Црна хроника
Маж и жена со пиштол-играчка ограбувале низ Карпош
Маж и жена од Скопје ограбувале во скопската населба Карпош, при што влегувале во влезови на згради и со закана со пиштол-играчка ограбувале жени.
На 11 мај, во влезот на станбена зграда на улицата „Радика“ во Скопје, осомничениот се заканил дека ќе нападне врз животот и телото на една оштетена и на тој начин и одзел ранец во кој се наоѓале пари, картички, лични документи и други предмети во вкупна вредност од 26.600 денари. Откако оштетената влегла во влезот на зградата, осомничениот ја следел и двајцата започнале да се движат нагоре по скалите. Во еден момент тој и се доближил и извадил пиштол-играчка, па побарал да му ги даде сите предмети кои оштетената ги имала со себе. Потоа побарал оштетената да му ги даде и клучевите од нејзиниот стан и автомобил, на што таа најпрвин се спротивставила. Откако тој повторно и се заканил со пиштолот-играчка му ги дала клучевите и тој заминал во непознат правец.
На 15 мај, во влезот на станбена зграда на улицата „Варшавска“, првоосомничениот помогнат од второосомничената, одзел мобилен телефон од една оштетена. Кога оштетената влегла во влезот од зградата забележала дека лифтот се сервисира. Во тој момент во влезот влегле осомничените, при што второосомничената и понудила на оштетената првоосомничениот да и помогне и да и ја качи количката до катот каде што живее. Оштетената ја прифатила понудата и се качиле на третиот кат. Кога оштетената започнала да ја отклучува вратата од станот забележала дека и го нема мобилниот телефон кој се наоѓал во количката и веднаш се упатила кон осомничениот кој тргнал да си оди, барајќи да и го врати телефонот. Тој започнал да ја турка и да ја удира во ѕидовите од влезот, а во еден момент извадил пиштол-играчка и се заканил дека ќе ги убие и оштетената и нејзината малолетна ќерка која оштетената постојано ја држела во рацете. По ова тој побарал да ја отвори влезната врата од станот и да му ги даде сите предмети кои што се вредни, но оштетената се спротивставила и започнала да вика. Тогаш излегле соседите од нејзиниот кат, по што осомничениот избегал од местото.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за првоосомничениот 40-годишник, како и предлог за определување мерка куќен притвор за второосомничената на возраст од 41 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Залутан куршум заврши во куќа во Долно Лисиче
Вчера во СВР Скопје, Д.А. од село Долно Лисиче, скопско, пријавил дека, додека седел во дворот од куќата, слушнал истрел, а потоа пронашол заталкано зрно од огнено оружје, кое му го оштетило стаклото од балконот.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а зрното било подигнато за понатамошна постапка.
Црна хроника
Измама со крипто валути, кумановец останал без 43.750 евра
Вчера во СВР Велес, 48-годишен кумановец пријавил дека бил измамен за сума од 43.750 евра.
Според пријавеното, тој на социјална мрежа објавил оглас за откупување на крипто валута, а подоцна преку друга социјална мрежа контактирал со лице со кое се договориле во крипто менувачница во Велес да ги уплати парите, а за возврат да му се исплатат крипто средства.
Пријавителот ги предал парите на лице вработено во менувачницата во Велес и му било кажано дека истите се испратени на наведената адреса, но тој на својата адреса не ги примил крипто средствата, а лицето со кое контактирал го избришало разговорот од социјалната мрежа и ги блокирал неговиот број и бројот на менувачницата, по што сфатил дека бил измамен.
Известен бил јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
фото/Depositphotos
Топ
Уапсена лихварка од Струмица: дала 2.700 евра, а барала да се вратат 15 илјади евра, фатена кога ја примала каматата
Вчера во 12:00 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица ја лишија од слобода 53-годишната Ј.Т. од Струмица. Според пријавеното, таа во јуни 2025 година на жител на струмичко село му дала пари во износ од 2.700 евра, за кои сега барала да му врати несразмерен износ од 15.000 евра.
Имено, вчера оштетениот остварил средба со Ј.Т. на која требало да ѝ плати 100 евра, сума која ја определила како месечна камата за основниот лихварски долг. Во моментот кога ѝ ја дал банкнотата од 100 евра, која била претходно обележана, Ј.Т. е лишена од слобода.
Притоа, бил извршен преглед кај неа и биле пронајдени обележаната банкнота од 100 евра, тетратка и листови хартија на кои ги нотирала износите на парични средства кои ги давала на лица и износите кои како камата требало да ѝ бидат вратени.
Подоцна, со судска наредба, бил извршен претрес во нејзиниот дом, при што се пронајдени и одземени пари (денари и евра), нотарски акти, како и тетратки и листови на кои ги евидирала дадени износи на пари, од кои е утврдено дека Ј.Т. досега во повеќе наврати давала пари на лица, а тие требало да ѝ вратат несразмерен износ со кој таа се стекнувала со противправна имотна корист.
Ј.Т. е задржана во Полициската станица Струмица и за случајот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основано сомневање дека сторила кривично дело „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик.

