Македонија
Караџовски: Памет во глава, сите сме потенцијална жртва на вирусот
Топлото време не го убива вирусот, а за оние кои не веруваат дека постои, епидемиологот Жарко Караџовски препорача да се стават во улога на семејствата кои изгубиле близок поради вирусот за да се уверат во неговото постоење. Караџовски уверува дека здравствените институции се под контрола, а здравствените работници веќе имаат тримесечно искуство со вирусот кое ги прави подготвени навремено да реагираат.
„ Слушам разни шпекулации дека вирусот го нема, дека умрел, дека ние измислуваме… Ве молам ставете се во улога на фамилија која изгубила некој најдраг. За тие фамилии болеста е сто отсто смртоносна. Што можеме да очекуваме? На јужната хемисфера во моментов Бразил е држава број два. Ако САД се број еден, Бразил во моментов со 270.000 случаи, кој е на јужната хемисфера, значи топлото време и сувата клима не го убива вирусот, имаат по 1000 мртви секој ден. САД, иако најмоќна држава во светот се уште кубурат со здравствен персонал, со болници, со институции кои ќе пружат здравствена заштита и нега“, рече епидемиологот Караџовски.
Тој тврди дека здравствениот систем е спремен доколку се отворат границите да има повеќе институции кои ќе тестираат но повтори дека битката не е завршена. Побара доследно да се почитуваат превентивните мерки односно дистанцата, носењето респираторна маска како и дезинфекција и често миење на рацете.
„Ќе ми речете – чекајте докторе, во 21 век ми кажувате методи од 19 век? Ве молам, секаде во светот е иста мерка. Додека не се измисли вакцина, никој не измислил поинаква мерка. Вирусот го уништува често миење раце, дезинфекција на раце и она што го велиме ние – памет во глава. Не можеме да се надеваме дека вирусот некого од нас ќе го заобиколи, сите сме потенцијална жртва“, предупреди Караџовски.
Во следниот период Караџовски најави дека ќе се направат околу 10.000 тестови преку масовно тестирање на здравствените работници, на таксисти, возачи во јавниот превоз вработени во армијата и во полицијата на ист начин како што се врши тестирањето на вработените во градинките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

