Македонија
(Видео) Арсовски: Во време на вонредна состојба, блиски луѓе до Заеви добиваат лиценци за марихуана
Има разлика помеѓу нормална држава и мафијашка држава. Република Македонија одамна е мафијашка држава контролирана од еден клан. Додека граѓаните бројат ново заразени и црното конто на жртви секојдневно расте, Владата предводена од СДСМ неспособна да се носи со кризата, во вонредна состојба продолжуваат да работат криминално, корумпирано и штетно и единствено да работат за бизнисите на фамилијата Заеви, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Да, за жал додека сите земји во светот од петни жили се борат да помогнат на стопанството со денар повеќе, кај нас не само што не им помага Владата на компаниите, туку оваа криминална и корумпирана Влада носи одлуки во корист на бизнис мафијата Заеви.
На седница на Влада на 12 мај пред 5 дена, во време на вонредна состојба заради корона кризата, криминалната Влада на СДСМ, доделува 2 лиценци за одгледување на марихуана на фирмите Еко Енерџи-Космос од Зубово – Ново Село и фирмата Лајтинг Лукс од Струмица.
Во фирмата Еко Енерџи-Космос управител е синот на градоначалникот од Ново Село, близок до Заеви, кој шверцуваше цигари и беше фатен и спасен воедно од фамилијата Заеви, а еден од сопствениците на истата фирма е Христијан Котев, син на претседателот на СДСМ Ново Село, Тони Котев.
Во другата фирма која доби лиценца од Заеви пред 5 дена Лајтинг Лукс, сопственик и управител е Славица Котева, инаку братучетка на Претседателот на СДСМ Ново Село и тетка на сопственикот на првата фирма Еко Енерџи-Космос која што исто така доби лиценца. Инаку сите гореспоменати се блиски до семејството Заеви, имено до браќата Зоран и Вице Заеви.
Е ова е правото лице на СДСМ. За жал ова е и правото лице на Венко Филипче, кој е можеби и највиновниот за доделување на овие 2 лиценци имајќи во предвид дека овие лиценци ги доделува ресорното министерство за здравство, па дури потоа Владата ја гласа одлука. За жал наместо Венко Филипче да се бори за здравјето на граѓаните, Филипче одработува за фамилијата Заеви.
Јавно ги прашуваме, Венко Филипче, Зоран Заев, Оливер Спасовски дали лиценците за марихуана доделени на блиски луѓе до фамилијата Заеви се поважни од здравјето на граѓаните на Република Македонија? Дали некоја институција ќе се одважи конечно да им ги оспори овие бизнис одлуки на СДСМ додека граѓаните мака мачат со здравствена и економска криза?
Одговорност за ова и за се останато мора да има и верувајте дека ќе има. Не смее никој да се богати на сметка на стравот на граѓаните предизвикан од корона кризата. Верувајте дека за сите криминалии ќе одговараат!“ порача Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

