Црна хроника
Шок и неверување кај блиските на загинатите во страотната несреќа кај Кавала
Роднините со неверување ја примија веста за тешката сообраќајна несреќа, што вчера се случи во Грција, во која животот го загубија четворица членови на семејството Шемо од Струга.
Ги затекнавме пред домот на загинатите во центарот на градот, скршени од болка. Ни кажаа дека загинатите биле добри и чесни луѓе.
За време на кобното патување постојано биле во контакт со роднините, а последен пат се слушнале со нив час и половина пред тешката сообраќајна несреќа во која загинаа мајка, син, ќерка и малолетно внуче, а уште пет лица беа повредени.
„Се враќаа од свадба во Турција, каде заминаа пред три дена. На влез во Грција се случи голема несреќа, но не знаеме што ја предизвикало“, изјави за Охридњуз Зекир Јусуф, роднина на загинатите.
Веднаш по несреќата дел од роднините заминале во Кавала Грција, каде се хоспитализирани преживеаните. Таму од неделата е и претставник на Македонскиот козулат. Оттаму информираат дека се преземаат сите потребни активности за помош на повредените и пренесување на телата на загинатите во Македонија.
Според процедурата врз починатите треба да се изврши обдукција, што малку ја компликува ситуацијата, бидејќи се работи за муслимански верници, па се чека согласност од роднините за овој дел од протоколот и начинот на транспорт во Струга. Ангажиран бил, исто така, и адвокат за возачот на комбето, кој треба да даде изјава пред грчките истражни органи, во истрагата којашто треба да ги расветли причините за големата трагедија.
Семејството Шемо е меѓу најугледните во Струга. Сограѓаните велат дека се големи еснафи и успешни деловни луѓе. Нивните дуќани во центарот на градот денеска не работеа. Струшката јавност е потресена од големата трагедија, кометирајќи дека ова лето во градот на Дрим, како никогаш порано, се случиле голем број немили настани./крај/он/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Претрес во Кичево, пронајдена дрога, уапсено едно лице
Вчера во 13:50 часот во Кичево, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево го лишија од слобода У.З.(45) од Кичево.
При претрес во неговиот дом и неговото возило „хјундаи“, извршен со судска наредба, пронајдени и одземени се марихуана, бела прашкаста материја и предмети со остатоци од бела прашкаста материја.
Тој е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Уапсен маж од охридско, измамил жена со лажна сообраќајка и зел 8.000 евра
Полицијата уапси измамник од охридско, измамил жена од струшко за сума од 8.000 евра.
Вчера во 11.40 часот во Струга, полициски службеници го лишија од слобода Н.С.(40) од с.Горно Лакочереј, охридско.
Тој се сомничи дека на 11.12.2025 измамил 77-годишна жена од струшко село за сума од 8.000 евра. Според пријавеното, тој телефонски ја побарал жената, лажно се претставил и ѝ рекол дека нејзината ќерка прегазила дете на пешачки премин и дека ќе треба да плати за да ја пуштат, односно да ја ослободат од наводно обвинение.
Откако се договориле жената му ги дала парите и тој заминал.
Против него е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело измама.
Црна хроника
Кривична пријава против поранешна директорка и вработени во Центарот за социјални работи во Тетово
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешна директорка и вработени во Центарот за социјални работи во Тетово, како и три лица од Боговиње, поради злоупотреби при остварување на право на надомест заради попреченост.
Според информациите од МВР, СВР Тетово поднесе кривична пријава против Х.А.(46) од Тетово, вработен како раководител на сектор во Јавна установа „Центар за социјални работи“- Тетово и В.А.(49) од Тетово, директор во установата, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Ќ.Б.Д.(34) од Тетово, стручен соработник, и А.Љ.(40) од Тетово, социјален работник во установата поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ и против М.Н.(57), Ш.С.(52) и А.Ф.(54), сите од с.Боговиње, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на службена исправа“ и „давање лажен исказ“.
Во текот на 2024 година, првопријавениот изготвил и донел позитивни решенија за остварување на право на надомест заради попреченост на лице со најтешка телесна попреченост, на име на петто и шестопријавената, за кои претходно не била извршена соодветна проверка, додека второпријавената како директор, потпишала и донела позитивно решение по истиот основ на име на седмопријавената.
Трето и четвртопријавените, кои ги воделе постапките за лицата, не извршиле непосреден увид во домаќинството на корисникот, додека петто, шесто и седмопријавената во постапката пред надлежен орган- ЈУМЦСР Тетово, поднеле барања со давање на лажен исказ дека истите ги исполнуваат условите за остварување на правото на надомест за попреченост на лице со најтешка телесна попреченост, а приложиле и фалсификувана службена исправа-конзилијарно мислење, за што по извршените проверки констатирано е дека наведените лица воопшто немале закажан термин.

