. Уредбата е сосема јасна, ние немавме друга правна можност да одложување на изборите, освен преку таа уредба да се стават во мирување сите избори рокови. Тоа значи дека во моментот кога престанува вонредната состојба, продолжуваат да течат роковите за изборните дејствија“, кажа Спасовски.
Според него, изборите мора да се одржат во рок од 60 дена од распуштање на Собранието.
„ДИК е институција која спроведува изборни дејствија врз основа на одлуките кои ги носат институциите на системот, а тоа е Собранието и оние коишто се надлежни за одржувањето на изборите. ДИК е должна врз основа на пропишаните рокови во законот да ги спроведе изборите и за тоа постојат рокови, како и на кој начин се прави. Сосема е јасно врз основа на уредбата која е донесена на Влада. Изборите мора да се одржат во рок од 60 дена од распуштањето на Собранието, согласно уставната норма. Така што, роковите кои поминале до вонредната состојба, па имаме вонредна состојба каде што се стопирани сите рокови, а со престанување на вонредната состојба продолжуваат да течат роковите и натаму и се одржуваат изборите“, додаде Спасовски.
Прашан каков предлог ќе достави Владата до претседателот Стево Пендаровски, техничкиот премиер Спасовски кажа дека се прават анализи, а одговорот ќе е познат во наредните неколку денови.
„Владата прави анализи и систематизира сè она што беше преземено за прогласувањето на вонредната состојба до сега. Анализите и во делот на здравството и здравствената криза, намалувањето на инфицираните од коронавирусот, но и импликациите врз економијата ќе бидат основ за тоа дали ќе се донесе одлука за нова вонредна состојба. Тоа ќе го имаме како можност за расправа пред Владата во наредните неколку дена, по што ќе се донесе одлуката дали ќе побараме нова вонредна состојба во државата“, кажа Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Учество на министерот Муцунски на конференцијата „Медитерански дијалог“ во Рим
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во работна посета на Рим, Италија, на покана на италијанскиот министер за надворешни работи и меѓународна соработка, Антонио Тајани.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе учествува на 10-то издание на годишната конференција „Медитерански дијалог“ (Rome MED Dialogues), каде ќе има обраќање на панелот под наслов „Нова Европска комисија, стари европски приоритети“.
Дополнително, на маргините на конференцијата министерот Муцунски ќе се сретне со својот египетски колега – министерот за надворешни работи, Бадр Абделату и со сенаторот Џулио Терци ди Сант’Агата.
Македонија
Утрото студено, преку денот сончево со слаб ветер
Утрото ќе биде ведро и студено, по одделни котлини со услови за појава на магла. Преку денот времето ќе биде претежно сончево со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -11 до -3, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје утрото студено, во делови од котлината со услови за појава на магла. Преку денот времето ќе биде сончево и тивко. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во следните денови времето ќе биде стабилно и претежно тивко со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини ќе има појава на магла и пониска дневна температура. Во петок кон крајот на денот се очекуваат повремени врнежи од дожд.
Скопје
Без струја делови од Аеродром и Гази Баба
Од ЕВН Македонија добиено е известување дека поради планирани зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без напојување со електрична енергија ќе останат:
· Од 08:30 до 12:30 часот корисниците од дел од булеварот 3та Македонска Бригада – кај ресторан Дион во општина Аеродром;
· Од 08:30 до 11:00 часот корисниците од дел од улицата Гемиџиска во општина Гази Баба.