Економија
Пауновски: Угостителите да се воздржат од отворање на објектите до нова одлука
Директорот на државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, апелира до угостителите да продолжат да се придржуваат на одлуката на Владата и да не ги отвораат угостителските објекти бидејќи забраната за нивно работење сè уште е во сила.
„Државниот пазарен инспекторат постапува исклучиво по одлуките што ги донела Владата. Во согласност со ова укажуваме дека сè до моментот додека Владата не донесе нова одлука, Државниот пазарен инспекторат ќе постапува и сè што ќе констатира како неправилност, ќе санкционира. Мора да напоменеме дека многу објекти се осмелија, дури и во полициски час, да отвораат и притоа се собираат граѓани. Во вакви случаи постапивме изминатите два дена во Тетово, Врапчиште и во Гостивар“, истакна Пауновски.
Државниот пазарен инспекторат постапуваше по утврдените неправилности и притоа затворени се пет угостителски објекти во Кичево, Охрид, Тетово и во Струмица, а за објектите во Охрид и Струмица ќе следуваат и кривични пријави.
Воедно, евидентирани се 5 прекршоци за непочитување на замрзнати цени или несоработка при надзорот во повеќе населени места и се запечатени 3 кафемати во Штип. При контролите извршени во Виница, Кочани, Пробиштип, Делчево. Ресен, Прилеп, Кичево и во Скопје евидентирани се 18 прекршоци за непочитување на одлуката за лична заштита и еден прекршок по одлука за ред и дисциплина пред и во трговските објекти.
Претседателката Филиповска-Грашкоска истакна дека Државниот инспекторат за труд во горенаведениот период го зголеми обемот на активностите, при што реализира вкупно 819 контроли кај работодавци по планиран распоред или по доставена пријава од граѓани. За периодот од 4 до 11 мај од страна на овој Инспекторат донесени се 11 решенија и 39 укажувања за работодавците шт не постапиле по препораките на Владата.
„Постапувајќи по препораката за платено отсуство на родител на дете до 10 години, самохран родител, бремени жени и хронични болни, Трудовиот инспекторат констатира дека повеќето од работодавците ги почитуваат препораките за заштита на вработените од Ковид-19, при што кај одреден број работодавци е евидентирано дека има работници што работат и од дома“, нагласи Филиповска-Грашкоска.
Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од овие седум дена спроведе вкупно 214 надзори во повеќе градови во државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти, зелени пазари.
„Притоа е издаден еден прекршочен платен налог поради промет со небезбедни производи, изречени се вкупно 5 решенија поради неспроведување контрола на штетници и заштита од нив, неводење записи или лоши хигиенски услови, како и вкупно 12 казнени мерки едукации поради непримена на заштитни мерки против коронавирусот, неводење евиденции за добра хигиенска пракса и неправилно означување на производите“, посочи Филиповска-Грашкоска.
Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД во периодот од овие пет дена изврши вкупно 69 контроли. Притоа е констатирано дека нема специфични отстапувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска: ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која беше потврден силниот заеднички фокус кон унапредување на енергетската инфраструктура и забрзување на реформските процеси во земјата.
На средбите се разговараше за неколку стратешки проекти што ќе започнат во следната година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем со капацитет од 300 MWh.
„ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор. На средбата се усогласивме околу финализацијата на неколку стратешки проекти важни за 2026 година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем на ЕСМ со вкупен капацитет од 300 MWh. Овој проект е клучен за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем,“ истакна Божиновска.
На средбата се разговараше и за следните чекори во подготовката за воведување на ESCO-моделот во земјата. Двете страни ги разгледаа можните области за пилот-проекти и моделот на институционална соработка што ќе обезбеди несметана имплементација.
„ESCO-моделот е нова можност за граѓаните, институциите и целиот систем – модел кој дава реални резултати. Нашата цел е да создадеме јасна рамка, предвидливи процедури и подготвеност за негово постепено воведување,“ додаде министерката.
Министерството за енергетика и ЕБОР договорија во наредниот период да продолжат со заедничка техничка подготовка, со јасен фокус кон обезбедување услови за брза и успешна реализација на проектите што директно ќе ја зајакнат енергетската сигурност на земјата.
Економија
Со цена повисока од претходната до „ЕВН Хоме“ стасала само понудата на ЕСМ за набавка на струја
ЕВН Хоме соопшти дека на тендерот за набавка на струја за задоволување на потребите на корисниците за периодот јануари-декември 2026 добиле само една понуда и тоа од АД ЕСМ, со купопродажна цена на електрична енергија од 65 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини.
„Оваа цена е повисока за 4,84 % од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јуни-декември 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас.
Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,26% во однос на одлуката од 24.11.2025 година.
Од 28.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 70,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,865 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,370%, кај дизелот за 6,738%, кај екстра лесното масло за 6,741% и кај мазутот намалувањето за 3,944%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4085%

