Европа
Оланд: Европа мора да биде способна самата да се брани
Европа мора да биде способна самата да ги одбрани своите вредности и интереси, бидејќи нема заедница која може да опстане доколку самата не може да се одбрани, изјави во петокот во словачката престолнина Братислава францускиот претседател Франсоа Оланд во пресрет на самитот на Европската унија на којшто, како што најави, Франција и Германија имаат „силна порака“ којашто сакаат да ја упатат.
„Франција не може и не сака да биде сама. Сака да биде прва, но сака Европа со Франција и Франција во Европа да можат да ја осигурат својата сопствена одбрана во рамките на НАТО, со американските партнери. Секој кој знае дека доколку САД одлучат да се оддалечат, Европа ќе мора да биде способна самата да се одбрани“, изјави францускиот претседател Франсоа Оланд за новинарите по доаѓањето на еднодневниот самит во Братислава кој би требало да биде фокусиран на иднината на Европската унија по референдумската одлука од 23-ти јуни Велика Британија да истапи од ЕУ.
Оланд притоа нагласи дека „нема континент, ниту заедница доколку тие не можат сами да ги одбранат своите вредности и интереси“.
„Франција и Германија имаат силна порака којашто сакаат да ја упатат. Европската одбрана претставува за Европа голем предизвик“, смета францускиот претседател. Пред самитот во Братислава, Париз и Берлин подготвија заеднички предлози за „пореактивна и поефикасна“ европска одбрана во рамките на јакнењето на Европската унија по британското излегување. Франција и Германија се залагаат за продлабочување на европската воена соработка, и работата на начините на коишто ЕУ би можела побрзо да ги развива своите сили, а безбедносната соработка се покажува како обединувачка сила за Европа по одлуката за Брегзитот.
„ЕУ е во критична ситуација. Мораме со нашите акции да покажеме подобро“ во домените на безбедноста, внатрешната и надворешната, во борбата против тероризмот, во соработката на полето на одбраната, како и во прашањата поврзани со растот и вработувањето, призна по доаѓањето во Братислава, германската канцеларка Ангела Меркел.
Главните теми на братиславскиот самит се сигурноста на границите, борбата против тероризмот и ублажување на некои од ефектите од глобализацијата кои донеле економска несигурноста, како и решавање на мигрантската криза, односно договор за распределба на товарот кон бегалците.
словачкиот премиер Роберт Фицо, кој е домаќин на самитот заедно со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, рече дека по британското излегување и ризиците кои со него се поврзани, треба да се биде искрен околу проблемите кои стојат пред ЕУ, и да се покаже единство.
„На крајот од денот се надевам дека ќе имаме ‘Насоки од Братислава’, како и дека ќе ги искористиме како основа за продолжување на работата, во декември во Ла Валета, а потоа напролет во Рим… Не се сомневам дека самитот ќе биде успешен во таа смисла“, рече словачкиот премиер Фицо.
Туск, по пристигнувањето во Братислава, не им се обрати на новинарите, но во својата порака во пресрет на самитот ги повика челниците во и на ЕУ да бидат „трезвени и брутално искрени“, кога станува збор за проблемите на Унијата.
„Не дојдовме во Братислава за да се тешиме едни со другите. Или, уште полошо, да ги пренебрегнеме реалните предизвици со коишто се соочуваме. Во овој посебен момент од историјата на нашата заедница, по гласањето во Велика Британија, единствената работа којашто е логична е трезвена и брутално искрена процена на ситуацијата“, порача Туск пред самитот.
„Она што денес ни е потребно, е оптимистично сценарио за иднината, без сомневање, Но за тоа треба реална дијагноза на примерокот Брегзит и неговите политички последици за целата Европа. Една работа тука во Братислава мора да биде апсолутно јасна: не можеме да започнеме расправи со блаженото уверување дека ништо не е погрешно, дека сé било и е во ред“, напиша уште челникот на Европскиот совет.
Додаде и дека во Братислава и по неа Европската унија би морала да им покаже на своите жители дека извлекла поуки од британското напуштање на блокот, како и дека се способна да ја врати стабилноста и чувството на безбедноста и ефикасна заштита. „Се надевам дека ткн ‘Насоки од Братислава’ коишто ќе ги претставам (на самитот), ќе бидат првиот чекор во тој правец“, заклучува Туск.
Самитот во Братислава би требало да го означи почетокот на процесот на договарање за иднината на Европската унија, кој би требало да донесе конкретни заклучоци до пролетта следната 2017 година, кога во Рим повторно ќе се соберат челниците на ЕУ на одбележување на 60-годишнината од потпишувањето на Римските договори./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

